Интервју со Емилија Розман

Македонската мисица долги години е активен волонтер

redcross1

ВЦС – Најнапред ти благодариме што најде време да дојдеш да не посетиш во Волонтерски Центар Скопје и покрај зафатениот распоред.

ЕР – Ви благодарам на поканата и добро ве најдов.

ВЦС – Ајде на самиот почеток да те прашаме како одговараш кога некој ќе те праша “Која е Емилија Розман”?

ЕР – Да, луѓето секогаш се збунуваат кога некој ќе праша кој е тој и тој, Јас сум јас. (хахаха) Јас сум сето тоа што го правам во животот, луѓето што ме опкружуваат, моето секојдневие, работите што ги правам, музиката што ја слушам. Обична девојка која студира на Институтот за Дефектологија на Филозофскиот Факултет, и паралелно си влезе во една нова авантура Шпански јазик на Филолошки Факултет што малку поспоро иде со оглед на моите ангажмани. Волонтер сум во Црвен Крст уште од мојата 10та година и тоа е нешто што ме исполнува и ме прави најсреќна на целиот свет. Работам и како модел што многу луѓе нели тоа го потенцираат и покрај тоа што сметам дека треба акцент да се стави и на други работи но тоа е тоа, и така накратко тоа е Емилија Розман.

DSC00060

ВЦС – Супер, веќе спомна нешто што сакам следно да те прашам, а тоа е волонтерството, спомна дека си волонтер во Црвениот крст, што преставува тоа за тебе?

ЕР – Да, како што кажав волонтер сум уште од својата 10та година и тоа е најдоброто нешто што го имам направено за себе во животот поради тоа што уште од млади години ме изгради како личност ме научи на премногу работи што ги знам во животот, и искуството што го стекнав таму и луѓето кои ги запознав, сите обуки на кои присуствував ме научија и изградија да бидам посебна личност во смисол личност која сакам да бидам што во денешно време во нашето општество е помалку тешко да се постигне. Го поддржувам волонтерството и без разлика дали се работи за волонтирање во хуманитарна организација како Црвениот крст, убаво е да се волонтира пред се поради дружбата и искуството кое се стекнува,другарствата кои се остваруваат итн.

ВЦС – Твоите почетоци во моделството, кога како започна сето тоа?

ЕР – Започна отприлика околу мојата 17та година, реално цел живот бев машкоданка, обожавав да играм фудбал, да играм кошарка, не ги сакам многу многу оние барби работи на некој начин не ми беа така привлечни интересни. И брат ми често ми кажуваше “Не треба да се каеш за работите што ги имаш направено, но за тие работи кои ги немаш направено” Јас на 17 год. со мојот детски мозок размислував што јас немав направено во мојот живот, нели на таа возраст е огромна работа да имаш 17 години (хаха) и дојдов до заклучок дека може треба да пробам нешто така по женствено да бидам манекенка, и така започнав со курс што реално во нашава држава е смешна работа , и така влегов во тие води и одеднаш почнаа да ми нудат ревии, каталози, сликања и се друго што тоа мене ми беше забавно на таа возраст поради тоа што нели сеуште не си насочен што точно сакаш да бидеш, професија и слично, запознавав луѓе бев во тие кругови и беше интересно. И така сето тоа на некој начин продолжи да си функционира, почнав да заработувам, ми се пружи можност да патувам низ светот што е мојата најголема желба така што, работите си течеа сами по себе иако не очекував дека ќе завршам во тие води, затоа тогаш најнебулозната работата за себе што можев да ја замислам е дека ќе станам толку женствена и манекенка но, се случи.

DSC000745

ВЦС – Една од придобивките е значи патувањето, кои се другите придобивки?

ЕР – Да, пред се супер се патувањата, луѓето кои ги запознавам, и да кажам сметам дека сум ете благословена ако можам така да се изразам или не знам среќна што универзумот и Бога ми подариле таква можност , ме навеле на тој пат да можам да шетам да го работам тоа што го сакам, што ме прави среќна што е интересно. Запознав многу различни кулури, запознав многу девојки од различни места на светот и е многу интересно да се види каков е нивниот начин на живот како функционираат работите надвор од нашата држава. Култура, традиција, животот едноставно што они го живеат е многу поразличен од нашиот и многу се прошируваат видиците кога се има можност да се комуницира со огромен број на различни луѓе кои секојдневно влегуваат и излегуваат. Тука се и негативните работи, сите тие луѓе ми недостасуваат, секој во својата страна на светот, но благодарение на интернетот и денешните технологии имаме можност за комуникација и да бидеме во контакт дури секој ден.

DSC00065

ВЦС – Кажа дека Бог ти дарил можност да го работиш тоа што го сакаш, и покрај тоа што ти дарил ние би рекле убавина, сепак треба телото да се одржува во форма, како ти се грижиш за своето тело?

ЕР – Па, Бог, мама и тато, универзум, кој во што верувам нели, а се одржувам со ред чоколадо ,чаша зелен чај, ред чоколадо чаша зелен чај и се создава некаква рамнотежа(хахаха). Порано воопшто не обрнував до тој степен внимание на телото поради тоа што се чувствував добро во своето тело, но кога излегов надвор од нашата држава и кога видов дека треба малку повеќе да се води грижа за телото, уште повеќе што надвор нели тие манекенски стандарди се извитоперени, и бараат работи што не се многу здрави, ама ете треба да се ослаби да се изгуби некое кило за одреден каталог за одредена ревија и почнав да ја посетувам теретаната, кога бев во Индија научив и кикбокс, имаше еден дечко таму кој ме тренираше секојдневно што е реално многу добро и за самоодбрана затоа што има многу луѓе што треба да им покажете кај им е местото, се шегувам.. (ахахахах). Но да, подржувам спорт уште од мали нозе играв во машкиот состав на МЗТ, иако никогаш немав можност да настапувам со нив нели поради тоа што беа машка екипа ама ете на некој начин ме зацврстија, машките 10 круга и јас 10 круга, тие склекови и јас склекови , сакаш со машки да тренираш нема тука женско(хахаха). Мразам диети, обожавам чоколадо, обожавам пржени компирчиња, си пружам такви задоволства, но затоа во теретаната поминувам одреден дел од денот, од еден до два часа, зависи.

ВЦС – Си го одржуваш телото во супер кондиција, пред се здраво и негде прочитавме дека си против нагли ослабнувања и диети за фамозната 0 величина?

ЕР – Сум, сум многу против тоа, поради тоа што се случи јас кога имав најниска тежина 55кила, и буквално бев коска и кожа, стигнувам во Милано пресреќна што изгубив одредена тежина и спремна за работа таму ми кажаа дека сум била многу подебела од тоа што очекувале. На кастинзи видов толку слаби девојки што во секој момент очекував да паднат, толку преслаби што е бизарно. Страшна работа е што ги терат девојките во Милано да јадат памук, за да се чувствуваат заситени за телото да не им бара храна за пред ревии пред настапи да изгледаат многу послабо, и сетоа тоа се болни работи што сум тотално против и сметам дека телото треба да се одржува во здрав дух, ни премногу дебело ни премногу слабо не чини, значи се што е премногу не е добро за телото, треба да се одржува некоја одредена тежина, да се одржува телото во форма и сетотоа може да се направи на друг начин, а да не биде изгладнување. Во Париз воведоа нов закон поради тоа што многу девојки умираат од анорексија, парична казна за сите компании кои ќе ангажираат анорексични модели, но тоа за нив не важи затоа што за големите имиња и брендови, не им значи ништо парична казна од 5000, 6000 евра, така што тоа не се почитува воопшто, нив им е важно да си го завршат проектот нели на начин на кој тие си го замислуваат. Но најново сега воведоа и затворска казна, па не е исто парична казна и затвор, со што многу луѓе се надевам дека ќе го сменат пристапот.

ВЦС – Кои ти се целите во животот, каде се гледаш понатаму?

ЕР – Џон Ленон мислам дека беше од Битлси кој кога го прашале што сакаш да бидеш во животот одговорил СРЕЌЕН, па му кажале дека не го разбрал прашањето а тој им одговорил не сте го разбрале одговорот. Тоа ми е еден од главните цели во животот да бидам среќна, исполнета пред се духовно поради тоа што, џабе ни се материјалните ствари, кога во 21 век се се сведува нели на материјалното, на богатството, на славата, што е тотално небитно затоа што човек може да ги има сите пари на светот но ако одвнатре не се чувствува исполнет и среќен сето тоа му е џабе. Така, сакам да бидам среќна, успешна и работам на се тоа што сакам да постигнам, сакам да го прошетам светот, сакам да им помагам на луѓето и сакам да ги правам среќни. Тоа не е кариера, но ете сите тие работи ако ги склопам гледам иднина во UNICEF, сакам еден ден да станам амбасадор на UNICEF да ја подржувам нивната благородна мисија, да го пружам на луѓето сето она што мене животот ми го пружи, има луѓе кои ги немаат ни основните работи така што имам доста големи планови но на сето тоа треба да се работи затоа што едно е да се збори и да се сака, но друго да се дејствува, зборовите се само излишни.

DSC00072

ВЦС – Ти посакуваме многу успех во остварување на тие планови. Си посетила многу земји, и не те тераме да ни издвоиш една затоа што е невозможно, но ете можно ли е да одвоиш неколку кои ти оставиле најголем впечаток, кои култури?

ЕР – Секоја земја си е посебна на свој начин, секоја земја си има нешто свое нешто толку уникатно, по што е препознатлива само таа одредена земја, на пример Индија, прв ден за мене беше шок, нешто што е толку нечисто толку валкано јас во животот немам видено, ама што знам ете за мојот престој таму од месец ипол, тие имаат таква некоја традиција, таква некоја духовност што ние да живееме уште 100 години никогаш нема да ја постигнеме. Толку сиромашни а весели луѓе, толку преубави места иако секој ден различни места посетував јас можам да кажам ништо не видов од таму. Ја сакав Шпанија и сакав таму да живеам, но кога отидов во Милано јас таму мислам дека ги имав најубавите денови од својот живот, за работа до негде е тешко поради фактот дека има премногу девојки, огромна конкуренција и треба да се води еден нездрав живот затоа што тоа се бара од тие девојки. Но од друга страна социјалниот живот што тие го имаат, сите забави сите места, секоја земја си има различен дух. Италија е нешто посебно, било која држава, за Турција, за Истанбул, јас во Истанбул ако соберам се на се поминав повеќе од година од мојот живот, но секој пат кога ке отидам секој пат има нешто ново да се види. Кина исто така, толку посебна земја што не знам од каде да почнам. Секоја земја има своја магија.

ВЦС – Ја спомна Кина, а како најтазе е тоа што оваа година ти ја имаше честа да не претставуваш на Мис на Светот, какво е пак тоа искуство?

ЕР – Тоа беше мое второ патување, но секој пат едно друго искуство. Мис на Светот е едно огромно случување, кога им кажав дома дека ќе ја претставувам Македонија на таков избор моите беа фрапирани, татко ми ми кажа дека сонуваше секојпат кога ќе погледнеше на ТВ таков избор еден ден да има толку убава ќерка, која ќе претставува една цела Земја на еден таков избор што реално не е мала работа иако кај нас не се ценат толку тие настапи тие избори. Во нашата држава е смешно кој се може да биде одредена Мис на нешто и колку тие вредности се намалени, надвор го ценат многу повеќе сето тоа и кога отидов таму реално бев пресреќна и си ветив дека ќе дадам се од себе дека ќе не претставам во најдобро можно светло, не само поради себе туку една држава од 2 милиони луѓе, која огромен број на луѓе не знаат дека постои, една таква мала држава кој нуди толку многу, толку благородна, и богата со природни убавини и сакав да му покажам на светот. Кога отидов таму, одма се гледаше кои девојки се форсирани, сите си имаме фаворити, си има организацијата си има и жирито свои фаворити, се забележува одма во старт. Бев шокирана од една страна од цела таа организација, и од друга страна не можам да си простам дали на себеси дали на сите организција кои треба да бидат вклучени од нашата државата и кои требаше да ме подржат дали на финансиски план дали во смисол на продукција, сите работи сите видеа кои беа потребни, да се ангажира студио, тоа не се некои којзнае колкави цифри кои што не можеме да си ги приуштиме, имаше и такви коментари од типот “луѓето немаат што да јадат а ти бараш некој да те спонзорира тебе”, значи не, не јас, не мене. Најголемите амбасадори се луѓето кои не преставуваат преку спортот, преку културата, музиката, значи не се луѓето од политиката, и од тој свет се луѓето кои не преставуваат и не сакаат и ако ние не вложуваме во таа сфера, не мора да биде во избор за убавина нека биде музика култура, некој кој нас ќе не претстави или кој би рекол еј ќе ја посетам таа држава од два милиона кога имаме дестинации низ светот како што се островите, кои се егзотични и привлечни и за очи и за сите чувства, сите сетила да кажам. Така, кога отидов таму кога видов колку можности имам сето тоа од ден на ден како опаѓаше и како губев многу бодови поради таа лоша организација. Доаѓа Мис Талент, а јас немам што да правам затоа што некој не ме известил на време дека знаковниот јазик не е прифатено како талент, иако имав прекрасна замисла да настапам со една песна од Џон Леџенд на знаковен начин да ја интерпретирам, но сето тоа некој требаше мене да ми го каже затоа што обожавам латино танци и супер се снаоѓам и можев да спремам некоја точка и би било супер, но пак ќе кажам сето тоа некој требаше да ми го претстави. Мис Мултимедија, да од Медиумите не можам да се пожалам, најголема поддршка ми беа моите најпрво, блиските пријателите, потоа медиумите, народот, не сакам да биде дека не успеавме па после плачеме, сакам да знаат што се случуваше всушност таму,кој беше патот и дека можевме да имаме многу поголем успех. И кај нас обично ги даваме заслугите ако освојат нешто ако постигнат нешто, а претходно никој не ги препознава. Како глувонемото дете учесник во олимпијада, кај беа да го финансираат претходно значи, да му обезбедат место за тренирање, али затоа кога детето го постигна неговиот успех сите наши беа тука да го потапшаат по рамо да му кажат браво, да му организираат пречеци и сите работи кои ги заслужуваше и пред да го постигне тој успех, но тоа е така кај нас. Жално и криво, но во секој случај преубаво искуство, влегов во историјата како Мис 2015/2016 год. И тоа е нешто што останува и никој не може да ми го одземе.

ВЦС – Која е твоја следна дестинација, желба, на приватен план?

ЕР – Кај мене приватниот живот и работата на некој начин ми се спојуваат и можам преку мојата работа да изберам места кои сакам да ги посетам, таква ми е работата има огромен број на пазари во целиот свет и местата кои од секогаш сум сонувала да ги посетам, и така си дозволувам и да заработувам и да шетам. Има доста дестинации, Мексико, Индонезија, Тајланд, разговарам и со моите поради тоа што ми значи нивното мислење, што тие сметаат, каде би требало да одам, така што не знам точно, но во секој случај ќе биде некое ново интересно место.

ВЦС – Ти се заблагодаруваме за времето, за тоа што беше наша гостинка. Ти посакуваме многу успех во твоите намери и ти посакуваме да си пред се СРЕЌНА како што кажа и сама.

ЕР – Ми беше чест, ви благодарам на убавиот муабет и на несекојдневните прашања кои ми се ретко поставувани така што, во секое време. Прекрасна атмосфера и искрено уживав и баш убаво се чувствував во вашата канцеларија. Ви посакувам и на Вас успех во секое поле.

Од Рушид Махмуд

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: