Важноста на потценетите професии : екологија

Живееме во ерата на капитализмот. Ова општествено уредување со мошне развиен пазар ни нуди голема варијација на производи. Кога сме гладни можеме да избереме кое од над илјада чоколади во маркетите да го купиме. Имаме милиони комбинации на облеки. Ако сакаме да си купиме мобилен, книги, обувки ќе наидеме на најразлични модели произведени од најразлични фирми. Постојано се отвараат нови работни места, и постојано компаниите имаат потреба од луѓе со некое ново звање, па се отвараат и најразлични смерови на факултетите. Но дали навистина имаме избор и целосна слобода при бирањето на кариера?

10527311_808625522491986_573441295759909335_n
Многумина од средношколците сакаат да станат писатели, визуелни уметници, социолози, учители, филозофи, глумци итн. но се постојано “советувани” од страна на нивните родители и општеството да не ги студираат тие области, бидејќи или нема да најдат работа, или нема да бидат доволно платени. Нема високи стипендии за студенти кои не учат компјутерски технологии и програмирање. Компаниите не велат дека им се потребни повеќе поети и сликари.

Но дали се сите овие стереотипи точни? Дали е навистина тешко да се најде работа со диплома од општествените и уметничките науки? Дали навистина вреди да се откажеш од својот сон, само за да се конформираш? И најважно од се, дали навистина НЕМАМЕ потреба од погоре набројаните струки во нашето општество?

Diatomalgae.png
Андреј Гонев студира екологија. Само тој и уште две девојки одбраа да се запишат на екологија оваа година. Екологијата е природна наука, но сепак никој не се обидува да ја истакне нејзината огромна важност. Гонев вели дека уште како средношколец почнал да се занимава со екологија. Станал волонтер во Македонското еколошко друштво каде помагал во проектот за заштита на (критично загрозениот) балкански рис. Тогаш сфатил дека екологија е вистинскиот избор за него, која без сомнеж максимално го исполнува.

Тој смета дека екологијата е особено важна гранка од биологијата, таа ги проучува интеракциите на живите организми и нивната животна средина, како и нивната улога во комплексните екосистеми. Со успешно познавање на ова подрачје, ние можеме активно да се вклучиме во заштита на биодиверзитетот (кој во Македонија е доста богат), што би довело до едно далеку поразвиено и поздраво општество.

10516858_1003117059701036_7848344452751614472_n
„Секојдневното живеење на човекот и нeговиот опстанок зависи од балансот на популациите на сите видови живи суштества во нивната животна средина. Екологијата исто така нуди решенија доколку овој баланс се наруши. Во превод, екологијата значи наука за домот т.е. проучување, зачувување и заштита на нашиот дом – Земјата во целост. Човекот е само уште еден вид кој е дел од природата, кој има не

прикосновена способност да ја уредува и прилагодува неговата животна средина, да ги користи природните ресурси за сопствен опстанок. Таа способност носи голема моќ и одговорност врз целокупниот баланс во природата и од особено значење е истата да се почитува. Честопати сме сведоци на негативното влијание кое е резултат на човекова небрежност – без разлика дали станува збор за секојдневните одлуки каде и како го фрламе отпадот кој секој од нас го генерира или за сечење на тропски шуми и нивна конверзија во земјоделски површини од страна на големи корпорации. Бидејки на крај, нарушување на балансот во природата е загрозување на нашата иднина” вели Данка Узунова, вработен еколог во Македонското Еколошко Друштво.

Гонев вели дека има толку многу интересни полиња во екологијата, но највоодушевен е од неверојатната разноликост на живиот свет, од чудесниот свет на праживотните и дијатомеите, па се до крупните цицачи. “Фасциниран сум од сите ремек дела кои природата ги направила. Не би ги изоставил ниту бројните теренски активности со Истражувачкото друштво на студенти биолози од ПМФ”.

На најкобното прашање – што може да се работи со завршени студии по екологија, Гонев ми кажа дека во Европа, па дури и во Македонија, во последно време расте трендот на заштита на природните богатства, развивање и промовирање на еко-туризмот и се формираат многу невладини организации кои се борат токму за оваа цел. Секоја фирма која сака да гради било каков објект, законски е задолжитeлно да има вработено еколог кои би го проценил импактот врз животната средина, дали тоа би и наштетило или не.

65faaf95-f42b-408f-a3eb-cdb97a792464_l

Со него се согласува и Узунова – „Работа за еколози секогаш има! Како и секоја друга професија, колку порано вложуваш во истата – толку подобро. Важно е да се нагласи дека секој (без разлика на професионалната ориентација) може да придонесе кон екологијата како наука – преку мониторинг на видови или ангажирање како волонтер во најблиската организација за заштита и зачувување на природата. Ваквиот придонес е мошне популарен во Европа и се нарекува “citiezen science”. Мојата работа е поврзана со истражување птици на терен. Откривање на нови видови птици кои се среќаваат во Македонија е секогаш интересно, бидејки знаеш дека придонесуваш кон развој на орнитологијата (наука за птиците) во твојата држава, но и пошироко.Најголем впечаток на терен ми остави прстенување на младите од египетски мршојадец во централна Македонија. Неописливо е чувството пред тебе да го гледаш заштитничкото однесување на возрасните и техниките на одбрана на младите кога си во нивна близина“ вели таа.

Узунова напоменува дека да се биде еколог е возбудливо и понекогаш не предвидливо. “Без разлика која специјалност од екологијата ја избереш за полена работа, истражувањата на терен, консултирање на релевантна научна литература, придржување кон основните научни принципи и носење објективни заклучоци се стожер во секојдневното делување на еден еколог.Имајки предвид дека секое дрво, парче земја, река околу нас има потенцијал за еколошки истражувања, можостите се речиси неограничени.”– порачува таа.

Андреј им препорачува на сите љубители на природата, на животните и растенијата, и на сите оние кои, како него, се воодушевувале од научните експедиции на Дарвин, да студираат екологија, бидејќи набрзо ќе сфатат дека „нашата професија во многу моменти изгледа како да е извадена од некој од документарците на Discovery и National Geographic“.

од Лиле Јовановска

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: