Интервју

Важноста на потценетите науки: философија

Прво ни објасни како Сократ сметал дека оние кои грешат тоа го прават од игнорантност, бидејќи не се свесни дека грешат. Потоа не праша што мислиме во врска со овој негов став. Сите што бевме присутни во училницата ги ококоривме очите. Таа сакаше да го слушне нашето мислење. Ретко кој професор за време на нашето, дотогаш, единаесет годишно посетување на наставата го интересираа нашите размисли. Вообичаено нe’ прашуваа само за дефиниции или датуми на битки.Ни се допадна нашата вклученост во дебатите на часовите. Се прашувавме зошто и по другите предмети претходно не се развила ваква интеракција. Tогаш ја сфативме важноста на философијата и пред се – соодветното образование.

 

Адолесценцијата е период во кој сите се чувствуваме збунето, изгубено и хаотично. Од нас се очекува да дојдеме до одговор на заплашувачкото прашање – со што сакаме да се занимаваме во животот? Многумина не знаат кој факултет да го одберат. Ова делумно е резултат на недостатокот на себепознавање и закржлавената способност за длабоко размислување. А дали постои подобра експанзија на умот и ментална гимнастика од читањето философија и дебатирањето? На следните страници ќе имате можност да ги проследите гледиштата на истата онаа професорка која ги поттикна нашите нервни клетки да испраќаат импулси низ дотогаш непознати патишта и димензии. Нејзиното име е Драгица Солунчева.

 

Што ве поттикна да студирате философија?

Копнежот за познание на вистината, состојбата exacerebratiocerebri, измачувачка за рефлектирачкиот субјект и обидот да се поетизира сета стварност. Философијата не ми беше потребна заради другите, заради афирмација на ерудицијата, туку како само-однос, како објективација на метафизички сновиденија, како услов без кој не се може, како единствен модус низ кој егзистенцијата ја избира својата есенција.

StockTeacherStudentClass21810

Дали имавте поддршка од вашите родители?

Го имав задоволството моите родители да бидат моите први философски учители. Нивната интенција беше да ме соочат со логосната стварност, со логосот како облик и како потенција за вообликување на безобличното. Тие ми ја објавија убавината на возвишените принципи Вистинољубие, Красотољубие и Слободољубие.Имаа различни и меѓусебе спротивставени педагошки концепти,  и единствена телеологија –  актуализација на моите потенции.

Која философија ви има оставено најголем впечаток?

Сообразно на моите убедувања, учителот по философија им го подава логичко – философскиот категоријален апарат на своите ученици овозможувајќи им самостојно да дојдат до познание на вистината. Следствено, јас го прикривам сопствениот светоглед пред нив, надевајќи се дека еден ден ќе се сретнеме во вистината.

Би можело да искажам дека во историска перспектива најзначајниот и веројатно најфасцинантиот философ е Платон. За Карл Јасперс, подоцнежните философи се себе-докажуваат со тоа како го разбираат Платона, а Вајтхед би додал, сета западна  философија  е само фуснота кон Платоновата.

agenda.jpg.size.xxlarge.letterbox

Каков став сметате дека имаат младите во однос на философијата?

Повикувајќи се на исказите на моите ученици, философијата претставува потрес на нивните битија. Се чувствуваат како за прв пат да почнуваат да мислат. Се соочуваат со фантастично, фантасмагорично, луцидно лудило. Со СФ философски системи, со  философи кои се сомневаат во се постоечкото, кои го проблематизираат и сопственото постоење , кои убедуваат дека движењето не постои,тријадично ја делат стврноста во недоглед  и докажуваат дека стварите постојат само затоа што се перцепирани. И колку и да се скандалозни, рационално се непобивливи. Преку нив, учениците го осознаваат божественото лудило, ентусијасмичката состојба на трансценденција на стварноста и нејзиното подавање низ симбол и поим. Се надевам дека учениците ја откриваат философијата како вистинска метафизичка дејност човекова, како контемплација на умната стварност, како можност за развивање на креативна и критичка свест, како услов за создавање на личност.

Ако се тргне од хедонистичкиот принцип како мотив, јас се надевам дека за нив задоволство не претставува само познанието на вистината како ентелехија и епистемолошко акме,  туку и самиот пат до вистината.

Но, за да се дојде до степенот на познанието на философијата како највисок облик на мислата, како „разговор на душата со себе самата“,  услов е да се надминат мноштвото предрасуди во нив збрани. Во времето на цутење на егзактните науки и исклучителниот развој на техниката, позитивизмот како доктрина, и аналитичката философија како концепт, станаа иманентни на духот на современата философија и на поимањето на философијата. Философите кои метафизичареа низ апстрактните поими и рационалните конструкции станаа апатриди во философијата. Всушност, се соочуваме со обезличување на философијата, со негација на философијата, како резултат на импотенција за метафизички спекулации и илуминации. Се случува вулгарна индоктринација со новата религија на утилитаристичкиот сциентистички квази хуманизам кој објавува „религија без Бог“. Во која човекот се обоготворува, Се поставува човекот како Бог, како ensmaxime. И бидејќи Ничеански „Бог е мртов“, за човека се е можно. И постмодернистички, „се може да мине“. Тоа се основите на современата поетика на распаѓањето и несфаќањето на суштината на философијата. Философијата не е сума на факти позајмени од другите науки. Тие никогаш нема да можат да ја дадат полнотата на вистината. Бидејќи онаму каде што запира  физиката, почнува метафизиката.

Solunceva

Која е потребата од постоењето на философи и философијата како наука?

Философијата постои за да можеме да го познаеме светот онаков каков што е и каков што треба да биде, да се себе-познаеме, да го познаеме нашето место во светот, и да го направиме овој свет најубав од сите можни светови.

Дали е доволен степенот на застапеност на философијата во нашиот тековен образовен систем? Стручните школи не го изучуваат овој предмет. Во гимназиите тој се обработува само во една година.

Неопходни се реформи во нашиот образовен систем. Сведочиме за комплетен аксиолошки распад, морална и културна декаденција. Единствената повикана како утешителка, како водилка, како„ лек од кој ако се вкуси, умирачка нема“ (Ферид Мухиќ), е философијата. Според моето мислење, потребно е интензивно философско образование на сите нивоа на образовниот процес. Ако сакаме да создадеме вистински духовни благородници, во основното училиште би овозможиле континуирано изучување на етиката и вовед во философијата. Во средните училишта, во сите образовни насоки, би вовеле курс по етика во прва и втора година, логика и вовед во философија во трета година, и историја на философијата во четврта година. Така би создале контемплативни, рационално спекулативни, креативни, критички и високо морални умови. Неможно е да се подигне моралното ниво во земјата, без да се изучува дисциплината чиј предмет на истражување е моралот. Неможно е да се изучуваат одделните науки без да се знае логика, без да се знаат законите на правилната мисла. Сето научно познание е поимно, а нашите ученици не знаат што е поим. Со изучување на философијата и философските дисциплини би создале правници кои правото ќе го поистоветат со праведното трагајќи по општото добро, економисти кои во основата на успехот и користа ќе постават морална деонтологија, доктори за кои животот и здравјето на другиот ќе биде животен императив, машински инжинери кои ќе создадат perpetuum mobile со хуманистичка телеологија.

teacher

На која возраст е најсоодветно да ги запознаеме децата со философијата?

Децата се високо интелигибилни суштества, обдарени со суштинските предиспозиции за философирање – чудење и љубопитност. Ако се најде вистинскиот модус за философско растајнување, тие би биле источници на мудрости. Ќе ви илустрирам со пример: Мојот седумгодишен син восхитен од Спартанците, особено од Леонидас, поставуваше многу прашања за нив. На прашањето – Зошто се бореле со Персијците, му одговоривме – За да бидат слободни. А, тој во анархистички дух заклучи: Па, тие и онака не биле слободни. Имале цар.

А, во духот на слободата и индивидуализмот размислувало и детето на шпанскиот философ Мигел де Унамуно. Во една пригода, кога поради непослушност, татко му го карал, тој извикнал – Да знаев дека ќе морам да ги слушам возрасните, никогаш не би се согласил да бидам роден. На тие зборови, философот де Унамуно задоволно одговорил – Тоа е најубавиот восклик на индивидуализмот што некогаш го имам слушнато.

Во западните земји станува се поактуелно философското образование на предшколска и училишна возраст. Правени се истражувања кои докажуваат дека философијата им овозможила повисоки познавателни капацитети во математиката и другите науки, дека влијаела на креативноста и реториката. Читајте ја „Вини Пу и философите“, децата ја обожуваат. За нив е класичен надреализам.

Каде може да се вработи една личност откако ќе стане дипломиран професор по философија? Дали вработувањето е тешко и малку веројатно?

Согласно актуелните состојби во нашата држава, вработувањето во принцип претставува тешкотија со мала веројатност. Но, философите имајќи универзални знаења дополнети со субспецијалистички истражувања во одредени области, би можеле да придонесат во мноштво дејности. Првично повикани се да бидат професори по повеќе предмети: философија, (историја на философија и философија изборен), логика, етика, запознавање со религиите, естетика,граѓанско образование и урбана култура. Потем, би можеле да бидат одлични советодавци во сите институции со доквалификации во областа во рамки на постдипломски студии. Би биле извонредни новинари, единствени преведувачи на философска литература, зналци на комуникациските односи со јавноста, оние кои би ја естетизирале стварноста.

Curious-story

Како изгледа секојдневието секојдневието на еден философ?

Киркегор би кажал – живот со боцка во телото, само – потврда на диференцијалноста, маничен ерос кон Бога.

Кој настан ви има оставено најголем впечаток во вашата кариера како философ и професор?

Ќе си дозволам да се себе-определам како философ и да ви одговорам на прашањето поради изворното значење на поимот философ, сфатен како љубител на мудроста, како длабок израз на скромност.

Секоја средба со моите ученици е настан по себе и за себе, гозба со езотерички карактер во која учествуваме јас, тие и Вистината.

the_thinker

Лиле Јовановска

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s