Пролетта е веќе тука, а летото само што не пристигнало, па така порано или подоцна луѓето ќе започнат со своите планови за летување. Меѓутоа жешкото сонце и високите температури едноставно не се за мене, па кога рамислувам за одмор, не мислам на песочните плажи, коктелите или забавите. Јас преферирам природа, свежи температури и одмор покрај море со добра книга, пријатно ветре и ладно пиво, а ако го делите истото мислење со мене тогаш едно од местата кои што задолжително морате да ги посетите некогаш во животот, а можеби и ова лето, е Шведска.
Шведска е прекрасна земја и ако некогаш патувате натаму, поминете и низ Гетеборг, вториот по големина град во таа скандинавска земја. Тоа е град за сечиј вкус, има се, од добар ноќен живот до неверојатни пејзажи и недопрена природа. Јас го имав задоволството да поминам цел месец во овој град и иако се обидов да го искористам максимално времето и да посетам колку што можев повеќе места, сепак не успеав да видам се што овој град може да понуди.
За мене лично едно од најзабавните искуства од мојот одмор беше посетата на луна паркот Лисеберг. Овој парк ги има некои од најдобрите ролеркостери во светот. Лисеберг е место кое што ќе успее да го извади детето во секој од вас, немојте да го пропуштите по никоја цена. Уште една работа која ме фасцинираше во овој град беше природата како и пејзажите кои оставаат без здив, особено зајдисонцата! Замислете, пловите по морето приквечер и го гледате небото кое што изгледа како да се спојува со морето во една црвеникава боја како да гори се пред вас, а од страна мали островчиња и на нив фоките љубопитно ве гледаат од брегот.
Гетеборг има одличен ноќен живот и градот е привлечен за младите меѓутоа само преку викенд. Во работните денови луѓето и не излегуваат толку многу, освен во среда или како што они ја нарекуваат мини-сабота. Во градот има многу ресторани со секаква храна, исто така еден куп барови со одлична музика. Преку ден одлична локација за посетување се парковите кои ги има многу на број, а во некои од нив има и мини-зоолошки градини. Доколку температурите преку ден достигнат 20 степени или повеќе тоа е одличен изговор за одење до најблиската плажа. Морето е многу ладно меѓутоа тоа не преставува пречка за луѓето таму, напротив тие велат декапливањето им годи на нивното здравје.
Како заклучок на целава приказна, морам да признаам дека бев воодушевена како од градот, така и од луѓето таму, нивниот начин на живеење, нивното справување со секојдневниот живот. Не без причина Шведска е и една од најмирољубивите земји со најиновативна популација во светот. Дефинитивно место коешто би го посетила повторно!
Tamara Jovanovska
Leave a Reply