Тренинг курсот “Ние одбираме не-насилство” (Wechoosenon-violence) се одржа во Бар, Црна Гора како дел од Еразмус+ програмата во периодот помеѓу 15-24 Април 2016-та година. Јас имав можност да бидам еден од македонските претставници на тренинг кој содржеше млади луѓе од 17 различни европски држави.
Овој тренинг обработуваше две многу важни и актуелни теми во денешното општество, а тоа се семејното насилство и борбата за еднакви права и можности на сите луѓе без разлика на нивниот пол. Во текот на тренинг курсот се здобив се нови познавања и вештини во врска со темата, како и алатки и начини со кои можеме да се бориме против злоупотребата и насилството во семејството и половата дискриминација.
Секој ден беше исполнет со навистина интерактивни и динамични сесии кои ни помогнаа сами да ја почувствуваме релевантноста на ова прашање и потребата тоа да биде адресирано, особено од младите и идните генерации.
Покрај формалниот дел на сесии и работилници, имавме одлична можност да се запознаеме со убавините на Црна Гора и да ги посетиме приморските градови Бар, Будва и Котор, места со вековна традиција и многу знаменитости.
Особен впечаток ми остави Котор, град изграден на еден од најубавите заливи во светот. Беше прекрасно и незаборавно да се шета низ неговите тесни средовековни улички опкружени со куќи од камен и цркви стари по неколку стотици години. По долгото искачување кон тврдината над Котор, ви се отвора поглед од кој застанува здивот.
Уште еден од моментите кој го направи овој тренинг курс посебен беше и силното меѓукултурно искуство. 9-те дена дружење и забава со 34 млади луѓе од 17 различни националности ми овозможи да стекнам нови пријателства во исто толку земји, да ги проширам своите видици и да бидам дел од еден тренинг курс кој со сигурност ќе го паметам до крајот на животот !
Leave a Reply