Еразмус+ Младинска Размена во Бустени
Изминаа само неколку недели откако се вратив од Еразмус+ тренинг курс и одеднаш нов предизвик пред мене: младинска размена во Романија. Добив известување од мојата организација, Волонтерскиот Центар Скопје дека тим од млади волонтери ќе учествува на истата. Поради своето претходно искуство како лидер на групи за младински размени со задоволство прифатив и ја потполнив апликацијата. Место на настанот беше Буштени, мало гратче со 10.000 население сместено во Карпатите на надморска висина од 1.000 м. Всушност таму веќе бев на младинска размена во 2013 година, па го познавав местото како својот џеб: едно од моите омилени места и ќе ми биде задоволство пак да го видам. Но што е со членовите на тимот? Ќе ги исполнат ли очекувањата и прифатат предизвикот? Се разбира-заклучувам со насмевка. Мојата организација секогаш одбира вистински личности, најдобрите и високо мотивирани, никогаш не погрешиле во изборот па затоа знаев дека нема потреба да се грижам.
Па така, едно попладне во центарот на градот се среќаваме на кафе-муабет да го осмислиме патот во Роамнија и да се запознаеме подобро. Ги среќавам Симона и Александра, како и Кораб и Александар, студенти, активисти, волонтери, некои од главниот град, некои од другите градови од нашата земја. И веќе ги засакувам овие дечки: мотивирани, со позитивен став, добро образовани, познавање на јазици и ИТ компетенции. Совршен тим за успех.
А предизвикот е невработеноста во европските држави, различните степени, најдобрите искуства и како да се зголеми степенот на вработеност, со работен наслов: „Подготвени да научиме, Спремни да разбереме, Одиме по вработување“.
Во ред, ајде да научиме нешто и да ги подигнеме нашите способности, да го поттикнеме нашиот претприемачки дух и да ги достигнеме нашите вработувања од соништата.
Патот не води на исток во Бугарија, а потоа северно кон Романија. Малку подолго, но имаме доволно време да зборуваме за нас, тимската работа и стратегија и се разбира, кратки совети како да го дадеме својот максимум. И веќе сме таму: Буштени, Романија. Попатно го среќаваме турскиот тим, но сеуште нестрпливи да ги запознаеме и останатите: Литванија, Шпанија, Летонија, Полска, Романија и Кипар. Мојот стар пријател Толеа од организацијата-партнер Hair Redivivus е фасилитатор на проектот. Секогаш се радувам кога ќе го видам во акција него и неговата формула за успех во имплементирањето на проекти од ваков тип. Тој поседува изразено чувство за развивање тимска работа, создавајќи силна емоционална поврзаност на учесниците па затоа успехот никогаш не изостанува.
И веќе го започнуваме ова наше доживување со активности како кршење на мразот и игри на имиња, тимски активности за поставување на заедничка основа и порелаксирана атмосфера за главните активности и работилници предвидени за подигнување на вештините и способностите на учесниците. Состаноците на групните лидери и координацијата е клучни за успешно одвивање на процесот. Дискутираме, ги распределуваме обврските и споделуваме со тимовите. Работата во мешани групи и почитувањето на културната разноликост ако добро се осмисли дава најдобри резултати: бурата на идеи и различните толкувања ги даваат најдобрите искуства и иновативни решенија за истите, заеднички проблеми и токму тоа и го работиме.
Многу од учесниците се за првпат на Еразмус+ младинска размена па така првата интеркултурна вечер предизвикува позитивен културен шок благодарение на разноликоста од бои на национални знамиња, храна и пијалоци како и различните обичаи и традиционални танци. Нашите партнери од Литванија како што беше планирано направија презентација на нашата земја и ние ја доживеавме најдобрата презентација до сега во моето искуство.
Следниот чекор е креирање на CV и совети за интервју за работа преку работа во групи и театар сценска изведба. Поединци од нашиот тим настапија извонредно на што посебно се радувам. Креативно размислување, длабоки согледувања и позитивен проток на енергија. Уште еден успешен ден.
Конечно формиравме и групи кои ќе снимаат видеа и група која ќе изработи брошура. И пред да се изработат финалните производи заминуваме на културна посета на локалните замоци, градови и знаменитости.Доживеавме невидена убавина измешана со малку архитектура и историја, групно фотографирање и време да се запознаеме дури и поблиску. Се поврзуваме со добри сеќавања, заедничка работа и неформално дружење. И следи уште една успешна и многу инспиративна работилница: Рибниот Пазар, кој остава силен впечаток кај учесниците. Во тоа „Море од идеи“ предлагаме проекти на одредена тема, со место на одржување и земји-учесници кои би можеле да се одржат во блиска иднина. Некои од идеите се толку неверојатни и многу реални за имплементирање во сегашните прилики.
Денот за заминување се наближува. Измешани чувства, малку солзи, индивидуални толкувања на проектот, многу гушкање и планови за повторна средба постојано во контакт преку социјалните мрежи. И задоволството на повеќето учесници за добиениот прв Youth pass сертификат. Го заслужија тоа со нивниот ангажман и компетенции што ќе ги понесат дома со себе.
Рано наутро и целиот двор на пансионот е исполнет со куфери. Повеќето од нив тежат повеќе отколку при доаѓање, исполнети со добри сеќавања испишани со невидливо мастило во нивното портфолио. Последна проверка пред заминување. Го свртувам погледот кон нашиот тим. Тие се токму како што треба да бидат: посигурни во себе, среќни и задоволни, со срца преполни со емоции. А јас…се разбира пресреќен и горд. Ние сме тим за успех.
Goran Galabov
Leave a Reply