A сега малку пошироко ќе ја раскажам мојата ЕВС приказна (прво поглавје) за да добиете поконкретна слика па и охрабрите следните волонтери од Македонија.
На 20 ти август 2016 тргнав за Пула, Хрватска… 23 часа пат со автобус исполнети со нетрпение,возбуда, страв и болки во грбот. Ми требаше промена на секое поле од животот, нова перцепција, нови места, нови луѓе, нов концепт за работа, неформална едукација и инвестиција во и за самата себе.Почувствував силна потреба од храбар потег да ја напуштам комфорт зоната и истражам подлабоко во светот на неизвесноста и непознатото.
Моментално чекорам низ тој свет и се надевам дека ќе научам, созреам и обојам со култура и уметност. Мојот свет се вика СУР Ројц, сојуз на невладини и цивилни организации ( повеќе од 100) кои делуваат активно на културно, уметничко, музичко, спортско поле со истовремено вклучување на ранливите и дискриминирани категории на луѓе од истарското подрачје. Како волонтер, се надевам да помогнам и научам од и во центарот за култура каде луѓето самоволно доаѓаат и си земаат дневна доза од музика, култура, уметност, спорт и рекреација и куп најразлични благотворности за телото, умот и духот. Ројц е поранешна касарна, која со помош на креативните умови и нивната жед за култура денес е претворена во шарено и весело збиралиште каде луѓето паметно го користат слободното време.
ЕЛЕНА ДИНОВСКА
Leave a Reply