Мојата организација, Волонтерскиот Центар Скопје беше дел од проект во три фази во Србија, под работен наслов: Семињата на одржливиот развој, кој се орджа во 2016 година на неколку различни локации. Тоа беше проект од Еразмус+ програмата имплементиран од нашите партнери од Србија. Бидејќи веќе ја комплетиравме младинската размена и тренинг курсот, остана последниот дел, job shadowing или набљудување во работата, можност да се помине извесно време во организацијата домаќин, да се научат и набљудуваат нивната работа и активности и се разбира, да се донесат дома најдобрите практики во работата. Јас бев среќен дека бев избран баш за овој дел бидејќи нашите домаќини Инжињери на заштита на животната средина работат екологија и одржливост, а мојата професија како Биолог вклучува и е поврзана со ваква тематика.
Местото на настанот беше Нови Сад, еден од моите омилени градови што го правеше уште повозбудливо. Датумот беше од 15 до 25 Октомври 2016 година па затоа и природно, градот и неговата околина беа обоени во сите бои на есента, што те прави да зјапаш во пејзажите, дури и да не трепнеш за подобро да ја впиеш целата таа убавина. Јас и останатите учесници од Хрватска, Романија и Португалија заедно со локалните волонтери и луѓето инволвирани во работата на нашите домаќини, заедно соработувавме на различни активности и направивме неколку културни и студиски посети во градот и поширокиот регион. Ја посетивме Фрушка Гора, планина во близината, за да ги видиме резултатите од активностите што нашата организација-домаќин ги имплементирала таму со цел да се заштити и сочува природната средина, да се подигне свесноста помеѓу локалното население и да се поврзат локалните организации за поблиска соработка на проекти. Всушност и целиот проект во три етапи обработуваше слични прашања. Тој имаше за цел да ја подигне свесноста кај граѓаните за нивната улога и влијание врз животната средина, да ги образува и да им даде познавања како и повеќе можности за одржливост, но и да ги зајакне капацитетите на различните организации, компании и други клучни фактори во спроведувањето на најдобрите познати практики од овој тип.
Ги посетивме и локалните опѓтини како Јазак и Ириг, Сремски Карловци за да се сретнеме со претставници на локалните организации, компании, винарии и агро бизниси за да ги чуеме нивните успешни приказни. Се разбира, имаше и време предвидено за културни посети за да се посетат некои од импресивните обележја на Нови Сад, цркви, катедрали и добро познатата Петроварадинска тврдина. Се сретнавме со локалните млади кои беа вклучени во активностите на организацијата и им се придруживме во некои од активностите како садење дрвца и цвеќиња пред новоотворениот младински клуб. Исто така учествувавме и на Есенскиот Саем во Нови Сад за да рециклираме и размениме стара хартија, весници, книги и слично за садници и цвекиња. Нашите домаќини веќе имаа учествувано неколку пати со ваква активност но овој пат поставивме своевиден рекорд во собирањето хартија за садници. Во присуство на локалните медиуми дури и локалните претставници дојдоа да ни честитаат.
Тоа беше извонредно искуство да се набљудува и помага во работата на нашата организација домаќин Инжињери на заштита на животната средина, да се научат многу практични работи и да се создадат нови контакти со организации со кои во иднина би се работело на различни проекти од оваа област со мојата организација, Волонтерскиот Центар Скопје. Некои од нивните оригинални идеи и најдобри практики што ги понесувам назад и споделувам можат многу лесно да се имплементираат и во нашите општини. На тој начин ќе ја направиме нашата иднина уште поодржлива.
Горан Галабов
Leave a Reply