Секој еден проект што сум го реализирал за мојот Волонтерски Центар Скопје имал извесен предизвик за мене, да ги поместам границите уште понапред. И секој учесник што сум го запознал имал одредено влијание врз мене, не само професионално, да запознаам нови културни вредности туку и да откријам нешто ново за мене самиот. Затоа и секогаш сум полн со ентузијазам кога има можност да се совладаат нови вештини и развијат старите.
Декември 2016 година. Се припремам за Буштени, Романија со предизвикувачки наслов: Што ако? Тоа ќе биде тренинг курс за справување со ризикот што се појавува при реализација на проекти. Чувствував потреба да ги продлабочам своите познавања во оваа област, а и причина повеќе да го посетам пак моето омилено место во Карпатите, подеднакво импресивно во сите годишни времиња, како и мојот стар пријател Толеа кој секогаш реализира проекти со висок квалитет во рамките на Еразмус+ програмата. Воодушевувањето е уште поголемо бидејќи мојата драга пријателка и одличен соработник Маја овојпат доаѓа заедно со мене. Всушност се познаваме само еден месец но реализиравме заедно одличен тренинг курс во Хрватска и оттогаш нашата соработка и меѓусебна подршка постојано расте.
Последни подготовки и координација со нашиот Волонтерски Центар Скопје и повторно сме на пат, разгледуваме стратегии и споделуваме искуства со Маја уживајќи во пределите и местата што патувањето ни ги донесува. И доцна вечерта веќе сме таму, Карпатите, уживајќи во убавините на снегот за првпат оваа година.Чекориме по патот до нашето одредиште, веќе добро познат, а тимовите се скоро комплетни. Кратко вечерно запознавање и од утре започнуваме.
Првиот ден сите се мотивирани да ги запознаат новите пријателчиња, соработници и идни партнери: 16 држави по 2 учесника плус 5 експерти, искусни учесници, повеќе или помалку и секој на свој начин го дава својот допринос во групната работа. Динамиката на групата е на високо ниво за време на целата недела на тренингот. Се работи со сите сили во рамките на исполнетиот распоред но не забораваме да се насмевнеме, забавуваме и поставуваме прашања преку сите методи на неформалното образование: презентација, дебати, тимска работа, театарски изведби, активности надвор на отворено како и внатре во просториите, меѓукултурна соработка по групи и слично. Навлегуваме се подлабоко во темата: проценка и справување со ризикот. Научивме многу начини и вештини што можеме да ги искористиме за нашите следни проекти да бидат поуспешни и полесно да се справуваме. Работејќи од наутро до вечерните сесии дојдовме до одлични заклучоци и резултати за нашата работа како и креирање на прирачник за сите младински работници, координатори и проект менаџери. Интеркултурните вечери што ги организиравме со традиционални јадења, пијалоци и национални танци само ја зајакнуваат нашата претстава и познавање како за разлиностите така и за сличностите. И се разбира, културната посета на замоците во Синаја, Бран и градот Брашов уште еднаш го истакнаа тимскиот дух што го создадовме и негувавме за време на тренингот. Не ги забораавам и старите пријателства: мојата најдрага пријателка Џулија од претходниот проект ме посети таму за да се потсетиме на старите дружења и како Еразмус+ проектите ги соединуваат луѓето.
Се наближуваме кон крајот на проектот па време е за евалуација, споделување впечатоци и идеи за следни проекти на кои би соработувале. Бидејќи Божиќните празници се приближуваа нашиот фасилитатор Толеа ни организираше предбожиќна забава за целата група со Дедо Мраз и подароци за учесниците. Тоа беше уште еден успешен настан кој го зацврсти тимскиот дух на групата. Едноставно сите беа воодушевени како настаните продолжуваа да се одвиваат.
И повторно: време е за разделба. Гушкања, солзи, емоции, размена на подароци и контакти, понуди до пријателчињата да ја посетат вашата држава и ветувања за повторни средби. И кога веќе седнав во жешкото столче на пат кон дома се обидував да сфатам и да си разјаснам што се случи таму во Романија. Наушив многу работите за темата за која дојдов, исто како и другите учесници, запознав чудесни луѓе и извонредни пријателчиња преку напорна но забавна работа, понесени од тимскиот дух кој го создадовме. Чувствував силни емоции и поврзаност што дури и ги надмина моите секојдневни очекувања. Мојот пријател Толеа повторно успеа: изработи одличен проект кој ги поврза срцата на учесниците, на начин на кој само тој може, исто како и нивните способности и вештини за идна соработка.
Во стилот на еден Шекспир на новото време тој постави пред нас епско прашање: Што ако? Прашање доволно силно да ги мотивира учесниците да постигнат такви извонредни резултати. И сите беа свесни дека беа дел од нешто многу големо, нешто што ја промени нашата перцепција и ставови. Па така и некои луѓе го менуваат светот: едноставно со менување себе си и пренесување на добрите работи понатаму.
Што ако не го прифатев предизвикот? Што ако не присуствува? Ќе бев ли свесен за овој прекрасен настан? Ќе бев ли толку исполнет и самоуверен да продолжам да чекорам понатаму?
Што ако? Тоа е прашање што треба да си го поставувам почесто. Тоа е прашање што ги извлекува од вас најдобрите одговори…
Горан Галабов
Leave a Reply