Окупирај го универзитетот

16117743_1174428689333915_880456167_nДодека низ целата држава се празнуваше, студенти од Грузија го поминаа Божиќ окупирајќи го универзитетот. На грузиските студенти им пречат две работи. Прво, не се задоволни од квалитетот на образованието. Второ, им пречи начинот на кој актуелната универзитетска управа ги троши буџетските средства.

Протестите започнаа во март 2016 година кога речиси 1000 студенти се побунија пред државниот универзитет во Тбилиси против изборот на нов ректор кој претходно бил обвинет за несоодветно трошење на буџетот. Универзитетската управа, пак, организираше контрапротест во знак на поддршка на ректорскиот кандидат.

Откако студентите издејствуваа промена на новиот ректор, почнаа да се залагаат за сеопфатна реформа на универзитетска управа како институција. Протестите престанаа откако грузискиот премиер им вети промени на демонстрантите.

Неколку месеци подоцна, студентите сè уште имаа впечаток дека нивните барања не се исполнети и во ноември повторно почнаа да протестираат. Рене, студент по новинарство, вели „Ова е првпат студентите во Грузија да се обединат и да се борат за нивните права на подобро образование и подобар систем“. Фактот што студентите упорно се борат речиси една година оди во прилог на неговото тврдење.

Во моментов една од десетината универзитетски згради е под окупација. Говорници кои сакаат да се солидаризираат со студентите држат јавни предавања на различни теми. Понекогаш се одржуваат и концерти на локални музичари. Студентите дискутираат за тоа како универзитетската управа ги троши парите и како би сакале да изгледа образовниот систем.

„Сакаме целосна автономија, квалификувани професори, поголеми фондови за истражувања, подобри студентски домови.“ вели Лола, студент по психологија и учесник во протестот. Окупацијата ќе продолжи се додека не се исполнат барањата на студентите, а ако тоа не се случи наскоро, окупацијата ќе се прошири.

Од Лазар Миков

Превод: Весна Радиновска

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: