Еден од авторите кои најмногу ветуваат е Игор Станојоски. Има работено на универзитетите во Лавов (Украина), во Катовице (Полска) и во Брно (Чешка). Докторската дисертација ја одбранил во Полска во 2009та. На пошироката јавност ѝ е најпознат по романите : „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ и „Гаргара“ (кој беше меѓу финалистите за наградата за роман на годината на „Утрински весник“ во 2014). За „Гаргара“ Звонко Танески ќе каже: „Приврзувачката љубов во и кон овој роман е неконвенционална за македонски прилики… Романот Гаргара ќе донесе и сигурно разбранување во подзаспаните македонски писателски води.“ , а Ранко Младеноски „Игор Станојоски успева да го задржи читателот до крајот на книжевно-уметничкиот текст со мистериозното, неизвесното и пред сѐ очудувачко поврзување на дивергентни наративни ентитети…“. Тој е исто така и автор на 4 книги од областа на лингвистиката.
- Кога и како се одлучи дека ќе бидеш писател?
Првпат почувствував желба за пишување во средно училиште. Битна мотивирачка улога одигра мојата професорка по македонски. Кога се запишав на Филолошкиот факултет во Скопје, предавањата по книжевност не ми ја доразвија таа желба, па продолжив да се занимавам исклучиво со лингвистика. Кога постигнав доста во лингвистиката, одлучив дека по одбраната на докторатот би сакал да се „одморам“ со пишување роман. Така настана Гаргара.
- Имаш искуство со работа и надвор од државава. Која е разликата на положбата на писателите во Македонија и во другите земји?
Македонскиот писател има многу посериозна задача. Во поголемите земји писателот треба да се бори само за себе, за свое место на сцената, односно да освои дел од читателската публика. Задачата на македонскиот писател е да ја создаде читателската публика и да ја воспита постоечката. Затоа што ниту ја има во доволен број ниту е книжевно воспитана.
- Дали во другите земји писателите треба да се приспособуваат во своето пишување на потребите на читателите?
Не познавам писател што не го приспособува своето пишување на потребите на читателите. Тоа би било нечовечно. Понекогаш помислувам што би правел јас кога би исчезнале сите луѓе, кога би останал сам на светов. Сигурно не би напишал ниту еден роман. Читателот е присутен во секој ред што сум го напишал. Друго прашање е кој читател ќе го избереш, кому ќе му се обратиш. Постојат читателски мнозинства и малцинства. Јас не му се обраќам на мнозинството, но и на мнозинството му велам дека може да повели да ме слуша. Му се обраќам на читателското малцинство, да. Уште повеќе им се обраќам на нечитателите, односно на оние на кои нашиот образовен систем им го украл тоа магично хоби – читањето романи.
- Како успеваш да ја најдеш својата инспирација? Дали подготвуваш нова книга и што е таа?
Новиот роман е во подготовка. Има оригинален наслов, оригинален систем од приказни, оригинална структура и битно се разликува и од Гаргара и од Првиот универзитетски ден на мојата ќерка. Едноставно, не сакам да стојам в место и да кружам околу еден ист тематски стожер, па да си здодеам и самиот себеси.
- Дали имаш свои идоли меѓу колегите тука и во странство? Кои се тие и зошто токму тие ти се идоли?
Со сите сили се борам да немам идоли. Се трудам мојот единствен идол да бидам идниот јас, да откријам што можам да постигнам. Многумина мои читатели се обидуваат да ме поврзат со некого, но не успеваат. Не сакам да личам на никого повеќе од лимитот што сум си го дозволил. И мислам дека сум посебен. Мнозинството од современите македонски писатели се школувани како „компаративци“. Денес се гордеат кога ќе напишат нешто што личи на некого и што на името на тој некој можат да се досетат само одредени луѓе од фелата. Тоа е толку бесмислено, колку што е и здодевно.
Игор Поп Трајков
Leave a Reply