Terve!
Ова е единствениот начин да кажете Здраво во Финска!
Во ова издание, би сакала да ве запознаам со неколку животни навики во Финска кои ги искусив откако се преселив да студирам тука. Јас се преселив тука само два месеци откако го напуштив Скопје, па лесно ќе се надоврзете на мојот став.Додека да ја прочитате приказната, ќе изминат точно 10 месеци откако јас пристигнав во земјата на езерата и шумите. Неоткриената земја во северна Европа; ќе наидете на бескрајна недопрена природа, чиста вода и густи шуми.
Ретроспектива на Август 2016:
Ова е втор пат како живеам во странство на подолго време, далеку од моето семејство. Она што го прави ова искуство поразлично од другите е тоа што воопшто немав поим каде ќе одам! За Македонија барем знаев нешто, а и имав живеено таму претходно, но Финска? Не! Никогаш претходно ја немав посетено Финска, и информациите кои ги поседував за земјата се базираа на видеа од Јутјуб и Википедиа, што е можеби доволно за некои основни информации, но не и доволно за водење живот таму. Една работа која можеби не ја знаете е дека Финците ја нарекуваат својата земја “Суоми”, што значи Финска, а нивниот јазик “Суомалаинен”. Овој јазик воошто не звучи како јазиците кои често ги слушате.
Постојат различни фази на мигрирање, без разлика зашто мигрирате. Првата фаза е “медена фаза”, кога сте возбудени поради новата средина, истражувате и размислувате позитивно. За мене, ова траеше кратко.
Втората фаза е “одбивање”, кога почнувате да ги согледувате нештата кои прават да се чувствувте непријатно, како на пример јазичната бариера, проблеми со превоз, итн. Јас не знаев ниту еден збор на Фински, а не се ни потрудив да научам, оти ми беше кажано дека ќе можам да поминам и само со Англиски. Не бев загрижена. Дополнително, имајќи ја истата самодовербата како кога учев Македонски, си реков “Да!Ќе научам и Фински!”, но погрешив. Точно е дека преживеав знаејќи само Англиски, но најчесто, доколку не го зборувате локалниот јазик ќе се чувствувате изолирано. Ова важи за секаде во светот. Во меѓувреме се имав вселено во мојот нов стан. Беше празен и првите недели имав само душек за спиење се додека конечно не најдов време за да набавам мебел и да го уредам.
Времето во Август и Септември беше прекрасно; разнобојните лисја кои се наталожија низ градот, го правеа уште поубав. Понекогаш ќе застанев сред улица и му се воодушевував на пејсажот. Не ми се веруваше дека живеам сред шума со свеж воздух. Набрзо, веќе сите бевме зафатени со универзитетските обврски и деновите минуваа без воопшто да имаш време да испиеш чај со некој пријател. Во тие моменти, се присетував на тоа колку ми беше лесно да се договорам за дружба со моите пријатели од Аеродром и Центар во Скопје, и сето тоа ми недостасуваше. Се навратив на прекрасната есен која ја поминав таму минатата година, додека траеше мојата “медена фаза”.
Времето минуваше брзо и веќе во Ноември пристигна зима, украсувајќи го градот со бела покривка. Како што можеби веќе знаете, Финска е земјата на Дедо Мраз, зимата е неверојатно убаваи снегот покрива се; останува така се до Април. Езерата замрзнуваат и се користат за лизгање на мраз. Сезоната за хокеј на мраз започнува, и иако еден живот завршува и почнува да хибернира, започнува друг, кој нуди многу зимски активности и тури. Една која вреди да се спомене е Аурора Бореалис, или позната како Северните Светла; вистинска магија, која потсетува на свилена шарена ткаенина, која ја вејат ангелите на небото.
Она што мора да го направите во Финска е “аванто”, или пливање во мраз, за нас – луѓето од релативно топли краишта. Препорачливо е да пуштиш да те води авантуристичкиот дух и да скокнеш во смрзнатото езеро (сигурно ќе најдеш некое зад твојот стан), а веднаш потоа во сауна за целосно опуштам. Исто така може да уживате и во пешачењето низ шума; идеално е тоа да го направите на лето, оти ќе може да си наберете свежи зрнести плодови и печурки, за потоа да испечете вкусна пита од боровинки. Сепак мора да внимавате со печурките и плодовите, бидејќи некои од нив се отровни!
Сега е средина на Мај и пролетта конечно дојде во Финска. Повремено паѓа и снег, но се слуша и пеењето на птиците, земјата е исчистена од снег, а езерата не се повеќе замрзнати. Дрвјата почнуваат да цутат и за неколку недели ќе биде волшебно. Сега можам да кажам дека сум во третата фаза од мигрирање, односно “прилагодување”; се навикнав на секојдневните животни потреби и како да ги задоволувам, знам каде да пазарам, а веќе го научив и патот до факултет.
Сега е последната недела од семестарот и голем дел од студентите се нетрпеливи да ги видат своите семејства и пријатели. Некои ќе си заминат од земјата засекогаш, а други ќесе вратат по летниот распуст. Нетрпелива сум да го посетам Скопје повторно, да пијам кафе во Менада или Горки, и да го почувствувам мојот втор дом.
Автор: Афра Фекри
Преведено од : Сања Јовановска
Leave a Reply