Идејата на Паратисима Скопје потекнува од едноставна визија – уметноста треба да е за сите. Со идејата на отворена уметност, Паратисима Скопје не ограничува во форматот на израз кој уметникот сака да го користи, ниту пак во селекцијата на учесници. На саемот може да се пријават уметници со професионална позадина, како и оние што уметноста ја земаат како занимација и алатка за креативен израз.
Поради тоа, Паратисима Скопје ги повикува учесниците кои ќе се пријават да се посветат кон експериментот, да ги премостат и трансформираат традиционалните норми и правила на уметноста.
Девизата на Паратисима Скопје е дека секој, од секаде може да учествува! Секоја година Паратисима Скопје одбира куратор кој е задолжен за курирање на поставката на изложбата и тричлено жири составено од професионалци во креативните индустрии, чија задача да селектира учесници кои ќе добијат награда да изложуваат во македонскиот павилјон на Паратисима во Торино.
Четвртото издание на Паратисима Скопје се одржа во Младинскиот културен центар во Скопје каде тридневната програма беше исполнета со работилници, предавања и три музички настапи. Учествуваа 130 независни уметници, над 30 од нив беа надвор од Македонија, 6 специјални проекти и посетеност од над 6 илјади луѓе во текот на трите дена.
Се доделија повеќе награди – 11 селектирани независни учесници од тричленото жири, кои ќе имаат можност да ги изложат своите дела на македонскиот павилјон на Паратисима Торино, две независни изложби доделени од Пасворд
Продакшн во нивните простории, пет независни учесници селектирани од уметничкиот фестивал, ДримОн, кои ќе имаат можност да ги изложат своите дела во Струга, крајот на јули, две независни изложби на селектирани независните учесници од Концепт 37.
За следното издание, Паратисима Скопје очекува се повеќе да расте и да им овозможи на младите македонски уметници професионално да се надоградат во рамките на саемот и фестивалот. Планот е да се постави една уметничка мрежа која не само што ќе ги поврзува македонски уметници меѓусебно, туку ќе им овозможи нивниот талент да го прикажат надвор од нашите граници и со тоа да се здобијат со искуство кое ќе ги надогради и надополни како личности и како професионалци.
Автор: Ивана Анѓеловска
Тимот на Паратисима Скопје
Leave a Reply