Македонски

Украина: Славјански центар каде што се спојуваат новото и старото време

2

Да заминеш сам и со автомобил во Украина, а притоа да ја излезеш од македонската територија знае да биде искушение.

„Навистина, сам? Во Украина? Толкав пат? Среде војна? И немаш ништо да пријавиш?“ – се само дел од прашањата што ме затекнаа на преминот „Табановце“.

Познанството со цариниците и со полицајците помогна кучето трагач да не влезе во автомобилот и притоа да не го уништи, но затоа го издушка низ целата надворешност. Не пронајде ништо сомнително.

„Ама, што бараш таму“, беше реакцијата со која што службениците неволно ме испратија надвор од државата.

Околу 1.200 километри колку што изнесува оддалеченоста од Скопје до 100 илјадниот Ужгород – град на самата граница со Словачка и со Унгарија, можат да се минат во еден замав доколку се размислува на предизвиците во еден од центрите на славјанската култура.

Да, Украина е во војна и тоа ќе го видите штом се приближите до украинското тло, па дури и ако сте на сосема спротивниот западен дел од државната граница. Пред да стигнете до официјалниот царински дел, ќе ве дочекаат вооружени украински војници, а со нивните колеги ќе се дружите и по поминувањето на вообичаено процедура. Без премногу прашања и контроли – ја здогледувате таблата на која што пишува Украина. Веднаш до неа и патоказ за Киев – само напред, правецот е добар, но раздалеченоста од 810 километри е проблем. Затоа, пак, Ужгород е на дофат на рака. Само седум километри по локален пат, со уредени куќи и дворишта покрај, незаобиколни кружни текови, „лади“ и нови автомобили.

„Цркви со златни кровови“ ве пречекуваат на влезот од градот. Украинците се православен народ, иако, како и насекаде низ светот, тешкиот живот и поривот за преживување ги оддалечи луѓето од религиозните храмови. Првиот впечаток за Украина е веројатно токму онаков каков што го имате замислено пред поаѓањето. Широки улици, воглавно без семафори и пешачки премини, згради со огромни балкони изградени од советскиот период, но и стари барокни куќи и зданија оставени од времето на Австро-Унгарија. Луѓе што итаат да ги завршат своите обврски облечени во препознатливите „адидас“ тренерки од 80-ите, но и мажи и жени облечени според последната мода од Милано или Париз. Коцки по улиците и свежо асфалтирани улици. Киосци со маси пред излогот каде што пиво и сендвич се продаваат за 40 денари, но и ресторани каде што едно кафе чини едно евро.

4

Всушност, цените во Украина се многу пониски од европскиот просек, па дури и од оние во Македонија. Литар од најскапиот бензин чини 48 денари, млеко – 35 ден., леб – 20 ден., 10 јајца – 40 ден., килограм компири – 10 ден., килограм сирење – 240 ден., килограм телешко месо – 200 денари, хамбургер – 40 ден., пиво – 15 ден…. Евтино е и во повеќето ресторани, каде што вкусен оброк за двајца ќе го платите околу десет евра.

„Просечната плата во Украина е околу 200 евра, нормално е цените да бидат такви“, ми вели Алексеј, младо момче на возраст од 25 години, кој што работи во хотелот каде што отседнав.

Неговата плата е околу 250 евра, добива и бакшиши, не се жали. На влезот од хотелот стои натпис: „Се бара рецепционер“. Дека се бара продавач, забележувам во уште неколку продавници и кафулиња.

„Младите не сакаат да останат и да работат во Ужгород, среќата си ја бараат во Киев или во некоја европска богата земја“, се жалат мештаните.

Кејот на реката Тиса е главното нивно шеталиште. Од двете страни се изнаредени ресторани и кафулиња што ги мамат гостите од Словачка и од Унгарија, кои што се редовни гости. Дел од нив барем еднаш неделно доаѓаат тука за да купат залихи од храна, да ги наполнат автомобилите со гориво, па дури и за лекарски интервенции.

61

„Бензинот и храната се речиси двојно поскапи во Словачка. Во Ужгород доаѓаме најчесто за викенд, ќе се прошетаме, ќе испазариме јадење, облека и се што ни треба и ќе си одиме“, објаснуваат гостите од 80 километри оддалеченото Кошице. Не им пречи што ќе мораат да минат најмалку три часа за да ја минат границата.

Замокот во горниот дел од градот е туристичкиот бренд на Ужгород и него ќе го видите на речиси сите сувенири. Изграден во 13. век, се смета за културно богатство и оставштина од „времето на Унгарија“. Можете да минете часови и часови низ прекрасните одаи и градини, кои што ќе ве вратат илјадници години наназад и ќе ја разбудат романтиката во вас. Практично, во склопот на замокот е и православниот факултет, кој што го посетуваат и многу руски студенти.

5

Според минатогодишното истражување на украинскиот туристички сојуз, Ужгород е прогласен за најмирен град во Украина. Во тој епитет можете да се уверите, шетајќи низ улиците во доцните часови. Во текот на работната недела рестораните и пабовите се празнат по 22 часот, поживо е во петоците и саботите кога се организираат и караоке забави. Жените? Убави, како што се насекаде низ светот.

Петнаесетчасовниот пат на враќање дома слободно може да се раздолжи до недоглед за да се добие во време да се сумираат впечатоците. Три дена се малку за да се доживее енергијата на педесет милионската земја, но се доволни да го почувствувате мирисот на Источна Европа и неверојатниот спој на старото и новото време. До некоја следна прилика – “До побаченна“.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s