Изминатиот викенд, нашите волонтери Александра Грзиб и Крис Маикен беа во Прилеп, каде што учествуваа во активностите на партнер – организациите „Инфо СЕГА“ и Младинскиот совет Прилеп. Во продолжение ви ги пренесуваме нивните импресии.
„Патувањето започна во седум часот наутро кога се вклучи алармот. Тргнавме кон автобуската станица и се упативме во Прилеп. Штом пристигнавме, запознавме италијански ЕВС волонтери, кои што се сместени таму. Беа љубезни, ни посакаа добредојде со убаво кафе и прошетка низ градот.
Ги посетивме канцелариите на СЕГА, Младинскиот совет и Инфо СЕГА, (каде што е лоцирано радиото ‘Пулс‘). Беше прилично интересно, затоа што влеговме снимајќи ги девојките, па ги изненадивме. Им рековме да не се грижат, бидејќи не снимавме тонски. Сепак, немаа ништо против. Потоа, бевме во манастирот ‘Архангел Михаил‘, сместен во подпланински предел. Се двоумевме дали да се искачиме кон планината, гласавме и се одлучивме да се вратиме во градот. Покрај тоа, Крис носеше бели чевли. По ручекот, го посетивме Меморијалниот парк. Александра беше фасцинирана, се фотографираше барем дваесетина пати. Вечерта се забавувавме навистина добро, запознавме многу млади луѓе, дури и Американци.
Наши гостољубиви домаќини беа ЕВС волонтери од Молдавија. Следното утро бевме во канцеларијата на Инфо СЕГА и започнавме со подготовка на дневните активности. Поставивме штандови со еден куп балони и со промотивен материјал во центарот на градот. Имаше делче за ЕВС, Младинскиот совет, Инфо СЕГА, како и голема сина книга за идеи. Беше навистина жешко. Имајќи предвид дека нашиот македонски јазик не е совршен, се мачевме да се разбереме со луѓето што доаѓаа да не посетат, но, за среќа, имавме помош од локалните момци и девојки. На крајот, целата работа излезе супер. Дистрибуиравме материјали, посетителите даваа идеи и сугестии, интервјуиравме и неколку локални волонтери, а разговорите можете да ги погледнете на нашиот ‘Јутјуб‘ канал. Бевме во радиото ‘Пулс, снимавме сторија за нивното онлајн радио шоу. Беше невоббичаено искуство за нас и навистина уживавме.
Денот стигна до крај и дојде моментот за враќање во Скопје. Стигнавме на автобуската стница и време беше да се поздравиме со градот познат по производството на цигари. Збогатени за ново искуство, не би имале против повторно да се вратиме во Прилеп. Фотографиите од нашиот престој можете да ги видите на страницата на ВЦС на ‘Фејсбук‘“.
Автори: Александра Грзиб
Крис Маикен