Да го темпираш годишниот одмор поради фудбал

Гостувањето во Скопје беше нешто што навивачите на Реал Сосиедад, Рут Перез и нејзиното момче Оскар Ортиз не можеа да го пропуштат

ruth i oscar

Рут Перез и нејзиното момче Оскар Ортиз со нетрпение го чекаа новиот европски излет на нивниот омилен фудбалски клуб – Реал Сосиедад. По пауза од четири години, тимот од Сан Себастијан се врати на европска мапа и обезбеди учество во второто по квалитет натпреварување под капата на УЕФА – Лига Европа. Имајќи го предвид високиот рејтинг на шпанскиот фудбал, „сино – белите“ не мораа да играат квалификациски натпревари, за нив беше обезбедедо директно учество во групната фаза. Кога ждрепката за противници им ги додели рускиот Зенит, норвешкиот Розенборг и македонскиот Вардар – се беше јасно. Ќе се патува за Скопје.

„Двајцата сме новинари, цело лето напорно работевме за да обезбедиме финансиски средства и не заминавме подалеку од нашиот град. Затоа, го чекавме октомври и тогаш организиравме две во едно: да одиме на годишен одмор, но, пред се на натпревар на нашиот омилен фудбалски тим“, велат Рут и Оскар, кои што ги сретнавме во центарот на Скопје само неколку часа пред одигрувањето на мечот на Арената „Филип Втори“.

Облечени во препознатливите дресови на баскискиот тим, објаснуваат дека нивниот Реал ретко обезбедува пласман во Европа, поради што и немаат можност за гостувања. На домашен терен ретко пропуштаат натпревар, а патуваат и низ Шпанија, но европските мечево имаат посебен шмек. Го знаат тоа сите љубители на „најважната споредна работа во светот“.632827394-real-sociedad-players-pose-for-a-team-gettyimages-1485748644-800

„Немаше шанса да го пропуштиме ова. Што направивме? Најпрво отидовме во Дубровник, а од таму се ‘спуштивме‘ кон Белград и еве не во Скопје. По мечот, одиме во Охрид, па преку Албанија и Црна Гора се враќаме во Дубровник, па со авион ‘летаме‘ дома. Патувањето не чини 1.200 евра. Интересно е што моите родители Хозе и Маријан, како и братот Давид се, исто така, фанатици на Реал Социедад, тие директно пристигнаа на мечот во Скопје и веднаш потоа се враќаат дома. Од мали нозе сме научени да живееме за нашиот клуб, така ќе ги воспитаме и нашите деца“, децидни се Рут и Оскар.

За некои вистински и „нормални“, за други „луди“ – фудбалските фанови се „посебна сорта“. Според Универзитетот во Оксфорд, станува збор за „личности со ентузијазам или интерес кон фудбалот или фудбалски тим“. Навивачите, пак, ќе ви кажат дека постои огромна разлика меѓу обичните фудбалски фанови и поддржувачите на одреден клуб.

„Фудбалски фанови се спортски вљубеници, кои што не следат одреден клуб или лига, туку на пример ги интересираат големи натпреварувања и натпревари како на пример светски првенства, дерби – мечеви од најсилните национални првенства, или, пак, Лигата на шампионите. Така, на пример, ‘сите навиваат‘ за Реал Мадрид, Барселона, Манчестер, Челзи, Јувентус… Од друга страна, постојат навивачи што се подготвени да ‘умрат‘ за својот клуб. Тие ги познаваат сите играчи, сите играчи на конкурентските тимови, знаат кој со кого колку пати играл, сите теории на заговор, кој ќе биде првак, а кој ќе испадне од лигата… Тие не жалат средства и време да го следат својот клуб, ги тетовираат клупските симболи, на децата им даваат имиња по омилените фудбалери. Плачат кога тимот ќе изгуби, во делириум се кога ќе победи“, анализираат англиските психолози.

sociedad 1

За жал, ниту навивачите, односно дел од нив, денеска не се тоа што беа, бизнисот со фудбалот влезе во секоја пора, парите го диригираат и навивањето, поединци и групи „навиваат“ само од интерес. Хулиганите и оние што одат на натпревари само за да предизвикаат инцидент или да скршат нечија глава се проблем на општеството, но политичките авторитети немаат интерес за искоренување на ова зло.

Рут и Оскар не се дел од оваа приказна. Тие дојдоа во Скопје да се забавуваат и да го проследат во живо натпреварот на нивниот омилен тим. За нивна среќа, Реал Сосиедад победи со убедливи 6-0, но тоа и не е толку важно, бидејќи вистинските навивачи го бодрат својот клуб и кога победува и кога губи. Како што би рекле самите: Резултатот е тренд, идеалите се вечни“.

 

Горан Адамовски

A-League Rd 8 - Melbourne v Perth
MELBOURNE, AUSTRALIA – NOVEMBER 27: Melbourne City fans hold up signs during the round eight A-League match between Melbourne City FC and Perth Glory at AAMI Park on November 27, 2015 in Melbourne, Australia. (Photo by Robert Cianflone/Getty Images)

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: