На настанот учествуваа повеќе од 26.000 учесници од 188 земји во светот, кои што дискутираа на теми од различен интерес.
За првпат од прогласувањето независност, македонска делегација самостојно учествуваше на Светскиот младински фестивал што кон крајот на октомври се оддржа во Русија. На настанот учествуваа повеќе од 26.000 учесници од 188 земји во светот, кои што дискутираа на теми од различен интерес. Покрај дружењето со млади од целиот свет, изградени се многу партнерства и започнати се иницијативи што можат да придонесат за подобрување на процесите во општеството.
Сумирајќи ги впечатоците од еднонеделниот престој во Сочи, македонската делегација за „Воисес“ ги пренесе своите искуства.
„ Нашата делегација броеше вкупно 34 лица, од кои повеќето беа студенти, но имаше претставници на невладини организации, на ‘Славјански универзитет‘ и претставници од владини институции. Да се биде дел од 19. по ред Фестивал за млади и за студенти, во кој учествуваа иладници и илјадници млади луѓе од целиот свет беше непроценливо искуство за секој од нас. Секоја минута таму беше драгоцена, научивме работи што ќе можеме да ги користиме во иднина и се надеваме дека ќе имаме барем уште една шанса во животот да го искусиме тоа повторно“, вели Виктор Милошевски.
Поголем дел од македонската делегација беше одбрана да земе учество и во регионалната програма каде што селектираните учесници пред официјалното отварање беа дел од посета на региони ширум Руската федерација. Па, така, Македонци имаше во Новосибирск, Владивосток, Ростов на Дон, Санкт Петерсбург, Јарослав, Севастиопол, Казан и Калининград, каде што имаше паралелни отварања на фестивалот.
„ Во текот на фестивалот имаше дискусии и предавања од економски, културен, политички, технолошки, медицински, граѓански, научен, музички и спортски карактер. Членовите на македонската делегација беа вклучени во сите активности соодветно на своето поле на интерес. Поради моето искуство во интернационална младинска политика, бев поканет да земам учество во тимот, кој ќе ја креира програмата за идниот фестивал во полето на млади и култура, но бев принуден да откажам поради ангажманот во регионалната програма на Санкт Петересбург“, вели Милошевски.
Македонските претставници се особено горди што при правењето евалуација на програмата по региони, тие биле највисоко рангирани за нивните заложби и активното учество.
„Таму се дружевме со млади од цел свет, изградивме многу партнерства и започнавме многу иницијативи“, заклучува Милошевски.
Рускиот претседател Владимир Путин го отвори и го затвори 19. Светски Фестивал за млади и за студенти. Во својот говор, тој рече дека е сигурен оти „младите од сите земји, националности и вери се обединети со заеднички чувства и вредности, со копнеж за слобода и со надеж за постигнување на среќа, мир и договор на нашата планета“.
„Енергијата и талентот на младите луѓе поседуваат неверојатна моќ. Помладите генерации секогаш носат иновативни идеи во светот. Се трудите да пробате нови работи, да се вклучите во дебата и да ја прикажете вашата способност да не се согласувате со статус кво и како работите се прават. Бидете храбри. Направете своја сопствена иднина. Се стремиме да го промениме светот и да го направиме подобро место. Сето тоа е во ваши раце. Бидете сигурни дека никогаш нема да се вратите назад. Во меѓувреме, братството на фестивалот сигурно ќе ви помогне да ги носите вашите најхрабри и најдобри соништа и планови за живот“, потенцираше претседателот на Русија.
Во подготовката на македонските претставници помогнаа од руската амбасада во Скопје и од руската дијаспора. Македонскиот претседател ја прими македонската делегација пред заминувањето и им го врачи македонското знаме.
Првиот Фестивал за млади и за студенти е оддржан во Прага во 1947 година. Станува збор за меѓународен настан организиран од Светската федерација на демократската младина (WFDY), меѓународна младинска невладина организација призната од Обединетите нации. Нема прецизен термин на оддржување, па се случува да биде организиран по две, три, четири, пет или шест години по претходниот..
Leave a Reply