Здружението за културна соработка „Интеркултура“ ги промовира културата, еколошките вредности и подигнувањето на личните и професионалните вестини на младите
„Здружението за културна соработка ‘Интеркултура’ е организација формирана во ноември 1997 година, а официјално регистрирана на 9 март 1998 година. Идејата за основање на една организација, која ќе работи на полето на промоцијата на Македонската култура и културата на другите националности што живеат во Македонија, беше поттикната од сѐ поголемото раздвојување на етничките заедници во Македонија и непознавањето на културата на другата етничка заедница, а со тоа и нејзино не ценење. Основачи на ‘Интеркултура’ беа дваесетина млади луѓе од различна национална припадност: Македонци, Албанци, Турци и Хрвати, а членовите на организацијата сѐ од повеќето градови низ Македонија. Покрај промоцијата на културата, една од главните идеи беше и промоција на еколошки вредности како и подигнување на личните и професионални вештини на младите. Уште во тој период бевме свесни за промените на пазарот на трудот што се случуваа во Македонија и започнавме со реализација на проекти насочени кон подготовка на младите за пазарот на труд“.
Вака Зоран Велковски, директор на невладината „Интеркултура“ ги опишува почетоците на организацијата што денеска е препознатлива и респектирана и која успешно работи на решавање на потребите и приоритетите на младите, промовира интеркултурен дијалог, делува на локално, национално и на меѓународно ниво. Вели дека нивното кредо и натаму останува исто: континуирана работа за развој на личните и професионални вештини на младите и промоција на интеркултурниот дијалог.
„Во изминатите 20 години имаме реализирано преку 50 проекти на локално, државно и меѓународно ниво. Сме соработувале и сме биле поддржани од најразлични институции и донатори од Македонија, Советот на Европа, Светска Банка, Амбасади. Од проектите, кои мислиме дека се значајни и кои оставија белег, би ги издвоиле серијалот на неколку годишна реализација на проектот Културна толеранција, преку кој голем број млади од македонска, албанска и ромска етничка припадност имаа шанса да се запознаат меѓу себе, да бидат дел од работилници и на крајот од семинарот да се дружат, запознаваат и остваруваат контакти. Би го издвоил и работењето со децата и младите од Домот за деца 11 Октомври и СОС Детското село. Покрај реализираните работилници и тренинзи имаме организирано и неколку хуманитарни настани“, појаснува Велковски.
Кога се во прашање меѓународните проекти, во прв план избиваат неколкуте меѓусебно поврзани: „Меѓурелигиозната толеранција – иднина на Југоисточна Европаˮ, потоа ֦„Интеркултурализам & мултикултурализамˮ и ֦„Запознај ме пред да ми судишˮ. Учетво на овие активности зедоа млади од 11 Европски држави и преку нив беше разменето мислење, односно беа донесени одредени насоки околу улогата на религијата како дел од културата на една етничка заедница, како и интеркултурното учење како една од алатките која може да помогне во подигнувње на толеранцијата, запознавање и прифаќањето на другите националности.
Во иднина, покрај редовните активности за поддршка на личниот и професионален развој на младите, поголемо внимание ќе биде посветено на екологијата и обновливите еко извори на енергија, како и социјалното припремништво како алатка за вклучување на лица во социјален ризик на пазарот на трудот. Како дел од активностите за одбележување на 20 години од основањето, а со цел на поголема поддршка на млади во социјален ризик, промовирана е Фондација за поддршка на талентирани спортисти во социјален ризик.
„Целта на фондацијата е да промовира спортски активности меѓу младите згрижени во детските домови ’11 Октомври’, ’25 Мај’, ‘Ранка Милановиќ’, ‘СОС Детско село’, млади згрижени во посвојувачки семејства и млади кои живеат во семејства кои сѐ во социјален ризик“, потенцираат од „Интеркултура“.
Горан Адамовски
Leave a Reply