Информации

Децата да играат надвор барем еден час дневно

maja3

Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3ти декември, беше одличен повод да поразговараме со дефектологот Маја Невчевска – Станкоска. Таа ги пренесува своите искуства при работата со децата, но и предупредува дека денешното време во кое доминира технологијата, негативно влијае врз нивниот развој. Тоа беше една од причините што Здружението за дислексија „Ајнштајн“ реши да ги изнесе децата во природа, поточно на Водно, и таму да ги играат игрите со кои пораснaа постарите генерации: народна, плочка, криенка, сакате ли војна, штркот бира боја, грабни стапче, здрвена Марија.

За проектот Криенка VS Таблет…
Проектот Криенка VS Таблет потекнува од потребата на децата повторно да им се врати детството и детските игри кои се многу важни за нивниот развој. Се повеќе гледаме деца на предучилишна и училишна возраст кои немаат говор или говорот е оскуден и не соодветствува со календарската возраст на детето. Исто така, вакви состојби се манифестираат на психолошкиот, емоционалниот и физичкиот развој на децата. Во светот на детската игра постои согласување дека играта е се помалку обична забава. Се согледува дека играта е важен услов за здрав психофизички развој и условува хармоничност на физичкиот, интелектуалниот и емоционалниот развој на детето. Моторниот развој на детето е од голема важност за неговиот целокупен развој бидејќи тој претставува подлога за развој на интелектуалните и емоционалните способности. Грубата моторика е основа за развој на фината моторика, таа е условена од развојот на мозокот и мускулите. Децата кои имаат добро развиена груба моторика полесно ќе научат да пишуваат или да редат бисери и монистри. Тие ја развиваат грубата моторика во секојдневните активности, но пожелно е да се стимулира развојот на моториката преку игра. Препорака од СЗО е минимум еден час децата да бидат надвор, во природа и да имаат соодветни физички активности. Така дојдовме до идеја за овој проект кој го спроведува здружението за дислексија „Ајнштајн“, финансиран од Фондација Отворено Општество. Во проектот спроведуваме осум забавни денови со ученици од IV одделение, две работилници арт терапија, планинарење на Водно и играње игри како што се: народна, плочка, криенка, сакате ли војна, штркот бира боја итн. Прекрасно е чувството кога ги гледате насмеаните и среќни детски лица кои едноставно уживаат во природа, на сонце и ги играат игрите со кои и ние сме пораснале.

maja1
За искуствата…
Детето кое не игра е болно дете, но исто така и дете кое се заштитува од игра и на кое му се забранува да игра, ќе западне односно ќе доживее физички и ментален хендикеп. Се почесто се соочуваме со деца кои подоцна прозборуваат, говорот им е оскуден, но исто така се забележува недоразвиена фина моторика која им задава потешкотии на децата во предучилишна но особено во училишната возраст. Децата не знаат правилно да го држат моливот (трочлен стисок), имаат намалена концентрација, внимание, помнење. Се јавува зависност од игрите на компјутер, таблет кои ги играат и нивниот фокус е само на тие игри, а не и на секојдневните активности. Многу важно е да се нагласат и агресивните сцени во видеоигрите со бруталноста која доминира, па без исклучок влијае и врз негативно однесување кај децата кои што ги играат тие видеоигри. Исто така, се почесто се забележува кај децата до три годишна возраст како тие говорат на англиски, а воопшто не го познаваат мајчиниот јазик. Недоволно се развива не само рецептивниот, туку и експресивниот говор. Никако не смее да се дозволи децата да јадат гледајќи во телефон или таблет, тоа е само механичко голтање без вклучување на сетилата. Најчесто гледаме како на децата им даваме телефони или таблети со цел да бидат мирни и да не плачат, што исто така е многу погрешно. Едноставно мора да почнеме да ја подигаме свеста за тоа колку штетно влијаат телефоните врз развојот на децата особено на деца до десетата година. Во 2007 година, Гејтс, поранешен извршен директор на Мајкрософт, вовел ограничување на екранот кога неговата ќерка почнала да развива нездрава приврзаност кон видео игра. Тој, исто така, не им дозволил на своите деца да добијат мобилни телефони додека не наполниле 14. (Денес, просечната возраст за дете кое го добива својот прв телефон е 10.)
За таблетот и телефоните…
Во зависност од тоа што се работи на телефон и таблет може да го одредиме времето за користење. Но, за бебиња и деца на предучилишна возраст со часови да седат и гледаат во телевизор, телефон и таблет без никаква интеракција со своите родители е навистина загрижувачки. И на бебињата и децата треба да им се обрне внимание и да се следи социо-емоционалниот развој, комуникацијата, видот (дали следи активност од една до друга страна и дали двете очи ги движи заедно), моторните движења на рацете и нозете (локомоторни способности, постуларни способности и манипулативни способности). Сето ова денес се запоставува, бидејќи најлесен начин бебињата/децата да се тивки е да им се даде телефонот пред нив, погледот е фиксиран на едно место и не се бара никаква активност од децата, а возрасните ги извршуваат своите секојдневни активности. Потребни се промени во овие активности кога има дете во семејството и приоритет да е правилниот развој на децата. Со самото тоа што напоменав дека креаторите на ИТ уредите сами поставиле дома граница да не им даваат телефони на своите деца до 14 години сметам дека јасно кажува за користењето и времето поминато на таблети и телефони.

maja5
За активностите…
Општо е земено мислењето дека децата од предучилишна возраст кога се оставени сами, не прават ништо друго, туку само играат. Овој факт сам по себе зборува дека за децата на оваа возраст играта е најважна активност. Но, ова мислење е од времето пред да биде актуелна модерната технологија, до пред само неколку години.
Времето што се троши на теничките уреди треба да се пренасочи кон играње игри и насочени активности соодветни за детската возраст. Пијаже верува дека социјалните односи и социјалната интеракција се многу важни за правилниот развој на децата. Играта има социјално потекло. Историски гледно, детската игра се јавува едновремено со потребата од посебно воспитување на децата и токму затоа може да се каже дека уште од самиот почеток играта и воспитувањето се јавуваат заедно и меѓусебно тесно и взаемно се условуваат. Преку играта се учат и следат правила, се развиваат когнитивните способности, внимание, концетрација, помнење, мислење, истрајност, трпение. Потеклото на играта се наоѓа и во самата психолошка природа на детето, тоа значи дека преку играњето, особено предучилишното дете, ги задоволува имагинативно незадоволените желби и потреби. Кај тригодишно дете веќе е забележителен мотивот да го прави она што го прават и возрасните. Но, бидејќи не може да ги изведува нивните вистински активности, тоа се обидува истите да ги изведе имагинативно преку играњето. Уште позначајно е што детето открива нешто ново во светот на возрасните, нивните дејности и нивните меѓусебни односи. Во раното детство детето целосно е зафатено со предметите, сега почнува да се интересира за манирите на возрасните, тие стануваат модели кон кои тоа се стреми.
Играњето се јавува како симболичка активност преку која детските внатрешни доживувања добиваат надворешна временска и просторна структура која се разликува од самата реалност. Преку играта детето може да ги оствари забранетите желби зашто ги видоизменува во прифатлив облик. Денес сето ова е изменето и недостасува во детскиот развој, а последиците ако не се согледуваат моментално, тие се согледуваат во подоцнежниот развој на детето. Потребно е да се вратат вредностите, дисциплината кај децата, но пред се играта. Кога повторно би се вратила играта, детскиот џагор на улиците, играњето игри во групи, со развивање на натпреварувачкиот дух, другарување, почитување, социјализација, развивање на говор, развивање на моториката, игри со кал, одење боси, трчање, сето тоа ќе придонесе за поздрав развој на децата.

maja4

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

w

Connecting to %s