Инвазија во Загреб

4

Форшпан: Почнува Европското првенство во ракомет, Македонија очекува неколкуилјадна подршка на трибините.

Почетокот на новата година ни носи сензација што е особено значајна за Македонија, а тоа е Европското првенство во ракомет, кое ќе се одржи од 12. до 28 јануари во Хрватска. Добро е познато дека ракометот во Македонија претставува национален спорт со оглед на успесите што редовно се нижат како на клупско, така и на национално ниво. Поседува одлична репрезентација со врвни ракометари, и како таква се избори за учество на првенството со максимален успех во групата за пласман. Ждрепката одлучи македонската репрезентација да игра во Загреб, во групата Ц каде што ќе ги одмери силите со европскиот шампион Германија, добро познатата Словенија и не помалку значајната Црна Гора. Иако станува збор за група со силни противници, голема е веројатноста дека Македонија ќе го продолжи натпреварувањето во следната фаза со надеж дека ќе влезе во финалната четворка и ќе се вклучи во борбата за трофејот. Сето тоа не би било комплетно доколку не е присутна подршката од публиката и од верните навивачи. Без оглед  дали станува збор за пријателски натпревар или натпревар од највисоко ниво, тие редовно се присутни во голем број  на трибините. Облечени во црвено-жолтата боја, навивајќи и пеејќи песни со сета сила од своите грла, како и со приредување на разни спектакли, верно ги бодрат ракометарите да дојдат до победа. Затоа не случајно е потврдено дека македонската публика претставува гордост за тимот и страв за противникот.

2

Секако дека гордоста и мотивацијата кај играчите ќе бидат уште поголеми доколку публиката масовно е присутна на трибините. Со оглед дека првенството се одржува во Хрватска, се очекува вистинска инвазија од страна на македонските навивачи, кои се очекувани во голем број веќе од првиот натпревар против репрезентацијата на Словенија што ќе се игра на 13 јануари во 19:30 часот. Билетите во слободна продажба се речиси распродадени, а цената кај онлајн продавачите за натпреварите во кои игра македонската репрезентација изнесува од 20 до 50 евра за дневен билет, односно за два натпревари во денот. Доколку се одлучите да патувате до Загреб со автобус, повратен билет би ве чинел околу 90 евра, а за четири ноќевања во хостел или ефтин хотел ќе треба да одвоите најмалку 120 евра, секако, доколку успеете да најдете слободна соба или кревет, бидејќи повеќето од нив се одамна резервирани. Слична е ситуацијата и кај понудувачите на приватно сместување каде што зависно од квалитетот на понудата и локацијата во градот, цените се движат од 15 до 40 евра за ноќевање по особа. Значи, може да заклучиме дека за да го проследите првенството во сопствена режија, би ви биле потребни околу 400-500 евра. Но, да не ги заборавиме и туристичките организации кои се во голем број и кои нудат пакет аранжмани по цени од околу 300 евра. Во понудата, покрај патот, сместувањето и следењето на натпреварите, додадена е можност за дополнителни факултативни излети и разгледи на Вараждин, Трст, Самобор и детален разглед на Загреб предводен од туристички водич.

Доколку сте заинтересирани повеќе информации можете да добиете директно во туристичките агенции или да ги посетите нивните веб страни каде што ќе најдете детални информации во врска со аранжманите, а понудите се навистина примамливи. Која опција и да ја одберете, сигурно нема да погрешите во намерета  да ја бодрите македонската репрезентација кон постигнување на нови успеси. Покрај тоа што ќе уживате во атмосферата и прославите за победите, ќе се стекнете и со незаборавно искуство, па со нетрпение ќе го очекувате со секој нареден настап на ракометарите.

Милан Ѓапиќ

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: