Интервју

Медиумите го креираат јавното мислење, но луѓето не им веруваат

15941237_10154935944194596_170006044611808963_n

Искра Коровешовска е едно од препознатливите лица на македонското политичко новинарство. Моментно е дел од ТВ „Алфа“, има 14-годишно искуство, работеше во „Скај Нет“, беше дел од лајф – магазинот „Чуму“, а потоа и дел од вестите на А1, а до летово и од дневниот весник „Дневник“

Искра, зошто го одбра новинарството како твое животно занимање?

– Сосема несвесно влегов во новинарството. Пред да се запишам на факултет, последната година од средно училиште бев решена дека ќе студирам англиски и шпански јазик, но само три дена пред уписите, работите добија поинаков тек. Всушност, татко ми во мене препознал талент за новинарство, ме разубеди екстремно брзо, и моите документи завршија на Правниот факултет- отсек новинарство. Успеав да ги положам приемните испити, и почна мојата нова фаза во животот. Учење и станување новинар.

Како е да се биде новинар во Македонија?

– Предизвикувачко, тешко. Македонија е земја која некако плива низ процес на транзиција од своето осамостојување во 1991 година, и се уште. Мало, прекрасно парче земја, кое како да не успева да созрее до степен на ‘убав живот‘. Можеби затоа што сме едноставно на Балканот, но пред се заради нашите политичари и државници, кои се чини, не покажаа политичка волја за вистинско раководење и создавање на зрела и економски стабилна држава. Сето тоа се рефлектира врз новинарството, постојано и постојано. Но, предизвик е да си креатор на јавното мислење во полза на државата и нејзините граѓани.

Каква е генерално состојбата со медиумите?

– Плурализмот во медиумите постои, што е и одлика на секоја зрела и демократска држава. Но, финансиските проблеми со кои се соочува македонското општество, особено последниве неколку години на политичка криза, се рефлектираат и врз медиумите. Гаранцијата на опстојување на медиумите е доведена во прашање. За кусо време згаснаа една од најгледаните телевизии, медиумска компанија што беше сопственик на три дневни весници, еден портал… Тоа не е добра слика. Истовремено држава без медиуми, без квалитетни медиуми е како држава без идентитет. А професионални новинари има, само треба да се препознаат и ценат.

Те молам, сподели ја најинтересната или најважната вест на која што си работела?

– Многубројни се, 14 години сум новинар, имам полно приказни на кои со задоволство се сеќавам. Но, кога се присетувам со посебна љубов, жар и емоции зборувам за две мои стории за еден од најтиражните дневни весници за кои работев: ’Дневник’. Првата е пронаоѓањето на гробот на македонскиот војвода и еден од најзначајните историски личности – Гоце Делчев во селото Баница, во Грција. Според моите информации, јас сум вториот човек кој, после многу децении, успеал да го лоцира гробот, во селото буквално збришано од географската карта на Грција. Втората приказна е за истиот весник, кога се облеков во питач, и поминав речиси цел ден низ скопските улици обидувајќи се да ја пренесам вистинската борба на сиромаштијата и питачењето. Ова е посебен новинарски жанр, кога новинарот истражува ставајќи се во улога на друг, за да долови реална слика. Има уште многу други искуства, не толку позитивни, но, тука се гледа професионалноста и љубовта кон работата: истрага за едно убиство со директно лоцирање на мртвата девојка на местото на злосторот – слика што никогаш нема да ја заборавам. Последниве години работам на политички известувања и анализи, нема подобро од тоа кога ги откриваш нечистите или криени политички игри и и ги сервираш на јавноста, таа мора да знае што прават оние кои ги избрала да ја водат државата.

Каква е разликата меѓу новинарството на ТВ и во весник?

– Стилот, динамиката, размислувањето. Во весник, темпото едноставно не е тензично како во ТВ, не си постојано во брзање и патувања во обид да дојдеш до информација, тоа едноставно може да се заврши телефонски и со една до две фотографии. Весниците се анализи, ексклузивитети кои мора да се чекор пред телевизиите, оти невозможно е да се тркаш со жива слика и тон. Но, телевизијата е посебна магија. Тоа не е клише, туку е вистински опис. Новинарите кои почнале како телевизиски личности, тешко засакуваат друг медиум.

Дали повторно би се одлучила за новинарство да можеш повторно да си средношколец?

– Да. Без размислување. Би ги минала истите премрежја, би работела како почетник без плата, би учела повторно од најдобрите. Ако е грешка, без двоумење би ја направила пак.

Што мислиш за синтагмата дека новинарството е најдобрата професија во светот доколку ја напуштиш навреме?

– Апсолутна вистина. Зошто? Новинарството можеби повеќе од мнозинството други професии ти го парализира приватниот живот, нема граници на работни обврски и крај на работните обврски во денот. Од позиција на мајка, сметам дека во еден момент новинарите- мајки се наоѓаат во состојба да завршат се и да се посветат на детето. Но, така ја дефинирам синтагмата сега, можеби мајчинството нема да ’победи’, но кога ќе почувствувам дека публиката, односно јас се презаситувам – нема да сакам да станам неподнослива. Ќе се повлечам на време. Но, не сум во таа фаза. Не се уште.

Како изгледа работниот ден на новинарите?

– Никогаш исто, никогаш досадно и монотоно. Почнува со читање и гледање вести на интернет и печатени медиуми – паралелно со будењето и првото кафе. А некогаш и на слушалки додека крадам време за вежбање или трчање. Потоа, неколкучасовно снимање и теренска работа, па назад во редакција. Следи обработка на информацијата, нејзино соодветно пакување, проследено со безброј интересни ситуации, тензии, технички проблеми, нервозни уредници, хумор и тахикардија. Финализира со подготовка на новиот ден. Новинар сум едноставно цел ден.

Како препознаваш вистинска од лажна вест?

– Искуството те учи како да филтрираш што значи лажна, а што вистинска вест. Во искуството се спакувани и луѓе-извори на информации во кои имаш доверба. Кредибилитетот на медиумот кој ја објавува, апсолутно, повторно поврзано со искуството, односно познавањето на македонските и светските медиуми, нивната поставеност, уредувачки политики… Во вистинските вести изворот е наведен, нема многу прашалници, нема импровизации.

Дали медиумите го креираат јавното мислење и колку луѓето им веруваат?

– О, да. Особено телевизијата. Се уште е најмоќен медиум, особено во Македонија. Влијанието е огромно, но не и довербата во медиумите. И сега звучи контрадикторно: од една страна силно влијание, но од друга – голема недоверба. Плурализмот во медиумите овозможува поглед од различна страна, тоа ги збунува луѓето, но иднината ќе покаже кој предвидел правилно и информирал професионално. Но, за тоа не се највиновни медиумите, оти тие едноставно се оневозможени да добијат информација, оти кај оние кои ја даваат постои недостаток од почит и култура на однесување кон медиумот. Последниве, заради ова, се често принудени да шпекулираат што ја руши сликата за телевизијата кај народот. Понекогаш е полесно да се разговара со странски отколку со домашен политичар. И тоа објаснува многу нели?

Christopher Maiken

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s