Култура

Вевчански карневал

7

Како и секое место во Македонија, па така и Вевчани е богато со историски податоци и легенди што до денешен ден се раскажуваат од постарите жители на ова село.  Траги од населбата постојат од третиот век пред Христа. Неговата прва локација не била денешно Вевчани, туку тоа се наоѓало нешто подолу од подножјето на планината Јабланица, на местото што денеска се вика Селиште. Можно е и да дошло до спојување на античкомакедонска населба што се наоѓала во областа Вајтос непосредно над Вевчани со Селиште. Источно од Вевчани се наоѓа месноста Рамов Гроб, која што го добила своето име поради тоа што извесен Албанец, Рамо од Велешта недозволено земал од вевчанската вода и ја пуштал во своето село, поради што бил убиен од селаните. Се памети и свештеникот Поп Наум, познат и под прекарот „Мал Оџа“, кој се спротиставувал на некојси богат жител по име Гроздан-паша од селото Горна Белица, кој сакал да ги присвои вевчанските пасишта на Јабланица, заради што попот отишол да бара правда дури до Цариград.

4

Во време на национално-ослободителната и револуцонерната борба против отоманското ропство, од Вевчани биле двајца војводи на струшката чета на ВМОРО: Јаким Алулов и Ставре Гогов, кој од летото, 1904 година, по убиството на Јаким Алулов, станал војвода на струшката чета на ВМОРО. Во април 1907 година, Ставре престојувал во куќата на вујко си Трпе Шекутков во родното село Вевчани, за што Турците дознале и со редовна војска и башибозук од соседните села Октиси, Лабуништа и Подгорци ја опколиле куќата. Ставре Гогов заедно со домаќините јуначки издржал над 20 часа во нерамноправната битка, додека неговата свршеница Кота Христова успеала да ја помине опсадата и да им донесе бомби и патрони. Откако снемал куршуми, Ставре Гогов се самоубива за да не му падне в раце на непријателот. Со него загинуваат и Трпе Шекутков и брат му Кузман Шекутков. Снаата Андрица и трите внуци на Кузман Шекутков биле ранети, а од нападот на аскерот и башибозукот загинале 27 души. Турците ќе ја запалат куќата. По смртта на Ставре Гогов, неговата свршеница Кота Христова го убива предавникот и се вклучува во една од четите на ВМОРО.

Вевчани е сместено во подножјето на источните падини на планината Јабланица на надморска височина од 800 метри. Поточно, селото е сместено на границата односно допирот помеѓу планинската падина на Јабланица на запад и рамнината на котлинското дно на исток . Атарот на Вевчани се наоѓа северозападно од Охридското Езеро на западната страна на Струшкото Поле на источната страна на Јабланица . Се протега во насока исток – запад, од подножјето, преку ридестиот терен, сè до сртот на планината Јабланица. Се граничи со општина Струга, а во потесен дел ја допира државната гранична линија со Албанија. Вевчани е ридско село чии што куќи се издигнуваат на надморска височина од 820 до 980 метри. Од централното место односно градот Струга е оддалечено 13,5 километри, а од патот Струга- Дебар околу четири километри. До Вевчани води асфалтиран пат, кој од Струга минува низ селата Враништа и Велешта.

Вевчани е големо село налик на гратче-паланка и тоа доста добро урбанизирано, уредено и регулирано. По средината на населбата минува главната улица во правецисток-запад на која се сконцентрирани повеќето продавници, хотели, ресторани, трговски и занаетчиски дуќани, домот на културата и отворената сцена на амфитеатерот и Здравствениот дом. Вевчани претставува седиште на истоимената општина и тоа единствен случај во Република Македонија, само една населба да претставува засебна општина. Соседни села на Вевчани се: Подгорци на север, Октиси на југ, Велешта на исток и Горна Белица на југозапад.

2

Вевчански карневал — еден од најпознатите настани во Вевчани е Вевчанскиот карневал. Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но сепак во последните години во организација на Општината и Министерството за култура, се воведува ред во овој, инаку, хаотичен вонвременски настан, кој годинава започна на 12 јануари и траеше во следните три дена. За петочната забава беа задолжени Кирил Џајковски, Фолтин, Плуто’с Доубтс. Музиката и маските беа насекаде низ Вевчани.

Саботата, некаде на пладне и официјално беше отворен овој безвременски карневал. Беше проследен со народна музика, многу ора и маски. Целото место како да живееше само во духот на карневалот. Саботата вечерта доаѓаат мажи маскирани во женски алишта и тропаат по врати на локалните жители (нешто слично како коледарите ). Откако ќе завршат со овој адет, потоа се упатуваат кон блиските извори. И таму остануваат цела вечер. Неделата претпладенто се симнуваат надолу и се упатуваат кон центарот (сред село) за да го завршат тридневниот карневал со палење на маските. Секоја маска која е таму е рачна изработка на локалците.

Огнен Анчевски

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

w

Connecting to %s