Да почнеме со најсвежата тема: Ракометното европско првенство во Хрватска и настапот на македонската репрезентација. Имавме одличен старт, а завршивме 11, зошто повторно не успеавме да се вмешаме во битката за висок пласман?
Наумче: Да, стартот беше одличен, но вториот дел во Варажник го одигравме многу поразлично и послабо од оној во Загреб. Според моето долгогодишно искуство, мислам дека клупата си го направи своето, немаме толку голем ростер на играчи кои можат да го издржат темпото, односно ритамот секој натпревар да се игра како да е финале. Тоа не е од сега, сме имале проблеми и порано кога едно седум-осум играчи играле постојано, другите седеле на клупа или влегувале по малку. Од друга страна, големите репрезентации го немаат тој проблем, имаат ростер од 16 играчи и сите играат, така што кога ќе се почувствува мал пад во играта, веднаш влегува ‘вториот тим’ и тоа не се чувствува.
Спомна дел од недостатоците со кои што се соочуваме, може ли да ни кажеш кои други проблеми би ги издвоил или, пак, си се соочил со нив додека ти беше на теренот?
Наумче: Како што реков, недостаток број еден е тесниот ростер, потоа големиот број технички грешки што ги правиме, а кои не се недозволиви за натпревари на европски или светски првенства. На ова првенство, во групната фаза во Загреб не правевме многу грешки и тоа се виде на резултатот, но подоцна, кога стигна заморот, кога телото и мозокот не функционираат како што сакаш, доаѓа до тие технички грешки, а противнивите со поширок ростер тоа знаат да го искористат. Така што им ги даваме топките во раце на противниците, ни ја пресекуваат, ни паѓа од раце и од контранапади примаме голови.
Факт е дека Македонија е ракометна земја, со одлични ракометари, но што треба да поседува една репрезентација за да има успех?
Наумче: Секако, најважна е дружбата надвор од терен, кога си близок и кога соработуваш со повеќето играчи, не мора со сите, живеете, заедно пиете кафе и што уште не, тоа секако се рефлектира и на самиот терен. Најголемите успеси ги имавме кога 90 отсто од тимот од репрезентацијата игравме во еден клуб, тоа беше Металург, а надворешни играчи имавме уште два-тројца: Кире, Борко и уште некој кои само се надополнуваа. Кај другите репрезентации тоа го немаше, доаѓаа од различни клубови, па кога се собираа не се познаваа доволно.
Веќе ги спомна дел од клубовите каде што си бил дел, да се потсетиме на твојата ракометна приказна, твоите почетоци, 20 години ракометна кариера и многу успеси. Може ли на кратко да ни раскажеш за тоа?
Наумче: Почнав во родната Струга и сѐ до својата 18, скоро до 19-та година бев таму. После тоа заминав во Пелистер, кој во тоа врем беше најмоќниот клуб во Македонија. Таму го потпишав првиот професионален договор на четири години. Мислам дека останав шест години во Битола, после тоа се префрлив во Вардар. Во Вардар бев четири години, па заминав во Шпанија, каде останав две години. Повторно се вратив во Вардар, играв една година, па направив трансфер во Металург. Во Автокоманда останав околу шест години, и да не заборавам: по една година во Катар и во Романија.
Богата ракометна кариера, кои натпревари оставиле силен печат на твојата кариера и на тебе како личност?
Наумче: Има многу такви натпревари, некои ги паметам по добро, други по лошо. Со Пелистер одиграв доста финалиња, со Вардар играв во Европа, бев и капитен, со Металург ги победивме Барселона и ПСЖ… Со репрезентацијата почнавме од претквалификации против Бугарија, а завршивме на светски првенства каде победувавме одлични репрезентации. Ако морам да издвојам, мечот против Русија на СП 2009 година, кој одлучуваше за пласман во втората фаза и кој го одигравме одлично и победивме. Негативно, пак, несреќниот пораз од Данска на ЕП во Србија што нѐ чинеше пласман во полуфиналето.
На теренот покрај противниците, ги имаме и судиите, кои често знаат да бидат потежок ривал и од спротивниот тим. Како се справуваше со нив?
Наумче: Мораш на мирен начин да постапиш, оти нивната е последна. Мислам во ракометот, судиите сѐ уште имаат големо влијание, иако главни актери на теренот треба да бидат играчите, а не тие. Верувам дека во иднина ќе се сменат работите и на тоа поле, затоа што никој не доаѓа во сала за да ги гледа судиите, туку играчите.
Наумче како студент и Наумче надвор од ракометниот терен, што сака да прави Наумче во слободното време, хоби некое кое би сакал да го споделиш со нас?
Наумче: Веќе сум при крај на постдипломски сттудии на ФОН-отсек за спорт и спортски менаџмент. Што се однесува до слободното време, сега конечно го имам, бидејќи 20 години не знаев што е зимски и летен одмор. Времето го поминувам со со моите најмили, децата, сопругата… Воглавно сум во мојата Струга, сакам да се опуштам со риболов.
Наумче, што содржи твојот рецепт за успех? Дали тука има големо влијание тренингот, дисциплината или, пак, здравиот начин на исхрана?
Наумче: Тоа оди едно со друго, тренингот пред се ќе го ставам на прво место зошто никој не се родил учен и не знае на почеток дали ќе се занимава со спорт или со некоја друга активност. Пред сѐ, и за мене е тренингот кој те мотивира и стимулира да стигнеш до некоја цел која ја посакуваш и потајно ти стои во главата. Следува исхраната, здравиот начин на живот, нема излегувања кога сакаш, нема кафиња кога сакаш, нема ручеци кога сакаш и што сакаш. Натпреварите го диктираат темпото. Мора да се одречеш од многу работи за да стигнеш до врвот.
Кое е твоето мото и што е тоа што те води кон остварување на твојата цел?
Наумче: Јас сум заљубеник во спротот, почнав со пливање, па со фудбал, но на крајот се пронајдов во ракометот и си зацртав дека ќе успеам. Кога бев млад, идоли ми беа покојниот Боро Чурлески, Томче Петрески, Пепи Манасков и си замислуваш дека ќе станеш како нив. Кога ќе потпораснеш, ќе видиш дека дека треба да додадеш гас, да се качиш на повисоко ниво, твоето тело и мозок чувствуваат можност за напредок, го даваш максимумот на тренинзите и на натпреварите и тоа, секако, ќе дојде до израз. Самиот натпревар е како шлаг на тортата, оти бадијала е да тренираш и по десет часа дневно ако тоа што си го научил не знаеш да го спроведеш на теренот.
Што би им препорачал ти на младите ентузијасти кои тежнеат да ги остварат своите цели, визии, да достигнат да бидат идолите што си ги имаат?
Наумче: Доаѓа лошо време, зборувам за пороците, многу деца завршуваат на улица, малку се занимаваат со спорт, а спортот е пред сѐ здравје, Тренираш еднаш или двапати дневно, но сѐ е поврзано со тренингот, во зависност од него ги темпираш оброците и обврските. На младите им порачувам да тренираат, оти талентот е недоволен сам по себе.
Кои се твоите планови во блиска иднина?
Наумче: Од овој месец официјално го презедов ракометниот клуб Струга каде што ги направив првите чекори во ракометот. Целта ми е да се вратат талентираните деца на теренот, да произлезат квалитетни ракометари и, секако, да се брка пласманот во Супер лига.
Ивана Анѓеловска
Leave a Reply