ЗОИ: Довидување и благодариме Пјончанг

2000px-PyeongChang_2018_Winter_Olympics.svg

Изминатиов период од 9-25 февруари бевме сведоци на 23. Зимски Олимписки Игри, чиј домаќин за првпат досега беше градот Пјонгчанг во Јужна Кореја. Вкупно 2.952 натпреварувачи од 92 национални олимписки комитети земаа учество во 15 спортски дисциплини, односно вкупно 102 натпревари. За првпат учествуваа натпреварувачи од Еквадор, Еритреја, Косово, Малезија, Нигерија и Сингапур, а беа воведени и нови спортски дисциплини како што се: Биг Ер (сноубординг), масовен старт (брзо лизгање), мешани двојки во карлинг и мешани екипи во алпско скијање. Интересно е да се напомене дека Северна Кореја и Јужна Кореја учествуваа под знамето на Обединета Кореја и се натпреваруваа со заедничка женска хокеарска репрезентација, додека во сите други спортови имаа посебен тим. Рускиот Олимписки Комитет беше суспендиран од страна на Меѓународниот Олимписки Комитет поради допинг, па индивидуалните спортисти кои се квалификувале за игрите и покажале дека се усогласени со допинг регулативите мораа да се натпреваруваат под името „Олимписки спортисти од Русија” и под олимпиското знаме и олимписката химна.

Целата организација на Олимписките игри го чинеше Пјонгчанг 13 милијарди долари. Тој е третиот азиски град организатор, по јапонските Сапоро во 1972 година и Нагано во 1998 година. Свеченото отворање на игрите се одржа на Олимпискиот стадион во Пјонгчанг. Изградбата на овој стадион со капацитет од 35.000 гледачи чинеше 100 милиони долари и истиот ќе биде искористен само за отворањето и затворањето на Зимските Олимписки и Параолимписки игри. По завршувањето, односно по месец март годинава, ќе биде размонтиран и продаден на делови.

Olympics Freestyle Skiing Men, Pyeongchang, South Korea - 07 Feb 2018
Mandatory Credit: Photo by Gregory Bull/AP/REX/Shutterstock (9358830g) Mikael Kingsbury, of Canada, trains ahead of the 2018 Winter Olympics in Pyeongchang, South Korea Olympics Freestyle Skiing Men, Pyeongchang, South Korea – 07 Feb 2018

Беа доделени вкупно 307 медали на натпреварувачи од 30 Олимписки комитети. Најуспешни беа натпреварувачите од Норвешка со вкупно освоени 39 медали, потоа следуваат Германија, Канада, САД, Холандија… Голем број натпреварувачи освоија повеќе медали во различни дисциплини. Меѓу нив се и Норвежаните Марит Бјорген со освоени 5 медали и Јоханес Хосфлот Клаебо со освоени 3 медали во крос-кантри, Германецот Франческо Фредрих со двојната победа во боб санкање, Французинот Мартин Форкед со 3 златни медали во биатлон и уште многу други. Најмладата победничка со само 15 години беше Алина Загитова од Русија во дисциплината уметничко лизгање, додека највозрасна натпреварувачка беше Канаѓанката Шерил Бернард на 51 годишна возраст во дисциплината карлинг. Пријатно изненадување ни приреди германскиот тим во хокеј на мраз, кои со победата над Канада успеаа да се пласираат во финалето каде што загубија од Олимписките спортисти од Русија во продолжението на натпреварот, но исто така не помалку забележителни беа и натпреварувачите во боб санкање од Јужна Кореја кои како дебитанти успеаа да се закитат со сребрен медал. Беа забележани и неколку нови олимписки и светски рекорди во брзо лизгање поединечно и штафетно.

Stavre+Jada+2018+Winter+Olympic+Games+Opening+IJ_8EK4nGnol

Македонкиот олимписки комитет се претстави со три натпреварувачи, а тоа беа: Антонио Ристевски во алпско скијање, кој за жал не го заврши својот настап во велеслалом, додека Ставре Јада ја заврши квалификациската трка во спринт на последното 79 место, и Викторија Тодоровска која заврши на 85 место од вкупно 90 натпреварувачки во крос-кантри. Сепак, како што гласи олимпиското правило: „не е важно да се победи, важно е да се учествува”, па ни останува да се надеваме дека веќе на наредните игри одржат во Пекинг во 2022 година, Македонија ќе се претстави со поголем број на натпреварувачи во повеќе спортски дисциплини и секако дека ќе биде забележан поголем успех. За крај, можеме да заклучиме дека изминатиов месец ни приреди задоволство и незаборавно уживање во Зимските олимписки игри кои вечно ќе бидат забележани во спортската историја.

Милан Ѓапиќ

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: