Младинска размена „Human Libraries“ во Турција.

Во периодот од 10 – 18 март 2018 во Памуккале, 42 учесници од Турција, Македонија, Романија, Италија, Грција, Бугарија и Шпанија беа дел од младинската размена „Human Libraries: Let’s Create Socially Inclusive Society through Dialogue (Човечки библиотеки: Да создадеме инклузивно општество преку дијалог)”, финансирано од програмата на Европската унија Еразмус+. Преку оваа размена учесниците го збогатија своето знаење за дискриминација и говор на омраза, и преку концептот „човечки библиотеки“ ги подобрија своите вештини и научија како директно да се вклучат во процесот на создавање инклузивно општество.

МК тим

Благодарение на Волонтерски центар Скопје (ВЦС) македонскиот тим составен од Лилјана, Ангела, Јетон, Анастас, Оги и Ивана на 10 март пристигна во Памуккале. Нашиот тим веднаш се зближи и почна да шири позитивна енергија наоколу. Бевме вистински тим, грижливи еден за друг, без проблем разговаравме за нашите стравови и очекувања, а истовремено ја ширевме нашата енергија и пријателство и со останатите учесници.

Бевме сместени во прекрасен хотел во Памуккале, каде што првите денови имавме различни игри и активности сè со цел подобро да се запознаеме. Учевме за стереотипи, дискриминација, говор на омраза, толеранција и почитување. Во текот на интернационалните вечери се обидовме да прикажеме дел од нашите култури и традиции. Пробавме различни специјалитети од земјите што учествуваа на размената и игравме неколку традиционални танцови.

Еден од најголемите предизвици беше кога требаше да запознаеме локален жител и да побараме од него да ни раскаже за својот личен живот. На тој начин преку приказните на Чичкото што продава сладолед, Гледачката на кафе и многу други запознавме дел од турската култура. Истовремено, уживавме и во турска бања, турски специјалитети, гостопримство и природа. Со текот на времето навлеговме сè подлабоко во темата за говор на омраза. Изработивме весник, како и блог и почнавме кампања на социјалните мрежи, а некои од нашите активности може да ги погледнете на Инстаграм: @humanlibraries.

Имавме и слободен ден, кој го искористивме во посета на античкиот град Хиераполис, „Памучната тврдина“-Памуккале и градот Денизли. Целата област беше богата со извори на природна и минерална вода, како и термални бањи. Откако ја завршивме посетата на Памуккале и Хиераполис, со жичница (на турски: Teleferik) се качивме до врвот на Денизли, каде што уживавме во прекрасната природа што го окружува градот.

Младинската размена заврши со интерактивна Човечка (или жива) библиотека што се одржа последниот ден во Младинскиот совет на Денизли, каде што се запознавме со неколку локални волонтери и имавме можност да го слушнеме инспиративниот говор на Озан Улусој, млад претприемач со Даунов синдром. Подоцна слушнавме седум различни приказни раскажани од една „книга“ од секој национален тим. Идејата беше да се води разговор со човечка книга, односно личност која се соочила со некакво дискриминирање по основ на пол, раса, сексуален идентитет, етнична или верска припадност и сл. На крај, реакциите на посетителите, а и на самите „книги“ беа многу позитивни. Човечки библиотеки беше настан на кој, наместо традиционално да се разменува знаење од книга на читател, се разменуваше знаење во двете насоки. Секој можеше да ѝ постави прашање на книгата и во живо да го слушне нејзиниот одговор.

Памуккале

И покрај тоа што бевме зафатени и имавме многу активности, го користевме секој слободен момент да се запознаеме подобро. Ова беше недела исполнета со убави моменти, а сите ние сме среќни што имавме можност да бидеме учесници и да се вратиме дома со нови знаења и пријателства. До следно видување!

Лилјана Ристова.

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: