Бисерот на Егејот

Хомер – големиот поет што потекнува оттаму, го опиша како „најубавиот град под небото“, Аристотел му ја нагласуваше на Александар важноста на овој град, велејќи му дека ‘кој не го видел многу пропуштил’, географот Страбон го опишуваше како „најпрекрасен од сите можни градови“. Градот за кој големиот автор Виктор Иго пишуваше во своите дела и го нарекуваше „принцеза“ дури и без да го има видено. На западниот дел од Турција и на Егејското приморје се наоѓа Измир, бисерот на Егејот. Овој град ги содржи убавините кои секој град треба да ги има.

Познат по својата историја која датира од 3000 година п.н.е., Измир бил омилено место на кралевите, царевите и султаните илјадници години. Градот се сретнал со разни цивилизации и стана еден од елитните градови на Римската Империја и еден од најважните религиозни центри на Византиската империја, кој ужива најголеми привилегии. На крајот се сретнал со турскиот свет и по периодот на турското кнежество станал крајбрежен град на Османлиската империја. Како резултат на условите и поволната географска местоположба, овој мал град станал дел од најважните пристанишни градови на Медитеранот.

Името Измир потекнува од амазонската кралица наречена Смирна, а според гласините, овој град бил освоен од Турците и почнал да се нарекува Исмир. Името Смирна во текот на својата долга историја се претворило во Измир, името што го користиме денес. Во историјата на Измир, Античкиот град Ефес има многубројни карактеристики. Таму се наоѓа храмот на Артемида, едно од седумте светски чуда. Пронајдоците откопани во античкиот град Ефес, каде што трагите од населен живот се протегаат до 6000 година п.н.е., ни нудат одлична можност за разбирање на животот од тој период. Ефес го посетуваат многу туристи поради неговата блискост со центарот на градот Измир и Кушадаси. Кога ќе го посетите Ефес, дефинитивно треба да го посетите и  селото Ширинџе, како и куќата на Пресвета Богородица.

Античкиот град Бергама во северниот дел на Измир е познат и како Асклепиј, според богот на медицината во грчката митологија. Во Бергама продавниците од хеленистичкиот период, урнатините на античкиот крал Атал, градскиот плоштад, светата област Атена, библиотеката, театарот и храмот на Дионис се места кои треба да се посетат. Измир е динамичен град во економски и социјален поглед, поради неговата локација, клима и испреплетување на најразлични култури и религии. Персијците, античките Грци, Асирците, Римјаните, Византијците и Османлиите се само неколку од десетиците различни цивилизации кои градот ги имал низ својата долга историја. Луѓето во Измир ги прифаќаат сите разлики без да се мешаат во животите на другите. Измир е град кој ги впива слободата, ослободувањето, модернизмот и мирот во душата и тоа не само во луѓето, туку и во галебот, на работ од морето, во свежината на ветрот, имајќи чувство на слобода што се создава во секој од нив. Чешме е еден од најпознатите туристички центри во Измир. Во Алачати луѓето доаѓаат секое лето за сурфање и ноќен живот. Со своите убави и бели песоци, плажата Илика во Чешме е светски позната. Далијан, пак, ги привлекува туристите со својата природна убавина и забави во живо, а истовремено е познат и по своите риби.

Ephese_seyq01

Стариот град Фоча е место кое го посетуваат туристите заради неговите загрозени медитерански фоки, карпи-сирени, замок, историски споменици, величествена природа, како и морските риби барбун и орада. Ако сакате да испиете убаво турско кафе откако ќе јадете во познатите ресторани за стари риби во Стара или Нова Фоча, тогаш свртете кон селото Козбејли. Козбејли е познато по својата историска џамија, камени куќи, бор и маслинки, поглед на море, село со автентични јадења и најважно – дибек кафе.

Освен вкусната риба, од измирската кујна мора да се пробаат и билките и јадењата од маслиново масло. Маслиновото масло се користи во измирската кујна речиси 2500 години. Во античкиот јонски град Клазомена во Урла се наоѓаат најстарите фабрики за маслиново масло во светот. Јадењата со маслиново масло се многу популарни во Измир, но не можe да се рече дека Измир е сосема дефиниран кога станува збор за кулинарната култура бидејќи, покрај османлиската традиција за готвење, во измирската кујна се забележуваат и еврејските, ерменските и грчките вкусови. Прилично големи се и италијанските и француските влијанија.

Измир е трет по големина град во Турција, со историја долга 8500 години, домаќин на 32 цивилизации, кои оставиле уникатни јадења како наследство. Со поволни климатски услови, Измир Ве чека да ја откриете секоја нијанса на сино во морето.

NejdetDuzen_QuayAlacatiTurkey

Atahan Gokce

Превод: Лилјана Ристова

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: