Интервју

Задоволството да се обидам да создадам нешто свое сè уште беше таму…

1

Ангел Спировски (1996) го започнал своето академско образование во 2014 на ФМУ-Скопје на одделот за композиција студирајќи со вонредната професоркам-р Дарија Андовска, додека во 2015 година го започнува својот втор оддел – оркестарско диригирањесо вонредниот професор м-р Сашо Татарчевски. Тој присуствувал на неколку семинари и мастер класови со европски композитори како што се: Бернард Вулф (Германија), Олга Викторова (Украина / Русија), Жан-Лук Фафшамп (Белгија), Снежана Нешиќ (Србија / Германија), Штефен Шлаермахер (Германија) и др.Неговите композиции беа изведени на недамнешенитеизданија на фестивалот “Денови на македонската музика”, додека како диригент свиреше со “Кон Темпора” – современ музички ансамбл, како и со Камерениот оркестар на Музичкиот факултет во Скопје.

Што мислите за фестивалот “Денови на македонската музика”? Дали мислите дека им помага на младите или ги прави да бидат конформисти? Дали се согласувате со возрасните граници; многу пати, постарите генерации не го добиваат заслуженото внимание…

Да се има фестивал кој ја промовира домашната современа музика, но во исто време ни дава можност да се запознаеме со новите музички трендови во светот, е од витално значење за младите музичари, композитори и изведувачи.”Денови на македонската музика” е досега единствениот фестивал каде еден млад композитор може да го слушне и да го види вистинскиот продукт на неговата/нејзината имагинација.Тој е единствениот фестивал каде еден млад изведувач може да добие шанса да се претстави пред публиката. Најпосле, тој е и единствениот фестивал каде што публиката може да ја слушне професионалната современа музика.Колку што знам, нема старосни граници при изборот на програмата и не гледам зошто некој би можел да се чувствува како да не го добива “заслуженото внимание”. Можеби не сум во право, но продуктивноста на постарата генерација македонски композитори е речиси непостоечка, така што тукалежи вашиот одговор.

Многу млади уметници со кои разговарав не сакаа да дојдат на овој настан, тврдејќи дека е нечесен, и дека имало некои активности поврзани со публиката и со целата организација. Дали мислите дека ова е вистина? Какво е вашето мислење за организацијата на овој фестивал?

Единствените сегменти на “чесност” што ме интересираат кога станува збор за одење на концерт, се искреноста на претставата и колку бил искрен композиторот сам со себеси додека го пишувал делото. Парадоксално, повеќето концерти во кои може да се почувствува таков вид искреност ги изведуваат меѓународни ансамбли, но сепак програмата што ја играат секогаш содржи многу дела на македонски композитори.Би сакал да експериментирам и да создавам музика во средина каде што нашите изведувачи се желни да изведуваат музика одсвоите омилени композитори, и во моментов, мислам дека постои генерација која ќе ги создаде тие услови за работа.Со гордост можам да кажам дека концертот на овогодинешното издание на ДММ наречен “Монохроматика”, кој беше организиран главно како иницијатива на студентката по пијано Ива Дамјановска, беше пример за тоа како новата музика треба да и биде презентирана на публиката.  Според мене организацијата на фестивалот е добра, но за да привлече повеќе публика треба да биде извонредна, а единствениот начин да го постигне тоа е преку модерно претставување на модерната музика, а тоа вклучува: поканување добри ансамбли, атрактивен избор на програма, резервација на најдобрите сали, како и секој друг алтернативен концертен простор на кој можете да помислите, да се има непробоен маркетиншки план, и можеби, најбитно, да се направи слушателот да се чувствува како неразделен дел од целиот настан, бидејќи, всушност, тие тоа и се!

Дали мислите дека времето на големите композитори и диригенти (како Пјер Булез или Кшистоф Пендерецки) е завршено?Иако сега се помалку ги има, во секој случај.

Ако мислите “големи” во однос на популарноста – претпоставувам дека се помалку и помалку луѓе ќе ја добијат таа на некој начин општествена улога, но ако се мисли “големи” во однос на квалитетот на работата што ја создале, тогаш мојот одговор е Да.Ќе има големи композитори, дури и во поголем број. Тоа е резултат на олеснетиот и забрзан проток на комуникација.Значи, во исто време, додека композиторите во светот се поврзуваат едни со други, разменуваат искуства и растат заедно, слушателот е преоптоварен со информации и во некои случаи е збунет околу тоа што да избере и како да го цени тоа.На пример: речиси никој не го познава Кејт Сопер (САД) или Жан-Лук Фафшамп (Белгија), но, според мене, најголем дел од нивната работа е технички, интелектуално и естетски на многу високо ниво.

Друга работа што е лесно предвидлива, и што всушност веќе се случува е: големи оркестри и оперски куќи се затвораат, а помали ансамбли се формираат цело време.Значи, веројатно, како резултат на тоа, фокусот на композиторите на новата музика е на камерни дела и електроника.Не верувам дека во блиска иднина ќе се соочиме со голем чекор напред во оркестарските жанрови, наместо тоа ќе има многу интересни, а сепак не толку експлоатирани, синкретички форми на уметнички дела со музика како нивно јадро.

3

Како одлучивте да компонирате? Која беше вашата инспирација за композицијата што ја претставивте на фестивалот?

Имав 10 години и веќе свирев на хармоника и пијано, но се што научив, научив од уво, и сè што повторував беше од срце, затоа што не бев заглавил самосо листовите музика, туку импровизирав многу.Еден ден, почнав да импровизирам врз еден акорд на студија што јасвирев тогаш, и по неколку часа, убеден бев дека измислив тријада инверзии, само за да дознаам, неколку дена подоцна, дека веќе биле во употреба повеќе од 500 години, исто така, теоретски објаснувани за истиот временски период.Бев разочаран, но задоволството да се обидам да создадам нешто самостојно беше сè уште таму, и оттогаш никогаш не ме напушти.Создавањето на композицијата “Ora Iacentem” беше инспирирано од една фраза употребена во една од песните на римскиот поет Публиј Овидиј Насон, која ги сочинува зборовите “ora” – “молитва” и “iacentem”, што значи “поставува” – што кога ќе се преведе, значи “поставување на лицето надолу”.Во самата песна, Овидиј ја употребил оваа фраза во контекст каде што значи “да се соочиш со своето вистинско лице”, процес кој всушност го започнав во тој момент, иако не бев свесен за тоа.Драматургијата на делото е изградена на два спротивставени тематски материјали кои се мешаат еден со друг, слични на внатрешните конфликти со кои лицето се соочува додека ја открива својата вистинска личност, потоа тие создаваат кулминација и во “ехото” од кулминацијата се поставуваат еден врз друг, постигнувајќи единство, сугерирајќи на рамнотежата која се добива по завршувањето на процесот на откривање  на светлите и темните сегменти на личноста.

Кажете ни кои се, според вас, столбовите на македонската композиција историски, вклучувајќи ги и композиторите на електронската музика?

Сметам дека развојот на историјата на македонската композиција е многу сочувствителен, главно поради разноликоста на стиловите.Сè започнува со првиот обид да се напише професионална, уметничка музика (патем многу успешна, морам да кажам) направена од Атанас Бадев, студент на Николај Римски-Корсаков и Мили Балакирев, пишувајќи ја “Литургијата на свети Јован Златоуст”, печатена во 1898 година.По него се појавува група професионални македонски композитори на класична музика, составена од Стефан Гајдов, Живко Фирфов, Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски итн.,чија главна инспирација беше македонскиот фолклор, пишувајќи главно хорска музика. Од средината на дваесеттите години забележуваме широк спектар на музички стилови каде што го имаме хумористичниот Властимир Николовски, пионерот на неокласичниот стил во македонската музика – Томислав Зографски, Тома Прошев, основач на музичкиот модернизам во Македонија итн.Властимир Николовски и Томислав Зографски беа исто така и огромни педагошки фигури во историјата на македонските музички композитори како: Томе Манчев, Живојин Глишиќ, Јана Андреевска, Михаило Трендафиловски, Панде Шахов и Гоце Коларовски (за мене, најоригиналниот македонски композитор, како и најпродуктивниот композитор-учител во македонската музичка историја, кој им има предавано на многу композитори, меѓу кои: Дарија Андовска, Дамјан Темков, Сони Петровски итн.). Што се однесува до електронската музика во Македонија, првиот електронски состав наречен “Eleorp 76” беше формиран од  Драгослав Ортаков во Белград, 1976 година, по примерот на тогашната европска музичка авангарда.По тој обид, Димитрије Бужаровски направи неколку електронски парчиња во јазот помеѓу средината на 80-тите и средината на 90-тите години на минатиот век, а денес, како промотери на македонската електронска музика, можам да ги посочам мојот професор Дарија Андовска и мојот колега Андреј Блажевски.

Дали мислите дека уметниците се осамени луѓе? Особено сега кога никој нема слободно време … Како ова (или спротивното …) се одразува на уметниците?

Секој може да се чувствува осамено во одреден период од денот, и на секого му епотребно  време да биде сам.Во тој контекст, уметниците не се многу поинакви од “другите”, но разликата е во “употребата” на времето поминато самостојно.Во осаменоста, уметниците го сублимираат она што ги опкружува во процесите на комуникација, го рекреираат и организираат емотивното влијание и интелектуалниот напредок предизвикан од тие акции.Постои бесконечен круг на трансфер на енергија меѓу луѓето, животните, природата и предметите, што се користи како гориво за уметничко изразување.Точно е дека, дури и како уметници, ние не можеме да ги водиме нашите животи од гледна точка на романтичари и да очекуваме да бидеме успешни токму денес, бидејќи добриот уметник треба да биде, во исто време, некој кој предизвикува социјален напредок, честопати преиспитувајќи ги моралните и етички обрасци и идеологии во неговото / нејзиното опкружување, со тоа што е историски свесен за времето и местото во кое живее. Денешниот еволуциски напредок, во сите сегменти на човештвото, е во постојано забрзување, па така и уметникот едноставно го следи таквиот тренд.

автор на текстот: Игор Поп Трајков

фотографии благодарение на м-р. Спироски и А. Весковски

Translator: Maja Kraljevska

 

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

w

Connecting to %s