Интервју

Не чекај друг да го сработи тоа што можеш сам

Интервју со Филип Стојановски. дипломецот со просек 10.00 на ФИНКИ

1 - Copy

Како се одлучи да студираш на ФИНКИ (Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство)?

Бев на отворениот ден на ФИНКИ и ФЕИТ (Факултет за електротехника и информациски технологии) за подобро да се запознаам и со двата факултети, а воедно и да ги дознаам условите за стипендии. Не ги исполнував условите за стипендија на ФЕИТ, и покрај тоа што веќе имав земено награди на олимпијада и натпревари по математика и физика додека бев во средно училиште, што имаше голема важност за да ја донесам одлуката. Иако во 2011. беше новоотворен факултет, ФИНКИ изгледаше многу ветувачки со спојот на професори по математика од ПМФ и по инженерство од ФЕИТ, што на крајот се покажа точно.

Како успеа да ги завршиш студиите со максимален просек од 10.00 на ФИНКИ?

Многу често ме прашуваат дали имам некоја техника за учење. На некој начин – да, не можев да учам подолго време одеднаш, па затоа работев со чести мали паузи. Дури и сега на работното место го правам тоа – одам со колегите на кафе, играме пинг-понг, скролам на твитер, фејсбук, инстаграм. Не е важно колку време ќе работиш на нешто, туку колку ефективен можеш да бидеш.

Дали ја имаше замислено таа цел од почетокот на студирањето?

Всушност не, но отсекогаш сум го имал тој натпреварувачи дух во мене. Целта ми беше да добијам што подобра стипендија за магистерски студии во странство. Дури преполагав неколку испити или оставав втори колоквиуми за испит за да го достигнам поголем просек и да не оставам ништо на случајност кога ќе аплицирам за нешто.

Дали помина одличен во средно?

Да, секоја година поминував со просек 5.00, иако во текот на годината знаев да имам „двојчиња“ по физичко.

Како се промени твојот живот после факултетот?

Започнав со магистерските студии во Мадрид, Шпанија на Universidad Politecnica de Madrid. Таму никој не ме знаеше и просекот од тука воопшто не важеше, па морав повторно да работам могу за да се докажам и истакнам. Во Стокхолм, Шведска на Royal Institute of Technology морав да се навикнувам на нови принципи на работа и организација заради различниот концепт на семестри (тромесечија на нашки). Првиот семестар го поминав во барање, аплицирање, и интервјуирање за компанија каде требаше да работам на магистерската теза. На крајот, добив можност тоа да биде во истражувачкиот тим на Спотифај (Spotify), што траеше околу седум месеци.

Каде си сега, односно каде работиш и живееш?

Сега живеам во Стокхолм, Шведска и работам  како Data scientist во Spotify.

Дали си поставуваш цели во животот? Дај ни пример?

Да, секогаш си поставувам цели. Во средно, целта ми беше да одам на повеќе натпревари и олимпијади од областа на науката и техниката за да добијам стипендија за додипломски студии. На факултет целта ми беше да имам што подобар просек за да добијам стипендија зо постдипломски студии надвор од државата. Таму целта ми беше да се докажам за да ми дадат можност да работам на магистерската, што е одлична можност за добивање на работа.

Кое е твоето хоби?

Слободното време го поминувам во теретана, читање книги, гледање серии и следење на неколку јутуб канали. Исто така, слушам многу музика во секоја прилика (не бидејќи работам во музичка компанија) и сум голем обожавател на K-поп.

Дали си бил вклучен во некои волонтерски активности за време на твоите средношколски или студентски денови?

Додека бев средношколец волонтирав во Црвен Крст и во невладината организација Блу Скај, додека на факултет бев неколкугодишен член на ИАЕСТЕ.

Дали мислиш дека оцените се целосно меродавни на знаењето?

Не секогаш. Не значи дека некој со добри оцени знае, колку што некој со лоши оцени не знае. Јас добро работев под стрес. На пример, да ми поставеше некој прашање пред тест, јас не би го знаел одговорот тоа толку добро колку што би го решил тоа за време на тестот. Има луѓе кои целосно се блокираат во вакви моменти и не можат да го покажат тоа што го знаат. Оценките се добри за да универзитетите ти дадат шанса да покажеш дека имаш знаење.

Според тебе, кои професии мислиш дека се најпроспективни?

Во моментот на запад најбарани во областа на технологијата се data scientists и machine learning engineers. Во последните неколку години многу луѓе од различни позадини, како статистика, физика, и индустриско инженерство, преминуваат во big data. На подолг план, би рекол нешто креативно, што машина не би можела да го замени.

Кое е твоето мото?

Не чекај некој друг да сработи нешто што можеш да го завршиш сам. Особено ако те засега само тебе и ти е многу важно.

Каков совет би им дал на идните студенти и средношколци за поуспешна кариера, односно како би ги мотивирал?

Задоволството на крај е секогаш најдобро, кога сè имаш постигнато сам. Сите поминати препреки и тешки моменти на крајот ќе изгледаат безначајни, бидејќи кога сè имаш постигнато сам (секако, со поддршка од луѓето околу тебе), задоволството е бесценето.

Дамјан Георгиевски

 

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s