ЕВС

Приказната за волонтерот – Портрет на Атахан Ѓокче

atahan

Во изминатите триесет години, можностите за волонтирање поминаа низ масивен процес на демократизација. Волонтерството навистина стана свет сам за себе. Сега веќе скоро секој може да се опише како волонтер. Почнувајќи од искусниот хуманитарен работник кој работи за големи невладини организации, преку студент  кој го нуди своето време и пари на различни организации, преку неодамнешниот дипломец или млад работник кој сака да ги прошири своите хоризонти излегувајќи од својата удобна зона и работејќи во младински организации спонзорирани од државата. Според тоа, што значи да се биде волонтер? Што би можело да го натера човека да ја напушти класичната шема на формален развој која ја промовираат нашите општества и да замине во странство? Што ќе добиете со тоа? Минатиот месец Атахан Ѓокче, поранешен волонтер во Европскиот волонтерски сервис (ЕВС), отпатува во својот роден град Истанбул, откако помина 90 дена во Македонија работејќи за Волонтерски центар Скопје (ВЦС) и придонесувајќи за списанието ВОИСЕС. Седнавме заедно, на само еден ден пред неговото заминување, да одговориме на некои од овие прашања.

Уште од мал, Атахан пројавил желба за уметност. Особено чувствувал силна потреба да црта, да ги скицира ликовите, да види како контурите оживуваат кога сенчејќи со моливот неговата рака ја дефинира формата. Затоа, почнал да слика ликови и карикатури, давајќи им живот на моделите. Набргу почнал да бара начини да си ги исполни желбите, да ги оживее на свој начин и да ги направи дел од својот живот. Дознал за познатиот државен Универзитет за ликовни уметности Мимар Синан, кој според неговите зборови бил најпрестижниот во државата, од каде што произлегле мноштво познати имиња на високата и популарна култура, како што се Маја Куленовиќ, Назми Зија Ѓуран или Нури Билге Чејлан. Доволно било само да погледне преку Босфорот од неговото родно гнездо Кадиќој кон брегот на Европа, помеѓу Караќој и Бешикташ, за да почне да сонува еден ден да чукне на портите на овој познат храм на уметноста. Си зацртал за цел да биде дел од таа национална елита, меѓу редовите на чуварите на турската култура и уметност.

33943941_10213792164653154_3807277908477607936_n

Никогаш не престанал да слика, постојано создавајќи одново, давајќи им живот на тенките и празни листови. Како дете научил да работи со софтверот Адоуб, со Фотошоп и Илустратор. На крајот го напуштил Истанбул и заминал во Ескишехир да студира на Универзитетот Анадолу, каде што планирал да се подготви за селективниот приемен испит на Универзитетот Синан. Таму, Атахан се приклучил кон студентскиот црно-бел весник, каде што пишувал мали натписи и редовно објавувал карикатури. Тој објаснува дека тие карикатури му дозволиле да ги „подобри [своите] вештини” и да ги развие своите способности да ги препознава дефинираните особини, лицето и физичките карактеристики на секој човек. Оттука Атахан го испекол занаетот, проширувајќи го обемот надвор од дводимензионалниот свет, а потоа правел и прецизни реалистички портрети, кукли за претстави и 3Д-дизајн. На крајот му се остварил сонот и бил прифатен на Синанскиот универзитет за ликовни уметности и почнал да студира Сценски и костимографски дизајн. Вештините со кои се стекнал таму ќе се покажат значително вредни и ценети во текот на неговите волонтерски денови.

Неговото искуство таму, првото чекорење надвор од удобната зона, било основа за неговата мотивација да оди во странство и да волонтира. „Се чувствував како возрасен човек“, вели тој, мислејќи: „Бев сам во друг град, се обидував да преживеам сам.“ Во аголот на нашата канцеларија, со колегите и пријатели кои разговараат и работат во позадина, тој ми раскажува како пораснал со ова чувство на „преживување” – како што вели тој; во суштина тоа е чувство на излегување од удобната зона, и за тоа како ќе му недостасуваат овие предизвици кога ќе се врати во Истанбул: „Сакав да живеам три месеци во странство, без моите пријатели, без моето семејство, тоа беше уникатно искуство за мене. Сакав да бидам сам во овој дел од животот“.

33923287_10213792164813158_7463658364417867776_n

Атахан си ја живеел страста. Конечно ги собрал плодовите од напорната работа. Сепак, требало да расте понатаму, не бил задоволен само со постигнатото. Неговото ниво на познавање на англискиот јазик не било доволно. Иако размислувал да работи во опера, балет или кино, истовремено имал склоност и кон новинарството, дизајнот или политичките карикатури, благодарение на неговото искуство стекнато преку завршените студии по дизајн и со неговиот студентски труд во Анадолу: „Не мислев само на сценски и костимографски дизајн. Размислував ‘можеби сум следниот дизајнер или, пак, можеби новинар… а можеби и двете.’ Уште поважно, сакал да постигне една од најосновните меки вештини: „Мојата област која опфаќа сценски и костимографски дизајн се заснова на тимска работа. Целосно… од режисерот на светло, преку сценографот, па сè до главниот режисер – сите треба да бидеме тим.“ Универзитетот Синан не го исполнил сосема и не довел до целосно остварување на неговите професионални и лични цели. Сепак, академското образование си има свои граници. Атахан го знаел тоа и во право време заклучил дека му треба искуство во неформалното образование, токму како она што го нуди програмата ЕВС.

Во меѓувреме, ВЦС објави отворен повик за тримесечен ЕВС-медиумски и образовен проект, особено беше во потрага по турски волонтери. Втората главна одговорност вклучуваше работа и придонес за списанието ВОИСЕС, како и организирање работилници за младите луѓе врз основа на претходно стекнатите вештини на волонтерот. „Братучед ми ми го испрати овој проект, зашто беше сличен на она што го студирав”, а тајмингот не можеше да биде подобар. На крајот од студиите, турскиот закон налага од него да оди во војска, а тој тоа 0с0бено и не го сака: „Војската секако би била искуство за мене, но не е можност”, вели тој, смеејќи се. Со одложување на дипломирањето, Атахан можел да добие на време сè до одење во војска и да ги усоврши своите меки вештини пред да влезе на пазарот на труд. Ја испратил својата пријава и следното нешто на што се сеќава е моментот кога го спуштил куферот во еден стан на ВЦС: „[Во Скопје] Ги почувствував истите емоции и истите работи [како во Ескишехир]… Ја делев собата со различни луѓе од различни земји. Беше интересно. Беше сосема добро. Ги делевме нашите култури и ја делевме храната. Научивме многу.”

33872714_10213792164493150_7319161924980047872_n

Атахан целосно се вклопуваше во филозофијата на ЕВС. „Да се ​​сподели е да се добие”, како што еден тренер на волонтери еднаш го кажа тоа. Атахан даде, но и доби: „Работејќи на списанието научив тимска работа… Научив некои програми кои претходно не ми беа познати”, а радоста да го сподели своето знаење беше искуство и за него: „Се чувствувам среќно, зашто го споделив своето искуство со македонските младинци”. Тој ја скрши стаклената јазична бариера, сега се чувствува ‘порелаксирано’ кога зборува на англиски јазик, а претходно тоа го правело ‘нервозен’ и ‘малку срамежлив’. За само три месеци, Атахан не само што ги достигнал своите лични цели, туку и неговите вештини го воодушевија тимот на ВЦС. Тој дизајнираше скици за потенцијалното ново лого, понуди многу работилници за цртање, работеше со мајстори за кукли и ги воодушевуваше малите деца во Дневниот центар за деца во Шутка, привлекувајќи ги фасцинираните главчиња кои се восхитуваа и се вклучија во цртањето сцени од животинскиот и растителниот свет. Тој понуди нови согледувања и нови инспирации при дизајнирањето на статиите и им помагаше на своите колеги-волонтери со своите квалификувани вештини од софтверот Адоуб. „Ако го споделувате своето искуство, ќе се збогатите со ново. Подобрете се и работете во тим. Сето тоа го научив. Тоа се моите главни точки.“ Атахан растеше, но им помагаше и на другите да растат.

 Ноќта пред да зборуваме, го препорачал ова искуство на еден од неговите најблиски пријатели, исто како што и нему му беше препорачано една година претходно. Како и Атахан, сите имаме нешто да споделиме и нешто да добиеме од другите. Тој го остави својот белег на Скопје, како што и Скопје остави белег на него. Сите го можеме тоа. Сите можеме да влијаеме врз нашата околина, да го обликуваме светот по наша желба, и во текот на тој процес да растеме, да се развиваме и да се подобруваме. Сè што треба да се направи е првиот потег, а сè друго ќе дојде само по себе. Веројатно тоа значи да бидеш волонтер.

Автор: Антоан Ломба

Превод: Лилјана Ристова

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s