Летото е сезона на будење кога се одржуваат различни музички фестивали (за повеќе на оваа тема прочитајте во статијата на Паулина во јунското издание на ВОИСЕС), се одржуваат нови уметнички иницијативи – од винтиџ облека, уметнички и културни размени, па сè до свирки и изложби. Летово, алтернативната сцена во Скопје повторно оживеa и тоа несомнено му вдахнува нов живот на креативниот тек на градот. Вообичаено, многу од овие проекти и обиди се одржуваат во Дебар маало, скопскиот центар за уметничкиот, културен и ноќен живот, заедно со Старата скопска чаршија.
Помеѓу најновите иницијативи во Дебар маало, на улица „Мирослав Крлежа“ бр. 47, може да се најде едно интересно, мало и привлечно место. Фасада во типична жолта боја, чијшто преден прозорец е обоен во едноставни, светли бои. Скромен знак со црвена настрешница го штити предниот прозорец. Светло зелените врати се контраст на театралната црвена боја на влезот. Предниот дел помалку се разликува од останатиот дел на соседството, алудирајќи на невиноста на куклите и сенките. Со разигран, зелен детски фонт на знакот е испишано: Сенки и облаци. Ова место е креативен театар посветен главно на театар на сенки и куклен театар. На само неколку минути од Градскиот парк и црквата „Св. Климент Охридски“, театарот неодамна – на 1 јуни, го прослави своето отворање. Дотогаш Македонија немаше видено отворање на сличен театар на сенки. „Сенки и облаци“ се досега единствениот театар за деца од овој вид во цела Македонија.
Како таков, неговото отворање беше несомнено успешно. Започна во четири часот попладне со краток воведен говор за целите и амбициите на основачите. Говорот беше придружен и со перформанс на сенки со раце за деца и го изведуваа истите артисти кои со месеци работеа на тоа да го реализираат ова отворање. По воведниот музички дел, децата почнаа да играат на сцена, а артистите накратко им покажаа дел од основите на куклениот театар, техниките на сенки и како да ги спојат тие две заедно за да создадат свет на магија од сенки. До еден часот по полноќ преку 200 луѓе „дојдоа и заминаа“, од пријатели на организаторите, па сè до љубопитни минувачи, зачудени од ваквиот настан на ова ново место. „Луѓето не очекуваа да се отвори вакво нешто“, ни рече Ивона Ѓорѓиовска, член на основачкиот тим, „велеа дека ова е нешто возбудливо и невообичаено“, додава Благородна Коцева – еден од нејзините партнери и пријатели.
„Сенки и облаци“ не е само место за театар на сенки и куклен театар. Всушност, пред да стане место на кое се среќаваат луѓе и уживаат во сенки и кукли, тоа било најпрво и пред сè група од актери, која поради недостаток од уметност, живеела за нејзината страст. Круме Стефановски, перкусионистот на бендот, Катерина Сековска, една од организаторките, Благородна, посветен мајстор за кукли, Ивона, најмладата, но не помалку ангажирана, и Александра Стојановска – сите заедно биле фамилија и другари во ова уметничко патување кое траело со години. Сите си имаат работа настрана од оваа со која успеваат да ги платат сметките и да се прехранат, но сепак ги користат своето време, енергија и фокус на нивната уметност и амбиција. Всушност, „Сенки и облаци“ постои веќе подолго време. Тие беа активни, инволвирани истовремено во своите локални заедници и ангажирани во меѓународното промовирање на сенките. Сте слушнале ли за „Сонот на облачето“, меѓународниот детски фестивал на театар на сенки што се одржува секоја година во Скопје околу ноември, веќе шест години по ред? Па, тоа се тие. „Приказни од ходникот“ – кое можете веднаш да го проверите на Јутјуб? – Тоа се повторно тие.
„Сенки и облаци“ со својата упорност и енергија докажаа дека е возможно да се направи промена преку уметноста. Од 2013 до 2015 година работеле во соработка со Ем Ти Ви Адриа на кампања за подигање на свеста за сексуалното образование кај младите лица, најпрво преку вовед во основните начела, потоа преку работење со едукатори и на крај преку работење со младите – сето тоа преку сенки. Изведоа претстава наречена „Стигма”, чија цел може да се погоди со името… Преку „Сонот на облачето“,се сретнаа и разменуваа идеи со уметници од целиот свет и со тоа ја зајакнаа својата мрежа. Имаат патувано многу, оделе до Кина и Бразил да го претстават своето дело, својата претстава, својот свет. Учеа од своите врсници. Кина, како родно место на сенката, нуди многу традиционални изведби. Бразилските куклари користат поранешни индустриски места како отворени површини за да ги вклопат различните стилови, користејќи ги телото и куклата, додека Холанѓаните ја совладале уметноста на светлото, особено со развојот на амбиентот низ светилки од 19 век.
Веќе четири години, како верни пријатели, се среќаваат да работат од дома. На крај изнајмиле место за работа кое имало доволно простор за мала публика, иако „немаше многу разлика од работењето од дома и таму.“ Им требало поголемо место кое ќе можеле сосема да го посветат на нивната уметност, вистинско светилиште на сенките. Нивното искуство, соработката со меѓународни артисти на сенки и мајстори за кукли, ги поттикнало да создадат простор за експериментирање. Креативно студио каде што ќе можат да се среќаваат „луѓе што се на некој начин поедуцирани, со кои можеме да соработуваме на креативна размена“. Како што „Кабаре Волтер“ најде простор за дадаизмот, така и „Сенки и Облаци“ сакаа сопствено седиште, свој дом, како што рекоа „да ги поттикне идеите и креативноста во своето жариште за сенки, светла, музика и кукли“. Нивниот нов дом е само почеток на нови уметнички истражувања. Ќе се прошируваат полека, но сигурно, со мала програма за летото, која можете да ја најдете на нивната Фејсбук страница.
Сепак, колективот има повисоки цели. Од септември ќе се одржуваат работилници за деца и младинци, со фокус на сенките и куклите за деца и поголемо истражување на физичкиот театар за млади, да ја ослободат експресијата преку своите тела. Тие велат: „Сите имаат идеи да поттикнат активно учество и да инспирираат љубопитност“. По шест години од својата активност, „Сенки и облаци“ веќе се стекна со голем интерес и наиде на значаен одзив од локалното население, преку нивниот фестивал. „Нашата врата е отворена за луѓе кои се наоѓаат на иста страница со нас“, вели Благородна. Подоцна Ивона ми раскажа како сите се запознале случајно, за што Благородна ја поправи: „Ништо не е случајно… ова е исцрпувачко, но е наша страст, секој уметник го има тој нагон, тој ентузијазам… Ние сме петмина различни луѓе, но ова пријателство ни овозможи да сонуваме заедно.“ Сенки и облаци ги исполнуваат соништата и со влегување во нивните порти, можеби и ти ќе им дадеш живот на твоите соништа.
Театар на Сенки „Сенки и Облаци”
Ул. „Мирослав Крлежа“ бр. 67
1000
Скопје
Интернет-страница: http://www.shadowsandclouds.net
Фејсбук : http://www.facebook.com/senkiioblaci
Тел: +389 75 426 943
Автор: Антоине Ломба
Превод: Лилјана Ристова
Leave a Reply