ТАГА
Заборавениот капак удира по оквирот,
како да знае каде му е местото;
еднаквоста на облиците ја потврдува,
како и надворешноста и внатрешноста на сè.
Кој ќе го пренесе избликот воздушен
навнатре, зад затворениот прозорец?
Јас кој морам да го отворам
за капакот пресилно да не удри
и стаклото да ми го скрши;
па така еве оддаден на тие пориви
рационални, капакот го стегнав-
го нема веќе тој удир тап.
Но студениот наплив однадвор
внатре влезе; како да не сака
веќе да излезе; така студенилото
навнатре се пренесе, и божем
нова слика донесе.
А всушност стара ми е сликата,
на срцето мое со остар клинец
закачена, некогаш преиначена
во поезија, а сега само зима
назначена да трае додека има
што да зема од мене, да штрбе,
да зјае од неа земеното, за да
и последното, односно најпоследното
на неа ѝ се оддава.