Меѓународните проекти денес се предмет на интерес на многу млади од цела Македонија. Проектите на Ерасмус+ им овозможуваат на младите од целиот Европски континент да учествуваат во разни проекти каде доаѓаат во контакт со млади кои пораснале во различно општество. Како студент во Скопје, се трудам обврските околу факултетот да ги приоретизирам во однос на останатите активности. Сепак младинската работа претставува посебна можност за мене, поради што во неа инвестирам време и труд.
Неколку партнер-организации од Велика Британија, Словенија, Германија, Босна и Херцеговина, Косово и секако, Волонтерскиот центар од Скопје учествуваа во организација на младински камп со тема ,,Поттикнување на комуникациони способности“. Местото каде се одржа кампот е во Тузланскиот Кантон во БиХ близу градот Градачац. Имено, престојот на учесниците беше симболично, на место каде е во тек реставрација на училиште кое било демолирано во текот на Југословениските војни пред речиси три децении.
Горд сум да кажам дека мултиетничката група од Република Македонија беше најбројна и вклучуваше 9 млади учесници на возраст од 17 до 23 години од неколку градови во Македонија. Во тек на краткиот еднонеделен престој во Градачац, успеавме на преостанатите учесници да им го претставиме диверзитетот на нашето општество и култура. Наидовме на бројни импресии од страна на останатите учесници.
Како дел од активностите, покрај редовните класични неформални сесии, би набројал и посета на музејот на военото детство во Сараево, каде се изложени бројни експонати кои се во сопственост на деца кои пораснале во тек на војната од 1992-1995 година во Босна и Херцеговина. Тоа искуство беше доста емотивно како за учесниците од Косово кои исто така одреден дел од животот го поминале во вооружани немири, па и за учесниците од БиХ кои изгубиле членови од семејството во тек на војната, а за останатите учесници, вклучувајќи не нас, единствено беше лекција дека немири од тој карактер не смеат да се повторат.
Посетата на Тузла, исто беше доживување кое ќе се памети.
Во неформални разговори често се споменуваа меѓунационалните немири на европскиот континент во текот на минатиот век, па до денес. На некој начин, јасно е дека Ерасмус+ проектите се можност за сите млади од Европа, да научат како да градат соживот и мир. Би препорачал на секој млад да биде дел од вакви искуства, а секој кој може на некој начин да го помога случувањето на вакви активности, да го прави тоа!
Круме Богевски
Leave a Reply