Младинска размена “Photo-I”

Од 30.09.2018 до 08.10.2018 ние, група од шест млади луѓе, учествувавме на младинска размена во Насутов, Полска. Насутов е село лоцирано на крајот од локален парк со пејзажи и има околу 1100 жители. Селото се наоѓа на 12 километри од Лублин.

 

PHOTO-I-20Проектот во оваа меѓународна младинска размена, наречен "Photo-I", беше фотографија комбинирано со развивање на интерперсоналната комуникација и стекнување компетенции кои се барани на пазарот на трудот. Главната цел на проектот беше да се зголеми свеста и вештините на младите за користење на фотографијата како алатка за само-презентација и комуникација на интернет. На проектот учествуваа 18 учесници од 3 земји: Македонија, Полска и Италија. На почетокот, имавме активности за запознавање и интегрирање на учесниците, како и работилници за развивање на нашите интерперсонални вештини. Исто така имавме презентации на кои имавме шанса да ги покажеме нашите дела и креативност преку нашите фотографии. Научивме многу корисни вештини-како да направиме биографија користејќи го Europass форматот и како да направиме совршена портрет фотографија. По учењето на овие вештини, имавме задача да организираме настан во едно средно училиште во Лублин, каде што им покажавме на учениците како да се презентираат себеси на социјалните медиуми и како да направат добри портрет фотографии. Исто така, преку нашите фотографии, ја поттикнавме нивната креативност и ги мотивиравме за подобра само-презентација и комуникација на Интернет. На учениците им покажавме неколку видеа за нашите земји со цел да ги претставиме нашите култури и да ги поттикнеме да учествуваат во младинските размени. По завршувањето на овој настан како главна задача, имавме интеркултурна вечер, каде што секоја група ја презентираше својата земја со традиционални јадења и ора, а ние научивме многу за другите култури. На крајот, како награда, секој учесник доби сертификат за учество во овој проект. Ако имате можност да аплицирате за учество на младинска размена, немојте да се колебате. Аплицирајте сега, бидејќи тоа е одлична можност за развивање на себе си, доживување нови култури и разбирање на вистинското значење на глобалното прифаќање, создавање нови пријателства и подобрување на вашиот англиски јазик.

Магдалена Илиева

 

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: