Интервју: Силвија Митевска, параглајдеристка, автор на збирката раскази „Додека Данте спие“ и претседател на граѓанската организација ТАКТ
Силвија Митовска лета со параглајдер уште од петнаесет години. Неколку години подоцна се натпреварува на Европски и Светски Првенства во параглајдерство.
„На тие моменти се потсетувам со многу љубов и носталгија зашто во тој период од животот летањето ми значеше се и целосно бев посветена на летањето и на натпреварите. Кога стекнав доволно искуство, инструкторот Мендо Велјановски ме научи да бидам и акро пилот, и најмногу се пронајдов во таа дисциплина. Истовремено, работев како инструктор во клубот ,,Букефал,, и држев обуки во Македонија и Косово“.
Учејќи од сопственото искуство кога многупати се има почувствувано дискриминирано и третирана поинаку од нејзините колеги летачи, но и во разговор со други спортистки, природно ѝ се наметнува идејата да оформи организација која ќе биде гласна во заложбата за родова еднаквост во спортот. Така настанува ТАКТ, водечка невладина организација за родова еднаквост во спортот во Македонија.
„ТАКТ работи на три програми- спорт за развој, еднакви можности за жените и мажите во спортскиот сектор и спортска дипломатија. Најпрепознатливи сме по гласната заложба за родова еднаквост и за зајакнување на девојки и жени преку спорт. Соработуваме со искусни и проминентни спортистки и жени вклучени во спортскиот сектор, како и различни федерации, клубови и други спортски институции. Дополнително, успеавме да ги инспирираме и мобилизираме жените спортистки во Македонија, во заедничката заложба за креирање на еднакви можности во спортот“.
Покрај значителниот број на организации кои промовираат родова еднаквост, спортот е сфера каде не делува ниту една организација.
„Девојчињата треба што почесто да бидат во контакт со успешни и посветени спортистки кои ќе ги едуцираат за нивните можности но пред се ќе ги инспирираат да го живеат својот сон. Верувам дека доколку девојчињата почесто читаат, гледаат и слушаат за успехот на македонските спортистки, полесно ќе се одлучат да почнат да спортуваат. Истотака, колку поголем број на жени на раководни позиции во спортот, толку поголем бројот на девојки, идни лидерки во нашето општество“.
Успешни и позитивни примери на жени спортистки има многу, но ретко се слуша за нив.
„Инспиративните и храбри приказни на нашите спортистки не се доволно застапени во нашиот медиумски простор. Лично запознав млади девојки кои живеат во рурални средини во Македонија, кои и покрај сите предизвици и бариери со кои се соочуваат ( недостаток на поддршка од семејството или од заедницата,тренинзи во мизерни услови), сепак изнаоѓаат сила и енергија да си го остварат својот спортски сон. Тие се вистинските хероини за мене“
За сеопштата ситуација на унапредувањето на родовата еднаквост во нашето општество Митовска вели дека има прогрес, но со многу бавен ритам. Советот кој што таа би го дала на некој/а „случаен соговорник“ разговарајќи на темата родова еднаквост е дека не е срамота ниту слабост да каже дека е феминистка или феминист. За неа, како борец за родова еднаквост, Меѓународниот ден на жената, 8-ми март, значи дека заложбата за еднакви права и можности продолжува. И дека во таа заложба, еднаква одговорност имаат и жените и мажите.
Ангела Рајчевска
Leave a Reply