Од 13 до 21 мај се одржа тренинг курс во Благоевград – Бугарија со работен наслов “Youth work – a path to peaceful societies” организиран од Alternativi International. Главните цели на проектот беа развивање на знаења, вештини и компетенции на младинските работници во разрешувањето на конфликтите и градење на мирољубиви решенија.
Покрај мене како преставник од Волонтерски Центар Скопје (Република Северна Македонија) учествуваа и 24 преставници од Турција, Кипар, Романија, Велика Британија, Грција, Италија и од Шпанија.
Првиот ден беше слободен и беше искористен за меѓусебно запознавање со другите учесници. Вториот ден почна работниот дел каде што на почетокот беа преставени целите и очекувањата на проектот, како и распоредот на активности за наредните денови. Една од тие активности беше играта Потрага по богатство, каде што поделени во мали групи требаше да исполниме неколку задачи (анкета со млади лица за програмата Еразмус, снимање кратки видеа, учење на една бугарска песна, итн.) каде што имавме прилика да го запознаеме градот Благоевград и локалното население. Вечерта беше резервирана за преставување на своите земји со кратка презентација, традиционална музика, производи и храна.
Во наредните денови се одржуваа работилници каде што преку различни методи учевме препознавање на говор на омраза, дискриминација, стереотипи, предрасуди, радикализам, екстремизам, расизам и начини за нивно превенирање и спречување. Една од тие методи беше Форум театарот каде што на инвентивен начин се преставуваа конфликтни ситуации со можност за интервенции и од публиката. Интересно за мене беше тоа што сите задачи ги извршувавме во мали групи, но секогаш во различен состав, со што беше овозможена размена на идеи, мислења и искуства на учесниците.
Четвртиот ден беше резервиран за групно патување, при што го посетивме Рилскиот Манастир кој е основан во 10 век и пештерата на Свети Иван Рилски кои се сместени во преубава природа на планината Рила.
Слободното време го користев разгледувајќи го градот Благоевград, кој има интересна архитектура, која е спој од различни стилови и влијанија, од модерни големи градби, споменици и фонтани, до мали традиционални куќи со дрвени чардаци. Главното шеталиште е преполно со разни дуќани, ресторани и кафулиња. Граѓаните на Благоевград беа љубезни и гостопримливи, секогаш подготвени да одговараат на нашите прашања за нивниот град (кои ги имавме многу).
Последниот ден ни беа презентирани програмата Еразмус + и други програми и сајтови на невладини организации кои одржуваат обуки и тренинзи за младински работници. Потоа се одржа церемонија за доделување на Youthpass сертификатите, со што заврши работниот дел од проектот.
Вечерта беше организирана Бугарска вечер во која уживавме во бугарски специјалитети, домашно вино и традиционална народна музика.
Ова беше убаво искуство во кое имаше многу учење, но и многу забава и дружење, а организаторите се погрижија се да биде во ред, секогаш беа тука за нас и придонесоа за успешноста на проектот.
Јосип Гегај
Фотографија: Јосип Гегај & Алисија Мокхунова
Leave a Reply