Истражувањата покажуваат дека волонтерите често живеат подолго. Ова е можеби најдоброто објаснување за влијанието што го има волонтирањето врз луѓето. Поради тоа што волонтирањето е начин на живот кој носи среќа, ја зајакнува емпатијата, несебичната грижа, трпеливоста и љубовта.
Со овие вредности, 32 млади волонтери од Унгарија, Северна Македонија, Полска и Романија отидоа на патувањето наречено CUTE – Cooperation, Understanding, Tolerance, Empowering во Хортобаги, Унгарија од 22 до 31 јули. Ова патување беше исполнето со соработка, учење, потикнување на само-развивањето, голем број пријателства, игри, насмевки и најважно од сè – волонтирањето во болницата за птици во националниот парк Хортобаги. Во мешани тимови од сите земји, волонтерите со целите свои срца се ангажираа во помошта на повредените птици преку создавање на подобро место за нивно опоравување и живеење. Болницата беше дом на голем број на штркови, буфови, орли и равенот што зборува, со име Негро, кој претставуваше вистинска ѕвездата помеѓу сите нив. Волонтерските акции беа одлична можност за младите волонтери да се фокусираат на соработката, разбирањето и толеранцијата. И на крајот на денот навистина беа добри во тоа. Заедно успеаа да ја исполнат волонтерската мисија оставајќи дел од нивните млади, но големи срца во болницата за птици.
Освен активностите во болницата за птици, останатите девет дена беа исполнети со голем број на активности за зајакнување на тимскиот дух, работилници, рели велосипедизам, активности за пронаоѓање на “богатство”, фото мисија во Дебрецин. Сите активности под фацилитаторство на домаќинката Андреа Керезтеши од Hang-Kép Egyesület, асоцијацијата за звук и слика од Унгарија, беа одлична можност за учесниците да научат за моќта на интер-културната комуникација и толеранцијата. Секој тим подготви своја национална вечер со приготвување на национални јадења. За време на овие вечери учесниците имаа можност да осознаат повеќе за културата на учесниците од другите земји. Тоа беше постигнато со многу игри со зборови, национални танци и смеа. Во тие моменти, постоеше една голема фамилија од млади луѓе, кои покрај различните култури го дишеа истиот воздух, играа на истите игри и јадеа од истите национални специјалитети. Главната лекција се состоеше во тоа што сите ние сме луѓе кои делат исти или слични вредности. Границите помеѓу државите се само линии кои е потребно да бидат врски а не пречки помеѓу луѓето.
Последно, но не и помалки важно е националниот парк Хортобаги во источна Унгарија. Магичното место, кое беше домаќин за учесниците, блескаше со целиот свој сјај во тие девет дена и овозможи учесниците да се запознаат со неговата богата фолклорна и културна историја. Рацка овците, унгарските сиви говеда, водените бафала беа вистинска атракција за сите. Но вистинско задоволство беше да се видат големите унгарски овчари кои јаваат пет коњи стоечки на нивните две нозе. Глетката го одземаше здивот кај сите.
Ова патување можеби заврши, но лекциите кои беа научени останаа со нас. Стекнатото знаење, и спомените од Хортобаги ќе бидат мотив и инспирација за поголемо вклучување во нашите заедници и зајакнување на меѓусебната помош и соработката.
А од македонскиот тим, голема благодарност до Волонтерскиот Центар Скопје кое овозможи ова патување да стане реалност.
Владимир Костовски
Ања Буховски
Фотографии:
Francesco Nespoli
Juha Mäntylä
http://www.hangkep.hu
Leave a Reply