Мачки, мачки, МАЧКИ…

Од древен Египет до денешна Турција… Времето си минува, но едно нешто се нема променето веќе неколку илјади години – мачките се сè уште омилени насекаде низ светот. Секако, постои еден израз, според кој светот е поделен на две совршени половини – љубители на мачки и љубители на кучиња. Не е важно на која половина припаѓате, мачките се интересни за истражување, мора да признаете. Постојат неколку работи што во кратки црти сакам да ги споделам и сите се за мачките. Е, па, љубители на кучиња, ве молам да ми простите за овој мачкин миг.

cyrus-chew-Dl39g6QhOIM-unsplash

Сигурно сте слушнале дека луѓето во древен Египет биле доста сериозни за мачките. Мачката, всушност, била предмет на обожување и се сметала за претставник на божицата Бастет, која потекнувала од божество што ги штити луѓето од болести. Мачките ги штителе домовите на луѓето од змии и глодари и од сите болести што тие натрапници можеле да ги рашират. Според Херодот, за време на големите пожари, Египќаните ги штителе мачките наместо да ги гасат пожарите зашто мачките скокале право во огнот. Кога ќе умрела некоја домашна мачка, луѓето тажеле, ги бричеле своите веѓи, а телото на мачката го носеле во храм за да го мумифицираат. Во подоцнежните векови, мачките почнале да симболизираат независност и слобода, па биле прикажани во друштво на римската божица на слободата, Либертас.

Потоа дошла Мрачната доба што за мачките била уште помрачна зашто наеднаш почнале да ги сметаат за дел од некакво зло и паганство, да ги поврзуваат со црна магија и со вештерство. Сите знаат дека мачките им биле верни придружнички на вештерките. Обично тоа било црна мачка, која денес е симбол за несреќа и многу луѓе се обидуваат да ја избегнат, барем во повеќето европски земји и во Северна Америка. Во Обединетото Кралство и во Австралија, луѓето веруваат дека црните мачки носат среќа.

Ве понесов по едно патешествие низ минатото, но сега е време да се вратиме во сегашноста и да видиме што друго можеме да научиме за мачките. Неколку факти и приказни за кои можеби никогаш не сте чуле, иако живеете на оваа половина од планетата, меѓу љубителите на мачки.

jae-park-7GX5aICb5i4-unsplash

Прво, да се сосредоточиме на однесувањето на мачките. Веројатно сте забележале како мачките сакаат да си ги тријат главите од вас, што, всушност, значи: „Ова е мојот човек, ова е моја територија!“ Најчесто потоа вашата мачка би го почнала долгиот процес во кој самата се капе, а тоа горе-долу значи: „Мирисаш, човеку, сакам да го тргнам твојот мирис“. Ако ја повикате вашата мачка, а таа не возврати, не чудете се. Овие паметни суштества можат да ви го препознаат гласот, но само се премногу мрзеливи за да изреагираат или, пак, повеќе сакаат да ве игнорираат зашто – да бидеме искрени – понекогаш и не им е баш гајле. „Што сакаш, човеку, спијам тука“. Мрзеливост кај мачките? Факт е дека поминуваат 70 % од нивниот живот во спиење. Исто така, тие се и невидени манипулатори и користат различни мјаукања за различни цели. Дали знаете дека кога се гладни, можат да имитираат глас на новородено маче? Односно, можат да испуштат повеќе од сто различни звуци, додека кучињата можат само десет.

anton-lochov-_b020HIGZUE-unsplash

Па, тогаш, зошто сè уште сакаме мачки? Нè манипулираат, менуваат расположение и најчесто не им е грижа за ништо. Да, но… Тие можат совршено да ги прочитаат човечките чувства; така што, ако не сте расположени, ќе дојдат за да ви прават друштво и ќе направат да ви биде подобро со нивното „предечко“ присуство. Ако им се допаѓате, секако. Докажано е, исто така, дека од звукот што го испуштаат мачките кога предат, скршените коски побрзо заздравуваат. Ве боли нешто? Ставете мачка озгора. Или дозволете таа самата да дојде и да ве излечи. Не можеме да натераме некоја мачка да направи што било, сè зависи од нејзината добра волја. Сепак, мачката е гордо и независно суштество. И, верувале или не, сите обични мачки – освен ако не се дебели колку Гарфилд – можат да трчаат побрзо од Усеин Болт. Неверојатно, нели?

nirzar-pangarkar-sDpmnfv-KRk-unsplash

Денес има повеќе од 500 милиони домашни мачки во светот; на пример, во Австралија има 9 мачки на 10 луѓе. Можеме слободно да ја наречеме „мачкина земја“. А, кои се предностите од тоа да чувате мачка дома? Домашните мачки за една третина го намалуваат ризикот од мозочен или срцев удар. Но, што е со нивната независност кога ги чуваме дома? Некои луѓе ги сметаат за бездомни и мизерни. Постои посебно место на планетава каде што мачките владеат со улиците – не само што живеат на улиците, туку и ги поседуваат. Турција. Особено во Истанбул. Луѓето таму се луди по мачки. Секојдневно се грижат за нив, им даваат храна и вода, така што искрено можеме да кажеме дека постои посебна врска помеѓу Турците и мачките – некаква симбиоза. Тоа доаѓа од исламското верување, според кое мачките носат богатство.

ramiz-dedakovic-9SWHIgu8A8k-unsplash

Во Габрово, Бугарија, црна мачка без опашка е симбол на енергетска ефикасност, а локалните луѓе ја третираат како обележје на градот. Ќе се запрашате, како ли само е можно да постои мачка без опаш. Има една приказна во врска со тоа. Луѓето од Габрово се познати по тоа дека се штедливи (некои би ги нарекле и „стиснати“, но да не одиме предалеку). Во минатото, мачката без опаш ја чувала топлината во домот. Како го изгубила опашот? Сопствениците ѝ го пресекле затворајќи ја вратата зад неа за да не се намали темепратурата во домот. Да бидеме начисто – никој не им ги сече опашите на мачките таму. Тие се вид безопашести мачки. Ги имам видено – изгледаат како обични мачки, но немаат опаш и се родени така.

Би можела да пишувам повеќе на темава, да разоткријам други мачко-пријателски места на светов, да ги најдам најчудните човечко-мачкини односи, да раскажувам смешни приказни итн. Мачки, мачки, мачки… Или ги сакате или не. И тие исто, ве сакаат или не. Тоа е вистината – пребирливи се и ја познаваат човечката природа. А да се придобие љубовта на една мачка е навистина подарок.

Евелина Ханска
Превод: Роберт Раман

Извори:
https://www.obekti.bg/zemya/50-izumitelni-fakta-za-kotkite
https://www.peika.bg/statia/Gabrovskata_kotka_simvol_na_energiyna_efektivnost_l.a_i.80749.html
https://religie.wiara.pl/doc/1285153.Egipskie-koty
https://www.dailysabah.com/travel/2015/10/31/the-cats-meow-these-turkish-cities-seem-to-be-ruled-by-cats-not-humans

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: