Живееме во едно „модерно“ општество, раководени од некои норми кои ни висат над нашите глави, постојано потсетувајќи не што треба и што не треба да правиме. Дали тие правни норми се воопшто праведни и ни дозволуваат да го задоволиме идеалот на правдата? Дали ни дозволуваат да ја имаме нашата слобода, онаква каква што е во изворна смисла?
Правото не постои само за себе и не е цел самото за себе. Она што правото секогаш треба да го поседува е изобилие на вредности кои ги остварува. Бидејќи тоа е алатка преку која луѓето можат да опстојат во една заедница. Бидејќи членовите на една заедница се клетката, а самата таа заедница го прави организмот како спој од сите тие клетки. Сето она што се пропишува во правните норми служи за остварување на доброто на граѓаните и подобрување на нивната благосостојба. Правото мора и треба да содржи минимум вредности и да остварува минимум човекови права. Едно од нив, а можеби и најважното е секако правото на слобода. Право кое сега сите го земаме здраво за готово – народски кажано, заборавајќи колкава борба се водела низ минатото за да го имаме истото сега и во оваа форма. Едно од основните и најбитните човекови права, според Џон Лок, покрај правото на живот и правото на сопственост е секако и правото на слобода, притоа истакнувајќи ја позитивната слобода. Позитивната слобода е ограничена преку правните норми, но токму преку тоа ограничување истата е можно да се оствари. Или како што би рекол Кант: „Правото е збир на услови под кои слободата на едни може да коегзистира заедно со слободата на други.“. И не ни чудно тоа што слободата ја гледаме како се провлекува низ секоја дефиниција за правото, низ секој искажан збор или запишана мисла. Позитивна слобода или „слобода на“ всушност преку позитивна енумерација ни укажува на сите оние можности и права кои можеме и смееме да ги остваруваме во една држава – слобода на движење, говор, протест и ред други видови слобода кои не можат таксативно да се набројат. Негативната слобода или „слобода од“ e eден вид на примитивно и патријархално сфаќање на самиот термин слобода, дефинирана како ослободеност од канџите на власта, сфаќање кое во денешно време во сите современи демократски држави не е прифатливо. Она за коешто секоја современа република зборува е секако за позитивната слобода.
„Само во слободната држава секој може да мисли што сака и да зборува што мисли“ – мисла во која Барух Спиноза го истакнува она што секоја држава треба да го реализира – слободата. Бидејќи, според него слободниот човек секогаш дејствува чесно и искрено, а никогаш лошо и подмолно, што донекаде е и точно. Со екстремното ограничување на слободата само го потврдуваме ефектот на забранетото јаболко – колку тоа е повеќе забрането толку повеќе го посакуваме и би направиле се за да стигнеме до него. Она што е праведно е секому да му бидат разделени картите за влезот во театарската претстава, но нивното искористување понатаму е на ризик на секој субјект одделно. Значи преведено на правен јазик, секој е слободен додека не ја ограничи слободата на другиот или додека истата слобода не му биде ограничена или одземена на начин утврден со закон и во ситуации пропишани со закон. Проблемот искрснува со поставувањето на границите. Границата меѓу дозволеното и забранетото е честопати тенка линија која лесно може да се прегази и избрише, како трага од креда. Границите на слободата посредно се изведуваат од основните уставни принципи и начела – правото на живот, правото на сопственост и нивната загарантираност со законските и уставните одредби. Што значи, дедуктивно изведување на самата таа слобода.
Реалистот стои залепен за земјата, а идеалистот се стреми и лета кон своите идеали и секогаш се стреми кон подобро. Свесен е за реалноста и за нејзиното постоење, но знае дека истата секогаш може да се подобри внесувајќи живост и новина во неа. Не се плаши да преземе нови чекори и секогаш го носи ризикот со себе. И се стреми да достигне колку што е можно поголема слобода. Идеалноста не значи совршенство туку чување на одреден идеал и желба во себе која се повеќе расте и расте и се отелотворува на крајот. Аналогно на тоа, бидејќи од самото човечко битие зависи креирањето на правните норми релевантно е дали станува збор за идеалист или реалист. Ниедна норма не е идеална, но од нејзината суштина зависи дали ќе напредува и ќе се подобрува. Не постои слобода без право ниту вистинско право без слобода. Колку повеќе истото ја остварува слободата, толку повеќе се приближува кон идеалот на совршеноста и праведноста. Не можеме да зборуваме за никаков концепт на владеење на правото ниту за демократска држава доколку недостига правото на слобода. Тоа е незамисливо во денешно време. Немојте да чекате некој да ви ја подари слободата, борете се за неа. Борете се за она што е гарантирано со Устав, закон, па и за она што не е, а сметате дека треба да биде. Зошто? Затоа што човек без слобода е како човекова сенка – не постои. Правните норми не се или не треба да бидат создадени за да се трупаат една над друга и да го пополнуваат правниот поредок со самото нивно постоење. Слободата отелотворена низ призмата на правната норма е она што на таа норма и го дава квалификативот – Правна.
Ивана Балтовска
Leave a Reply