Од 29.08 до 07.09 се одржа тренинг курс во Ловеч – Бугарија со работен наслов “R.R.R. – Raising Radio Reaction” организиран од Get on board. Главните цели на проектот беа учесниците да се стекнат со вештини потребни за да се започне и управува со сопствен буџет веб-радио преку методи на неформално образование. Покрај нас двајца, како претставници од Волонтерски Центар Скопје, учествуваа и 24 претставници од Бугарија, Литванија, Луксембург, Полска, Словачка, Италија и од Шпанија.
Првиот ден беше слободен и беше наменет за сместување и запознавање со околината. Вториот ден почна работниот дел кој на почетокот беше искористен за меѓусебно запознавање со другите учесници, а потоа беа претставени целите и очекувањата на проектот, се воспоставија правилата на однесување, се дефинираше начинот на настава и беше претставен распоредот на активности за наредните денови. Третиот ден тренерите нè запознаа со концептот на веб-радио, како се воспоставува серверот, начини на менаџирање на софтвер и хардвер конфигурациите со цел креирање на сопствено веб-радио.
Четвртиот ден беше резервиран за групно патување, при што го посетивме Велико Трново. Тоа е живописен мал град, познат како „град на царевите“ бидејќи бил историска престолнина на Второто Бугарско царство. Особено впечатлива е тврдината Царевец која била главно упориште од дванаесеттиот до четиринаесеттиот век. Имавме прилика повеќе да го запознаеме градот преку извршување на задачи во рамки на мали групи, кои беа истовремено забавни и корисни. Притоа, ги запознавме локалните граѓани за целите на нашата посета и програмата Еразмус +. Вечерта беше организирана бугарска вечер во која уживавме во бугарски специјалитети, ракија и традиционална народна музика.
Во наредните три дена бевме обучувани за процесот од воспоставување на радио станица до емтитување во живо. Почнувајќи од петнаесет, па потоа триесет минутно тест-емитување, завршивме со педесет минутно емитување во живо. Групите не беа составени од националниот тим, туку од учесници од различни земји, со што предизвикот беше поголем, но соработката беше успешна, односно беше овозможена размена на идеи, мислења и искуства на учесниците.
Беше организирана и интеркултурна вечер, на која сите учесници ги претставија своите земји, со традиционалната храна, пијалоци, како и со интересни податоци за земјата од која доаѓаат.
Претпоследниот ден се организираше претставување на нашите организации, при што ние го претставивме Волонтерски Центар Скопје, неговата историја, активностите и програмата, како и списанието Voices. Исто така, ги презентиравме и нашите идни планови во врска со евентуални можности за формирање на веб-радио во нашата земја.
Последниот ден беше извршена евалуација на проектот и учесниците ги разменија своите впечатоци. Потоа се одржа церемонија за доделување на Youthpass сертификатите, со што заврши работниот дел од проектот.
Слободното време го користевме разгледувајќи го градот Ловеч, кој има интересна архитектура, која е спој од различни стилови и влијанија, од модерни големи градби, споменици и фонтани, до мали традиционални куќи со дрвени чардаци. Особено остава впечаток уникатниот покриен мост. Граѓаните на Ловеч беа љубезни и гостопримливи, секогаш подготвени да одговараат на нашите прашања за историјата на нивниот град.
Ова беше убаво искуство во кое имаше многу учење, но и многу забава и дружење, а организаторите и тренерите се погрижија се да биде во ред, секогаш беа тука за нас и придонесоа за успешноста на проектот.
Јосип Гегај
Игор Булевски
Leave a Reply