Велат дека патувањата никогаш не завршуваат, туку само поминуваме низ моменти кои ни го менуваат животот и продолжуваме понатаму. Ваквите моменти можат да бидат мера за успех или за неуспех, но, во секој случај, тие носат искуство, а искуството е ресурс кој го стекнуваме со време, а не со пари.
Како што рекол Толкин, малку по малку, човек може да стигне далеку. Така, малку по малку, во едно студено зимско попладне моите чекори ме донесоа во Источна Европа – дел од светот многу поразличен од целиот Исток. Штом стапнете на овие простори студенило ви ја зграпчува душата како студената историја на таа земја да ви фрлила магија. Беше тешко да се замисли колку невини луѓе ги изгубиле своите животи на овие простори пред неколку децении. Откако студенилото ќе помине и маглата ќе почне да се расчистува, ќе се воодушевите од тоа како еден народ се справува со тешкотиите и се издигнува од пепелта. Градот кој се исправил пред тестот на уништувањето живее преку неговите илјадници жители кои, и покрај суровата зима, носат само насмевки на нивните лица.
Секогаш кога патувам сакам да собирам сеќавања, а не предмети. Го почнав моето патување од главниот град на земјата на бело и црвено. Она што ме фасцинираше кај овој град беше редот кој го имаше. Изгледаше како градот и луѓето да беа едно и да се грижат еден за друг како да се поврзани со некоја мистериозна врска. Владееше ред секаде каде што се упати мојот поглед –на семафори, во редици во или надвор од некоја продавница, на автобуска станица или едноставно во рекреативните активности на луѓето – имаше само хармонија која можев да ја слушнам дури и во тишина.
Богатствата секогаш ги наоѓаме во рушевини и иако неспоредливи со рушевини, отидов да ги видам помалку познатите делови на земјата на бело и црвено. Духот на цивилизацијата често престојува далеку од центарот на градот и ова ме натера да тргнам по сосем непознати патишта во целосно непозната земја меѓу потполно непознати луѓе кои зборуваа јазик кој воопшто не го знам.
Мојата потрага ме одведе во мало село чие име на нивниот јазик значи еднорог (Једнорожец). Легендата вели дека таму живеел пчелар кој видел еднорог во околината што во тоа време била резерват во кој ловеле членовите на кралското семејство. Принцот Јануш III Мазовјецки наредил да се изгради ловечки дом кој добил соодветно име – Једнорожец. Мојот прв впечаток за селото беше дека тоа не е село. Беше многу современо и имаше речиси целосна инфраструктура, па се осмелувам да кажам дека некои од градовите во мојата земја имаат помалку градби од него, но, зградите без нивната душа, луѓето, се само дрва, камен и бетон.
Престојував кај семејство чии членови имаа несебични срца и љубезен карактер. Како и кај секоја куќа во кој било дел од светот, основата на куќата од љубов и грижа ја прави мајката. Мајчината љубов и грижа ги надминуваат границите, препреките и културите. Некои работи се универзални и љубовта и грижата од мајката се пример за тоа. Иако во куќата останав две недели, таму добив дом далеку од дома. Сфатив дека семејството е важно за луѓето како што цветовите се важни за овоштарниците. И покрај тоа што многу од членовите на семејството не можеа да комуницираат со мене, научив дека јазикот е само препрека која најчистите чувства можат да ја надминат, а токму чувствата нѐ натераа да плачеме на мојот последен ден во селото. Зборовите се премалку кога срцето почнува да зборува и тоа збогување во моето срце сѐ уште е свежо како утринска роса.
За мене оваа приказна за моето патување ја отсликува трансформацијата од целосни странци до луѓе кои допреле до моето срце и ќе живеат таму како што цвеќињата живеат во пролет. Тоа патување ме промени во целост и ме направи подобра личност која гледа кон земјата со знаме во бела и црвена боја.
(Авторот е студент на магистерски студии на Техничкиот Универзитет Дармштат во Германија, а доаѓа од Пакистан. Учествувал на работилници за културна размена во Полска, Египет и Азербејџан)
Али Абас Ваџид
Преведувачка: Весна Радиновска
Leave a Reply