Што можеше да биде? Mодерниот архипелаг на испуштени средби

Вчера, запознав странец во автобусот. Помеѓу многумината на коишто моето тело и животен пат им пријде, ги oпкружувале, но на крајот не се сретнале, постои и овој млад дечко. Тој носеше и не многу дискретен, но многу елегантна маица со силна боја на сенф (или окер маица?), оригинални очила украсени со неговото добро издефинирано лице од остри црти. Уредно потстрижена коса, пријатно нескротена брада, како контраст.

Неговиот најголем шарм, сепак, не беше во тоа: тој ја читаше – апсолутно запленет – Мадам Бовари. Притаено, преку неговото рамо, ги препрочитав со него последните страници: смртта на Ема, посматрањето на телото, трагедијата и вкусот на неизбежниот крај кој следуваше. Сакав да зборувам со него.

– Добра книга, нели?
– Да, јас безмалку сум готов, но веќе отсега можам да кажам дека многу ми се допадна.
– Што најмногу ти се допадна?
– Ох, не знам… Се’. Јазикот е одличен, приказната добро водена, ликовите се напнати и реални… Се фаќаш себе си како силно ги осудуваш, а сепак ги сакаш истровремено.
– И јас го чувствував истото! Неверојатно е како можеме да имаме толкава емпатија со нив, иако се толку различни еден од друг и толку, толку несовршени…
– Тоа е добро, нели, кога читаме книга којашто заробува и чиишто ликови дишат, почнуваат да постојат внатре во нас…
– Да! Си ја читал ли Ана Каренина или Портретот на една дама? Тие ја имаат истата тематика и истaта конкретност…

Тој читаше, потполно внесен. Како можеше, покрај толкавото клацкање на автобусот? Но, како и не би можел, со толку хипнотизирачки литературен материјал пред неговите очи? Тој продолжи да чита. Јас пак, продолжив со мојата тврдоглава тишина. Двоумењето го парализираше мојот дух, а на такво убаво утро!

Јас зборував со него, но само ментално. Го повторував неговиот имагинарен звук на гласот, неговото дури и вознемирувачко инсистирање да се нагласи секој еден слог од секој збор, како да читаше од новела а не да зборува природно… Видов топол ентузијазам како се растегнува по неговото лице на моето неочекувано пријдување, неочекувана книжевност, толку различно од повеќето од човечките интеракции во автобусите.

Но, дали навистина може ова да биде вистина? Ќе биде ли така? Двете негови уши и очи се потполно зафатени, покрај се’. Заборавив да го напоменам и овој детаљ. Дали слушалките се црвено светло за разговор? И фасцинираноста којашто книгата толку очигледно ја будеше во него? Дали јас имам право да упаѓам, со мојот неспорно помал потенцијал за фасцинација од Флубертовото дело?

Го исчистив грлото, ги навлажнив усните. Ова е смешно. Сакам да го направам тоа и сега морам да го сторам тоа, или никогаш нема да знам, што би се случило, и таа мисла ќе ме прогонува со денови.

Кој не жали по она што не се случило, или можело да се случи? Ја отворив устата. Се задушив и си го гризнав јазикот. Бев турната. Нашето мило колективно возило исфрли неколку луѓе, а ние коишто останавме сакавме да бидам малку помалку човечки згмечени. Природно, јас бев турната. Нежно, тоа е вистина. Бев одделена од мојот странец од страна на многу други луѓе. Стапалата ми тапкаа на подот од автобусот, издишувајќи фрустрација.

Не ми се верува! Толку долго ми требаше да го надминам сопственото цивилизациско двоумење, конвенционалното и церемонијална осаменост на јавни места… и кога конечно се осмелив да го направам… бев одведена од протокот на толпата назад до островот ЈАС. Во мојот нормален, и како што се чини, страшно неповредливо повлекување.

За некое кратко време, голем бран на човечки острови ќе излезе и јас ќе можам да отпливам повторно до него. Ќе најдам начин да зборувам со него! Сега покрај прозорот, не во ходникот, тој исто така е туркан од спектакуларната островска парада. Но тоа нема да биде пречка.

jiangxulei1990-hGeeJtnYAOk-unsplashЛуѓе, повторно, останаа. Некој ми пријде, колега којшто го немав видено, којшто претходно не ме имаше видено. Нашата станица е следна. Ох, не, не сега! Можам да ја избегнам со тоа што ќе го одложам своето симнување од автобусот за неколку станици. Но, одложениот разговор со момчето, ограничен со многу кратко време, нема да биде вреден за тоа. Самиот почеток веќе ќе биде завршеток и јас ќе ја вкусувам во мојата уста горчливата лавина на времето, којашто ќе ми ја наплати мојата неодлучност со нивното брзо бегство, наплаќајќи ми ја најболниот данок на неживеење. Ќе морам да страдам во својата свест од силата на општествениот тек, со неговата забрзана текстура, замок со којшто индивидуалните слабости – недоумица, страв, срам – не можат да се носат.

Утешна награда? Реализацијата дека ние не сме, јас и читачот на Флуберт во маицата со боја на сенф, единствените острови кои се протегаат на океанскиот набив на модерни, стиснати, уморни луѓе во брзање, колективно одвоени на исти места од страна на навика на срдечна тишина, со став на почитувачка резервираност. Ние сме дел од целина којашто страда од истото зло – пропуштени прилики, запознавања, средби и ретко го постигнува или и е даден магичниот подарок на вистинска средба. Знаењето дека не страдаш сам е секогаш виновно олеснување којшто ги омекнува нашите страдања.

Друга утешна награда? Магијата не беше прекината. Мислата дека можеби ќе го направев тоа, ќе отворев устата само за да најдам уши кои одбиваат да ме слушаат, ќе го допрев неговото рамо, но ќе го сретнев неговиот одбивен поглед, едвај забележувајќи го мојот пристап… Никогаш ни не правејќи го она што мојата мечта го замисли, никогаш нема да дознаам што можеше иднината да чува за мене. Ако вистинскиот разговор беше поубав или понепријатен од оној кој јас го замислував, ставот на момчето поотворен или сепак, позатворен од оној кој јас го претпоставував, неговиот глас потопол или пак поладен од оној кој јас го чув во утринскиот сон. И така, јас можам да си играм со идејата на што можело да биде… и да ја направам или убава или непријатна онолку колку што мојата имагинација посакува, или пак смешна, катастрофална, а можеби само апсурдна и комична.

Виториа Ацерби
Преведувачка: Маја Николиќ

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: