Многу често луѓето велат дека нашите животни приказни претставуваат испишана книга. Пишувајќи ја својата книга, секој од нас го прави позначаjно и посебнo своето патешествие наречено живот. Правејќи го секое подглавје поинтересно, ние придаваме се повеќе вредност кон секоја напишана страна. Несомнено, патувањето ја прави секоја книга побогата и повредна. Оние кои не патуваат, успеваат да напишат едвај една страна од својата животна авантура. Но сте се запрашале ли некогаш, што се случува со милионите луѓе кои се принудени да патуваат, избегнувајќи го својот дом поради војна, несигурност и недоволна безбедност? Што е испишано во нивните книги?
Имајќи ја привилегијата да учествувам на Тренинг Курс во волшебната сончева Анталија, јас накратко го преточив моето искуство и патешествие во овој краток и скромен есеј.
Носејќи го името “Sailvan”, тренинг курсот се претвори во авантура која посакувам секој од младите да ја искуси и доживее. Учество зедоа 7 земји, вклучувајќи ја и Македонија. Сместени во 3 различни кампови, спиејќи во шатори, куќички на дрво и бунгалоа, ние се почуствувавме како вистински авантуристи оставени сами на себе во природа. Атмосферата беше исполнета со безброј забава, дружба и позитивна енергија. Совладувајќи ја бариерата од јазик и меѓусебни културни разлики, уште на самиот почеток тренингот почна да се одвива со полна енергија. Пловејќи покрај волшебните брегови на Кекова, започнавме со првите сесии од тренингот. Најпрвин, се запознавме со можностите кои ги нуди Еразмус+, објаснувајќи ги посебно младите размени, тренинг курсевите и ЕВС проектите. Следно, почнавме да навлегуваме подлабоко во самата тема на тренингот, дискутирајќи за Универзалната Декларација за Човекови Права. Како задача, потребно беше да смислиме ситуација во која презентираме прекршено човеково право. Подоцна, како продолжение на активноста, потребно беше да смислиме возможно решение и начин на кој тоа може да се подобри. Покрај човековите права, едната од побитните теми која ја опфативме беше миграцијата и причините поради кои милиони луѓе секојдневно го напуштаат својот дом. Тука се задржавме, дискутирајки за бегалците, кои секојдневно се втурнати во бегство од своите земји – Сирија, Иран, Пакистан итн. Фактот дека секојдневно 6 бегалци го губат својот живот во водите на медитеранот, а пак многу голем број исчезнуваат , причини длабока воздишка и загриженост во секој од нас. Решението и спасот се далеку од нашите раце, но согледувајќи ја ситуацијата и реалноста, се соочивме со она што владее далеку од нас – вистината, а пак таа е олицетворена во рацете на безброј мајки кои се грижат до својата последна капка пот да успеат да обезбедат сигурна и безбедна иднина за своите мали дечиња.
Анастас Китановски
Фотографија: Овидиу Онициуц
Leave a Reply