Креативното пишување може да го промени општеството

Може ли креативното пишување да го спаси светот? Можеме ли преку новелите, драмите, сказните, сториите, личните перфоманси, работилниците, проектите, медиумите, но и преку обичните разговори со кафе, чај или пиво да се бориме против моќниот непријател? Дали стереотипите, предрасудите и дискриминацијата се победливи со малку поголема свесност, волја и напор од сите нас?

Една седмица звучи исклучително малку за да се добијат потребните одговори, а уште помалку за да се промени крвната слика во нашите разболени општества. Но, доколку тие седум дена се поминат во креативна атмосфера, со позитивни луѓе и со силна енергија, стартната позиција дава ветер в грб и целта изгледа поблиску отколку што навистина е.

Во тоа се уверија и триесетина учесници на тренинг-курсот под наслов: „Креативното пишување како алатка за промени во општеството“, што во рамките на „Еразмус +“ програмата на Европската комисија се одржа во Струга во периодот од 9 до 17 декември 2019 година во организација на Волонтерски центар Скопје и на финскиот партнер „Пунтланд“.

Младите гости и социјални работници од десет земји во Европа (Македонија, Шпанија, Италија, Романија, Финска, Шведска, Велика Британија, Норвешка, Германија и Данска) имаа шанса преку различни методи, техники и вештини да научат како да се спротистават на негативностите што не опкружуваат.

Беше прекрасно што имав можност да се тестирам себеси со групна работа и презентација, да се дружам со страствени луѓе кои трагаат по одговори и да работам на сопствениот развој. Верувам дека доаѓа подобро ’утро’ за доброто на општеството“, вели Дебора Мелуци од Италија.

За некои од учесниците, ова беше прво заминување од сопствената држава, за други шанса да го подобрат англискиот јазик, за трети можност да запознаат луѓе од различни делови на светот, но сите заедно да увидат дека без оглед од која точка на земјината топка доаѓаме – мораме да најдеме начин да се разбереме.

Ми се допадна како креативното пишување влијаеше врз мене. Научив многу“, коментира Ема Томсен од Данска.

Шпанката Амаја Очоа дополнува дека опкружени со професионалци, учесниците ги ослободија умовите и креираа вчудовидувачко уметничко парче.

Обичаите, навиките, ритуалите, врските и пречките со кои се соочуваме не тераат на приврзаност и припадност кон родното место или татковината, иако патот знае да не одведе таму каде што не сме помислиле ниту во најлудите соништа. И звучи апсурдно, но колку повеќе знаеме за себе, толку полесно можеме да влеземе во кожата на другите, да ја почувствуваме нивната припадност и поглед и со тоа да се спротиставиме на генералните и клишеизирани мислења што ги имаме кон одредени поединци, групи, па дури и кон цели религии, нации или држави.

Горан Адамовски
Фотографии: Саша Шлутер

P1090939

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: