Низ целиот тренинг-курс во Бар, Црна Гора се обработуваа многу чувствителни и интересни теми што понекогаш алармираа за застрашувачки факти и случки насекаде низ светот.
Во Бар, Црна Гора во периодот од 20 до 29 февруари годинава, се одржа тренинг-курс со наслов: “Gender based and sexual violence in love relationships of youngsters”, на кој учествуваа гости од Италија, Албанија, Грција, Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Естонија и од Словенија. Голем број на млади собрани на едно место со различни размислувања говореа на темата за борба против родовото насилство кај младите.
Македонската делегација која го претставуваше Волонтерски Центар Скопје, по долгиот пат до Бар, беше „пречекана“ од невреме, кое, за среќа, набргу стивна, па имавме шанса да го истражиме градот лоциран на Јадранското море. Веќе утредента, започнавме со официјалната програма.
Вообичаено, првата работна сесија е задолжена за запознавање на учесниците и отворање на семинарот. Низ целиот тренинг-курс се обработуваа многу чувствителни и интересни теми што понекогаш алармираа за застрашувачки факти и случки насекаде низ светот. Сесиите беа исклучително интересни, поделени на неколку нивоа: презентации, гледање видеа, па дебатирање на задатената тема, потоа работа во мали групи и по некоја работилница во национални тимови каде што, македонската група конкретно, требаше да издвоиме податоци и бројки за родовото насилство во нашата земја.
Покрај работните задачи, организаторите се погрижија и слободното време да биде исполнето, па дел од агендата беше и екскурзија до Будва и до Котор и нивните прочуени стари делови од градот. По пат, застанавме да го видиме и островот Свети Стефан.
На крајот, заклучивме дека бевме сведоци на одличен семинар. Сите си отидовме со ново стекнати информации и знаење кои ќе ги употребуваме и во нашиот сопствен живот за да заштитиме некоја единка, но и ние самите да се заштитиме и да ги научиме помладите како не треба да постапуваат. И како да спречат родово насилство.
Огнен Анчевски
Leave a Reply