“Животот по ‘корона’ нема да биде ист, но мораме да се смееме”

Интервју со Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје во Скопје.

„Факт е дека во овој период на асоцијализација увидуваме колку ни недостига друштвото“, вели Јанкуловски.

Нему не му е тешко да се разбуди рано наутро со песна, да отиде на работа во Центарот за јавно здравје – Скопје, со часови да биде очи во очи со невидливиот непријател, а попладнето љубезно да им помага на повозрасните станари на висококатницата во скопската населба Кисела Вода каде живее, пазарејќи ги за нив продуктите што им се неопходни или наоѓајќи им се во домашните потреби. Нему и не му беше потребен хаосот со „короната“ за да ја „разбуди“ хуманоста во себе. Тој веќе трета година своето слободно време им го посветува на децата со аутизам преку невладината „Аутизам ААМК“.

Неговото име е Денис Јанкуловски, а во интервју за Воисес говори за предизвиците со кои човештвото се соочува за време и по вирусот „Ковид 19“.

Denis Jankulovski3

Твоите статуси на социјалните мрежи се хит деновиве. Медицински техничар кој е во првите редови на борбата против најпознатиот светски вирус – Ковид 19, зрачи со оптимизам и се труди да им го пренесе на граѓаните преку мотивирачки пораки или песна. Од каде црпиш толкава енергија, зарем никогаш не те стигнува замор?
– Енергијата ја црпам од три места. Семејството каде ја имам најголемата поддршка, работата која си ја сакам и ја работам со многу љубов и посветеност, како и од сите оние мои мали но големи другарчиња со кои веќе трета година се дружам и со огромно нетрпение чекам да ги видам. Сакам денот да си го направам убав, така си давам и елан, но сакам и се обидувам на сите оние кои во ова време-невреме мора да седат дома, преку тие мои статуси да им ги оттргнам мислите од вирусов, барем на момент. Сакам да ги ’заразам’ со она што јас го чувствувам, односно со чувството на уште еден убав ден. Заморот, секако дека доаѓа, но откако ќе се вратам дома после уште еден поминат ден на терен знаејќи дека сум допринел за нечие здравје, и дома наидувам на насмевките на моето семејство и огромниот број прекрасни пораки од пријатели, роднини па и некои непознати – тогаш се се заборава и со насмевка го очекувам наредниот ден.

Преку ден си во ’скафандер’, во попладневните часови си им на услуга на повозрасните соседи во висококатницата во која живееш. Сопруг си и татко на младинец и тинејџер. Дали понекогаш ти е страв дека невидливиот непријател ќе те совлада тебе или твоите најблиски?
– Стравот секогаш постои затоа што сме сите луѓе од крв и месо и никој не е отпорен. Но самото тоа што кога одиме на терен сме максимално заштитени, односно сме со целосна заштитна опрема, со тоа што кога сме на терен, кога земаме брисеви свесни дека сме во близина на некои потенцијални носители на вирусот но и некои веќе докажани позитивни, ние совесно и со многу претпазливост си ја вршиме работата, тоа мене и, секако, на останатите мои колеги ни дава сигурност дека нашите семејства се заштитени.

Denis Jankulovski2

Како гледаш на однесувањето на луѓето по прогласувањето на пандемијата? Дали станавме посоцијални и посвесни за важноста на животот и среќата што ја имаме што сме живи или, пак, себичноста допрва излегува на површина, па секој (ќе) се грижи само за себе без да води сметка за здравјето и за потребите на другите?
– Прогласувањето на пандемијата како и активностите кои ќе следат по нејзиното завршување, според мене, ќе доведат до неколку новитети. Факт е дека во овој период на асоцијализација увидуваме колку ни недостига друштвото. Научени сме, сепак, да не сме сами, можеби и менталитетот ни е таков. Но од друга страна, факт е дека има и голема себичност, која, за жал, ја гледаме токму овие денови кога се обидуваме секојдневно да укажеме дека седењето дома не е за џабе, дека тие два збора ’Седи дома’ имаат и тоа како големо значење. Има себични луѓе кои едноставно не почитуваат препораки. Притоа, не размислуваат дека прво тие се неодговорни кон себе и кон своето здравје, а со самото тоа се себични и крајно неодговорни кон своите блиски, независно дали се семејствата, комшиите, пријателите и роднините. Тоа е голем проблем кој, за жал, е многу присутен. Верувам дека животот ќе се смени. Ќе станаме посовесни за своето здравје, попретпазливи, но мора да разбереме дека индивудуалното здравје е во корелација со колективното. Само со заедничка соработка ќе бидеме поприсутни на ова парче земја. Промени ќе има во начинот и стилот на живеење. На подобро или на полошо… времето ќе покаже.

Како човек што е директно инволвиран во случувањата, можел ли да ни кажеш кога можеме да очекуваме враќање во „нормален живот“? Всушност, можеме ли да направиме проекција каков ќе ни биде „нормалниот живот“? Од кои работи ќе мора да се откажеме?
– Уф, тоа ми е најтешкото прашање деновиве, поточно одговорот. ’Коронава’ е нешто ново што ни се случува, да не речам ’не измести од колосекот’. Нормален живот, како што реков и претходно, ќе следи во некоја нова форма, ќе има нова дефиниција за „нормално“. Веројатно нормално ќе биде да шетаме со маски, да избегнуваме премногу блиски контакти, нормално ќе биде за 5, 10 или помалку години повторно да се појави од никаде некоја нова ’Корона’. Ќе има откажување од многу работи меѓу кои на пример одење и патување на места на кои досега имало голема бројка на луѓе. Претпазливоста со некоја доза на страв ќе преовладува во нашите животи. Но, она од што никогаш не смееме и нема да се откажеме е насмевката.

Denis Jankulovski4

Веројатно сите ќе мора да се научиме да живееме со вирусот, но дали од есен повторно ќе мора да се запознаваме со него од блиску?
– Јас претпоставувам дека ќе мора, но еве веќе работат на пронаоѓање на вакцина, која верувам дека ќе биде дел од програмата за заштита на населението. Вирусот ќе биде одомаќинет како и сезонскиот грип, ќе поминува во полесна форма, ние ќе се навикнеме и ќе создаваме антитела и имунитет. До наредниот…

Ти си и претседател на Невладината организација „Аутизам ААМК“. Како им е на децата и на нивните родители, како тие ги поднесуваат овие времиња?
– Една од работите која ми недостасува овој период се токму активностите во ’Аутизам ААМК’. Иако млади, постоиме само две односно ова е трета година, сепак, можеме да се пофалиме со многу активности кои секогаш имаат за цел зголемување на свеста за лицата со нетипичен развој, нивно почитување, прифаќање и инклузија во општеството. Но ете, ’коронава’ малку не стави во пауза, но ние секојдневно сме во комуникација со децата и со нивните родители и старатели да видиме како тие ги поминуваат деновите. Верувајте дека и нив како и на сите други деца им е тешко, им недостасуваат градинките, училиштата, парковите, им недостасуваат другарчињата. Семејствата, познавајќи ги нивните дневни ритуали и нивните интереси, се обидуваат да им ги направат деновите лесни за пребродување, а секако дека и ние сме тука да помогнеме колку што можеме. Јас во овој период преку тие забавни и мотивирачки видеа.

Горан Адамовски

 

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: