Преку мојот филм Охрид да остане во УНЕСКО
Сара Јазаџиска, родена во Скопје во 1997 година е филмски работник и режисер. Студирала филмска режија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Од млада возраст била внесена во светот на филмот. Сара беше избрана за проектот “European Youth at the frontlines of active citizenship: A Roadmap towards a collective South-North-East-West Momentum” организиран од Волонтерски центар Скопје, а поддржан од Европската комисија преку Ерасмус+ Европските млади заедно програмата. Темата што ја избра за нејзиниот проект е културно наследство каде што главниот фокус е градот Охрид и Охридското езеро.
Како реагиравте кога дознавте дека вашиот проект е избран за реализација?
– Бев многу среќна кога дознав дека мојот проект е еден од избраните проекти што се поддржани. Ова ќе ми овозможи да допрам до многу поголем број луѓе.
Која беше мотивацијата за оваа тема и токму за Охрид како “главен актер” во истата?
– Штотуку се преселив во Охрид и ова е тема што сакам да добие повеќе внимание. Охрид е град кој е заштитен од УНЕСКО како светско наследство, но тој статус е под сериозна закана да биде изгубен. Со самото тоа што ќе се изгуби таа поддршка и заштита, мора да разбереме дека правиме работи кои не се во ред. Тоа во иднина ќе ни се врати и ќе не чини многу скапо. Луѓето мора да го разберат тоа и да не се однесуваат неодговорно кон овие битни културни прашања за целата држава.
Има многу различни начини на кои можете да го подготвите вашиот проект. Зошто мислите дека користењето на филмот како алатка е најдобриот начин за да се пренесе приказната?
– Најпрво, филмот како медиум и како уметничка форма е многу блиску до моето срце. Тој има можност да допре до многу голем број на публика и ја има таа карактеристика, не само да покаже, туку и да прикаже што се случува. Како додадена вредност може да се издвојат и можноста да се размислува малку пошироко, но и да изгради еден заеднички став за вака важно прашање.
Со се што се случува во моментов, дали мислите дека ќе има потешкотии при реализацијата?
– Секогаш има, но токму затоа мора да ги процениме и да ги менаџираме истите. Животот има добри и лоши моменти, но тоа не смее да не сопре при исполнување на нашите цели. Не секогаш работите што ги посакуваме ќе ги исполнуваме лесно.
Што мислите дека ќе биде клучна точка на овој проект?
– Крајниот резултат, а тоа е пораката. Целта е да стигне до што поголем број на луѓе и институции. Се надевам дека можеби, ќе допринесе до тоа УНЕСКО да не се откажува од нас.
Сара Јазаџиска
Leave a Reply