“Зборовите без акција се ништо”
Петар Стевановиќ од Скопје, студент на Универзитетот „Гоце Делчев“ е вљубеник во природата. Се сеќава дека уште како дете ги минувал целите лета кај неговиот дедо во селото Витолиште. Сега подготвува проект за подигнување на свеста за природата, како и за нашето здравје.
Петар е избран за проектот: “European Youth at the frontlines of active citizenship: A Roadmap towards a collective South-North-East-West Momentum” организиран од Волонтерски центар Скопје, а поддржан од Европската комисија преку Ерасмус+ „Европските млади заедно“ програмите.
Што те натера да почнеш да размислуваш за овој проект?
– Една од главните причини поради која сакам да го реализирам проектот е тоа што сакам да ги сменам навиките и однесувањата на луѓето кои се одлучиле да поминат време во природа, сеедно дали тоа било трчање, вежбање, планинарење или само одлучиле да се релаксираат во блискиот национален парк…
Не сакав, а и се уште не сакам да го прифатам фактот дека луѓе (индивидуи) се одлучуваат свесно или несвесно да ја остават природата во полоша состојба отколку што ја нашле.
Што мислиш дека ќе промени овој проект?
– Се надевам дека со овој проект ќе можам да им покажам и докажам на луѓето дека не може да имаме здрав живот доколку немаме здрава природа. Можеби луѓето ќе помислат двапати следниот пат кога ќе се решат да уништат нешто или да ја загадуваат природата кога би ги знаеле последиците од тоа.
Колкава е старосната граница на целната група?
– Секој од своето раѓање, па до 99+ години. Сите сме целната група, сите живееме на оваа планета. Можеби е малку поважно за младите да бидат поактивни во овој проект само затоа што тие би биле подолго на оваа планета и треба да сме сигурни дека оставаме здрава планета за нашите наследници.
Дали мислиш дека некои граѓани би ти помогнале околу твојот проект?
– Повеќе од сигурен сум дека ќе има многу млади индивидуи кои се засегнати со истиот проблем со кој се соочуваме и оти тие би ми помогнале да го реализираме проектот заедно. Ќе го искористам цитатот на Анна Мари Бонау, која вели: “Не ни требаат неколкумина луѓе што прават нула отпад совршено. Ни требаат милиони луѓе што го прават тоа несовршено”.
Дали имате нешто да им порачате на луѓето што сакаат да променат нешто, но не се многу мотивирани?
– Зборовите без акција се ништо. Секогаш се чини невозможно додека не се оствари. Само опкружете се со луѓе кои имаат иста визија и видете како работите се менуваат.
Петар Стевановиќ
Leave a Reply