Како ќе го променам општеството: Стефанија Стефаноска

Стефанија е родена во Прилеп, каде, како што вели, живеат специфични луѓе, пред се поради стравот од општествениот систем. Нејзините први почетоци се поврзуваат со глума, а потоа со режија на неколку претстави кои имаа за цел да го свртат вниманието на луѓето кон менталното здравје. Потоа еден тон семинари и конференции на кои се трудеше да ја прошири идејата за важноста на менталното здарвје. Еден 17 септември, таа се скара со времето и одлучи да се бори за децата кои немаат право на глас. Од тој ден, таа сонува дека еден ден ќе живееме во свет во кој идните генерации нема да мора да се рехабилитираат од траумите и стресовите доживеани во детството. Таа верува дека тенка е линијата помеѓу менталното здравје, секојдневните стресови и телесното здравје.

Стефанија е избрана за проектот: “European Youth at the frontlines of active citizenship: A Roadmap towards a collective South-North-East-West Momentum” организиран од Волонтерски центар Скопје, а поддржан од Европската комисија преку Ерасмус+ Европските млади заедно програмата.

95920745_3048490225245072_8554109153092567040_o

Што е поврзаноста помеѓу емоциите, детските трауми, темата на твојот проект, односно секојдневните стресогени ситуаци и телесното здравје?
– Можно е на прва топка да звучи нелогично или апсурдно, првенствено поврзаноста на овие четири компононети, но навистина постои добра основа и тоа не само за сомнежи на оваа тема, туку и за акции кои треба да бидат превземени на истата. Првенствено, проблем е затоа што медицинарите го набљудуваат овој проблем како нарушување на здравје во физиолошка смисла, социолозите како социјален проблем, но никој не ги поврзува овие компоненти. Постојат неколку инстуиции и болници надвор од Македонија кои веќе работат на овој принцип, но кај нас се уште, првенствено зборување на овие теми е табу, а да не зборувам за здравствениот систем во нашата држава. Овој проект како и моите сфаќања воопшто би можеле да се објаснат со Студијата за Неповолни Детски Искуства на др. Боб Анда и Кајзер. Ќе се обидам да објаснам. Причината за ова е поврзана со хипоталамусот-хипофизата-надбубрежната жлезда, системот за реакција на стресот на мозокот и телото, кој управува со нашата реакција на „борба или бегство“.
Замислете дека сте во шума и наидувате на мечка. Веднаш, вашиот хипоталамус испраќа сигнал до вашата хипофиза, кој испраќа сигнал до надбубрежната жлезда, која вели: “Ослободете ги хормоните на стрес! Адреналин! Кортизол!” И така, срцето започнува да чука, се отвораат дишните патишта и подготвени сте или да се борите против мечката или да бегате од мечката. И, тоа е прекрасно ако сте во шума и има мечка. Но, проблемот е, што се случува кога мечката секоја вечер доаѓа дома или секој ден ја гледате во училиште? Овој систем се активира одново и одново, и тоа преминува од адаптирање или заштеда на живот, до лошо прилагодување или штетно за здравјето. Децата се особено чувствителни на ова повторено активирање на стрес, затоа што нивните мозоци и тела се развиваат. Високите дози на неповолност не само што влијаат врз структурата и функцијата на мозокот, тие влијаат на развој на имунолошкиот систем, развој на хормонални системи, па дури и на начинот на кој нашата ДНК се чита и транскрибира.

Која е темата на твојот проект?
– Конкретно, темата на мојот проект е влијанието на трансполаризацијата и супституцијата на емоции од раното детство (како во семејството, така и во училиште) врз стресогените ситуации кои подоцна се можеби и најголем извор на голем број телесни заболувања, односно обработка на оние теми кои што се уште сериозно не се сфаќаат со цел да станеме посвесни за сопственото здравје. Оние ситуации во училиште каде професорот се изживува со ученикот, но ученикот е секогаш виновен, оние ситуации кога децата никој не ги сфаќа сериозно зашто се деца и тие немаат никаков стрес, а не би можеле да се обратат до психологот во училиштето, зашто психолозите/социолозите/педагозите се се друго во училиштата, освен тоа што треба да бидат. Би можела да набројувам еден тон ситуации, но мислам дека ќе бидам најдобро сфатена ако дадам само пример од неколку реченици кои ги слушам секојдневно, несфајќајќи ја нивната последица:
„деца се, нормално е да се тепаат, ајде смирете се“, „кој се тепа, тој се сака“, „знаеме дека знаеш за 5-ка, ама не се буни, зашто и таа 4-ка што ја имаш ќе ти ја намалам“, „ученици сте – тоа ви е работа, единствено што треба е да учите“, „дете ко дете, натепај го ако сакаш да те слуша“, „не ми е грижа за твоето друштво, казнет си еден месец не добиваш пари и нема излегување од дома“, „татко му е алкохоличар и од него нема ништо да биде“…

Што би можеле учесниците во овој проект да научат?
– Би можеле да научат каква е улогата на нашите емоции, како да ги насочуваат на позитивен начин што би довело до намалување на стресогените ситуации. Ќе имаат можност да ја научат поврзаност на овие четири елементи: емоции, стрес, траума, телесни заболувања и нивните последици. Исто така, ќе имаат шанса да научат одредени техники на справување со стрес што би можеле да ги применат на училиште, на работа, дома и слично, за време на стресна ситуација.

Која е крајната цел која што би сакала да ја исполниш со овој проект?
– Не би сакала да брзам со предвидувања за крајна цел. Искрено, среќна би била ако барем еден човек после мојот проект би излегол со поразлично мислење на оваа тема и поголема самодоверба. Гледано од другата страна, би била среќна ако успеам да го свртам вниманието на дел од институциите и ако тие би почнале да се информираат на оваа тема.

Стефанија Стефаноска

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: