Танцуваj со мене на Месечината

Танцот е начин да се создаде страст помеѓу двајца и тоа на каков уметнички начин… Кога танцувате со вашиот партнер, уште во првиот момент влегувате во свет кој се состои само од вас двајцата. И за надворешниот свет вие зборувате на непознат јазик кој е безгласен но сепак разбирлив по неговата убавина.

Овој текст воглавном ќе се задржи на друштвен танц (ballroom dance) и потеклото на овој жанр, како и на поделбата и краток опис на истите. Самото име ballroom dance се поврзува со ball каде главната забава е, секако, танцувањето. Во секој случај, називот доаѓа од латинскиот збор ballare, што едноставно значи “да се танцува”.

Потребни се двајца за изведба на друштвен танц. Едниот од нив секогаш води, дава знаци на партнерот без зборови за наредниот чекор што следува. И колку подобро го познавате својот партнер, толку поразигран ќе биде танцот. Исто како да си ги читате мислите еден со друг и го правите точно тоа што вашиот партнер го замислува, без да го кажете тоа гласно. Како да имате страствен разговор во кој изгледот и телата говорат.

preillumination-seth-hDNH0atAgVk-unsplashМодерната форма на друштвениот танц доживува процвет во 20-от век, кога привилегираните класи започнале да увежбуваат танц со партнер на истакнати балови или други игранки. Сепак, пред тоа и пониските класи организирале игранки, развивајќи различни типови на друштвени танци. Некои извори јасно ни покажуваат дека друштвениот танц во неговата првична форма пристигнал во градовите од селата и периферијата. Друштвениот танц тогаш се развил во една поелегантна форма. Напливот на друштвениот танц е исто така поврзан со сѐ поголемата популарност на џезот во 20-те години на 20-от век – многу танци како валцер или свинг се измислиле да се следи ритмот на џез музиката. По Втората Св. Војна, се создаде простор друштвениот танц да се наметне на светот и да се развива и понатаму.

Друштвените танци се воглавном поделени во две групи на танци: стандардни и латиноамерикански танци. Најлесен начин да се разликуваат двете групи е да се опишат стандардните танци како релативно поспори и поелегантни, додека латиноамериканските танци се побрзи и поенергични. Кога гледаме натпревари во танцување, забележлива е исто така, и разлика во облекувањето помеѓу овие две групи на танци. Кај стандардните танци стилот е поелегантен, мажите носат долги палта, а жените долги, понегогаш тесно прилепени или фустани како прицези во поспокојни бои. Кај латиноамериканските танци пак, има повеќе слобода во изгледот, фустаните се пократки, често со рабови или перја на краевите, а боите кај двајцата партнери се поживи, светлуцави, со сјајни нитни.

Значи, има две поголеми групи на танци и секоја група понатаму, има пет различни танци. Стандардните танци се Англиски и Виенски валцер, танго, квикстеп и фокстрот. Латиноамериканските танци се самба, ча-ча, румба, џајв и пасодобле.

Ова е главната категоризација и сите погоре споменати танци влегуваат во натпреварите во друштвени танци. Постои и трета група на танци која ги вклучува танците како салса, бачата, кизомба, меренге и многу други. Светот на танци е навистина богат. Англискиот валцер, исто така наречен бавен валцер, доаѓа од Англија и е поврзан со Виенскиот валцер, од кого и потекнува. За првпат е изведен во Лондон, во 1910 година. Англискиот валцер е секогаш првиот кој ги отвара натпреварите во друштвени танци. Впечатокот за валцерот може да се протолкува како паровите се издигнуваат и одат надолу како водени бранови. Приказната раскажана преку овој танц е многу романтична и чиста како првата љубов. Музиката е сонувачка и елегантна, честопати звучи како да е од старите филмови или бавни варијации на класичниот џез.

ahmad-odeh-JhqhGfX_Wd8-unsplashВиенскиот валцер е побрз тип на валцер и цел еден век постар од Англискиот, како и најстар од сите друштвени танци. Првпат бил презентиран на Конгресот на Виена во 1815 година и уште од почетокот имал прилично бурна историја. И бидејќи танцот е замислен партнерите да во близок и цврст контакт, се сметало дека е неподобен за изведба во јавност. Денес претставата за Виенски валцер повеќе е како снегулки да лебдат во воздухот околу двајцата танчери. Зависно од фантазиите. И да не ја заборавиме убавината на музиката за валцер, како Јохан Штраус – „Синиот Дунав“ или Чајковски – „Валцерот на цветовите“.

Тангото е класифицирано од УНЕСКО како суптилно културно наследство. Тоа се развило во Буенос Аирес, Аргентина и Монтевидео, Уругвај, во доцниот 19 век, од луѓе од пониските класи. Самата историја на Тангото е доволно богата за да се напише засебен текст, а исто така долга е и листата на стилови. Секој стил на Тангото има нешто посебно, но заедничко за сите е што се огнено страствени. Сите слатки и тажни моменти на љубовта може да се изразат само преку еден танц – возбуда, радост, страст, љубомора и очај на напуштениот од својот љубовник.

Уште еден танц кој потекнува од Англија е квикстепот. Проследен е со многу растрчување и весели потскокнувања, и наспроти тоа што изгледа безгрижен и забавен, сепак е елегантен и префинет. Се добива впечаток дека партнерите кои танцуваат за целото времетраење се над подлогата за танцување.

ahmad-odeh-ckm1yAe6jhU-unsplashФокстрот е постар брат на квикстепот и доаѓа од Америка. Наречен е „најтешкото чекорење на светот“ и потсетува по малку на убаво време. Она што е карактеристично за фокстрот е што танчерите го менуваат темпото од брзо во бавно.
Од стандардниот танц ќе се префлиме на латиноамериканскиот и првиот за кој ќе зборуваме е Бразилска самба која има африканско потекло. Кога ќе помислите на самба, го замислувате Карневалот во Рио, со танчери во колоритна облека, прекриена со реси и пердуви како се тресат во ритмот на музиката. Самбата е брз танц, базиран на енергични движења на стапалата и колковите. Изгледа како да е танц за поврзување на луѓе кои штотуку се сретнале, што се обидуваат да го покажат најдоброто за го привлечат вниманието на другиот.

Одиме на Куба! Од таму потекнува ча-ча. Заедно со самбата, ова е уште едно флертување преку танц. Брза и силна работа со стапалата, ги вклучува и колковите – би требало, ако правилно се танцува. Она што е најтешкото во ча-ча е постојаното свиткување и исправување на колената.

Румбата е наречена танц на љубовта. Тоа е бавна и сензуална игра помеѓу партнерите, каде главната тема е заведувањето. Потеклото е од афричките племиња од Куба и датира од 1886 година, кога на ропството му беше ставен крај. Луѓето кои си ја повратија слободата се преселија во перифериите на градовите и создадоа мали заедници наречени solares. Од таму започнале забави со танцување наречени румба иако денешното натпреварување во румба е многу поразлично од она што се играло во solares заедници. Сегашната румба е развиена на источниот брег на САД, но во музиката сеуште може да чуеме афро-кубански тапани и ритми.

Пасодобле доаѓа од Шпанија и е преполн со страствени претстави од коридата и фламенко, истовремено. Во овој спектакл, едниот е секогаш матадорот, а другиот – неговата наметка или бикот. Ритмот на танцот изгледа како да е параден марш.
Џајвот потекнува од Америка, од првата декада од 20-от век и првпат беше претставен во Европа од американските војници, 30 години подоцна. Претходно познат како „џитербаг“ каде „џитер“ значи „нервозно скокање“. Џајвот е брз танц со карактеристични движења како скокање и клоцање. Секако дека треба да сте во форма за да можете неколку минути да скокате и клоцате.

Тоа беа неколку кратки стории за танците но не треба да се биде брз во изборот што ќе танцувате – едноставно пробајте ги сите!

Евелина Хањска
Преведувач: Горан Галабов

Извори:
https://wformie24.poradnikzdrowie.pl/treningi/taniec/taniec-towarzyski-podzial-i-charakterystyka-tancow-towarzyskich-aa-M4N9-umga-3hhK.html
https://en.wikipedia.org/wiki/Ballroom_dance

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: