Волонтерски Центар Скопје е дел од ЕУ проектот “Towards Effective Humanitarian Volunteering”
Главната цел на проектот е обука за сертифицирање на организации за програмата EU Aid Volunteers, која има за цел да обезбеди практична поддршка на напорите за давање хуманитарна помош и да придонесе кон јакнење на локалните капацитети во земји погодени од природни катастрофи. На тој начин EU Aid Volunteers им овозможува на европските граѓани практично да им помогнат на погодените заедници. Со цел ова да се постигне, волонтерите поминуваат низ обука за да стекнат потребни вештини за ефективно справување со последиците од природните катастрофи.
Одговорна за спроведување на проектот е организацијата ADRA од Словачка, а покрај Волонтерски Центар Скопје, учествуваат и организации од Киргистан, Ерменија, Франција, Непал, Камбоџа, Чешка, Србија и Либан.
Волонтерски Центар Скопје е прва и единствена организација од Македонија која учествува во процесот на сертификација. Со тоа, ВЦС го продолжува своето активно учество во различни хуманитарни акции и останува посветена во сферата на волонтирањето и помагање секаде каде што има потреба. Со овој проект се зголемуваат капацитетите на човечките ресурси во самата организација, но и се подигнува јавната и граѓанска свест за потребата од зајакнување на демократските структури и негување на хуманитарната димензија во општеството преку соработка и афирмација на младите.
Поради најновата ситуација со пандемијата на Ковид 19, обуката и состаноците се одвиваа онлајн, каде што ВЦС се стекна со потребните знаења, алатки и вештини за комплетирање на процесот на сертифицирање.
Практичниот тренинг започна на онлајн платформата Zoom и го одржуваше организацијата ADICE од Франција, која чекор по чекор нè воведуваше во процесот на комплетирање на потребните документи, алатки и формулари. Тие ни укажаа на потребата од креирање на правилници компатибилни со регулативите на EU Aid Volunteers, поврзани со безбедност, заштита на податоци, еднакви можности и недискриминација, заштита на деца и ранливи категории и кодекс на однесување.
По секој состанок, имавме „домашна задача“ да работиме на соодветните документи, кои требаше да бидат завршени до наредниот состанок. Ваквата динамика ни помогна навремено и редовно да ги завршиме документите и да ги имплементираме забелешките на кои ни беше укажувани од страна на организаторите.
Во текот на тренингот ни беше соопштено дека доколку успееме да ги комплетираме сите документи и процедури ќе може да аплицираме и за годишниот проект за распоредување на EU Aid волонтер како организација домаќин. Тоа ни даде уште поголем мотив да ги завршиме обврските во зададениот рок и успеавме да аплицираме за сертификација и за проектот за распоредување истовремено.
Волонтерски Центар Скопје во Mакедонија ќе одржува семинари, презентации и работилници на кои ќе ги информира младите и сите оние кои се заинтересирани за волонтирање за програмата EU Aid Volunteers и сите придобивки кои произлегуваат од неа.
Ова е изворедна можност Волонтерски Центар Скопје и Македонија да станат дел од големиот европски хуманитарен концепт кој е наменет да им помогне на земји што сакаат да ги зголемат своите локални капацитети, кои се погодени од различни природни катастрофи и општествени кризи на кои им е потребна професионална помош со цел справување со последиците.
Организаторите пружаа голема помош во целиот тек на обуката, нè менторираа и даваа поддршка при комплетирање на документите и беа секогаш спремни да одговорат на нашите прашања. Иако целата обука беше изведена онлајн, ние учесниците водевме дискусии и разменувавме искуства, и на тој начин се зближивме и развивме пријателски односи. Предвидени се и повеќе патувања во земјите-учеснички во проектот, но кога ќе се изведат зависи од ситуацијата со пандемијата на COVID-19. Се надеваме дека ќе имаме можност да се запознаеме меѓу себе и во живо, со што би го продолжиле и продлабочиле нашето пријателство и соработка. #euaidvolunteers #euav
Јосип Гегај
Андреј Наумовски
Leave a Reply